ТОЈ

ТОЈ

Ќе те побарам за жена. Ќе видиш. Еден ден, како гром од ведро небо има да клекнам пред тебе и да ти кажам дека кога се гледам себеси во староста се гледам со тебе… гледам како ти ја држам збрчканата рака. Ама уште си убава. Многу си убава. И ќе ти кажам тогаш дека сакам да бидеш мајката на моите деца. Ти и ни една друга. Ќе ти кажам тогаш дека сè останато во животот мој било само минлива фаза а ти си она вистинското. Па ќе почнеш да плачеш. Оти си лигушка. Па низ загушен плач ќе речеш да.

Кога се прашуваат зошто уште си ја немаат најдено сродната душа, оној вистинскиот или онаа вистинската, јас само се мислам дали навистина го/ја посакуваат. И дали знаат што сакаат. Зошто ние луѓето во главите си креираме нешто недостижно? За да имаме изговор кога нема да го најдеме, или кога нешто добро ќе пуштиме да ни се излизга од раце? Јас вистинската никогаш не ја замислував совршена. И фуфиците кои сум ги имал биле со рок на траење.

Ти си толку несовршена. Навидум збунета, неретко се бламираш а и да бидеме искрени не знаеш што сакаш во поголем дел од времето. И смешна си од што си толкава плашливка. Немаш веќе 5 години за да се плашиш од грмотевици. И дај престани да трошиш толку пари на козметика бидејќи никогаш нема да изгледаш како девојките од каталозите. И затоа проклето те обожавам.

ТОЈ

Кога те погледнав за прв пат, си реков подобро да има намера да ме прави среќна до крајот на животот. И кога за прв пат ме прегрна сакав да си стоиме така а светот околу нас што сака нека прави. Има еден филм со Кевин Костнер. Стар е. Излезе во годината кога сум се родила. Сепак тој е стар а јас не сум. Секогаш мојот совршен сум го замислувала како телохранителот. Да гази сè пред себе, да постои за да ме штити, а јас да бидам по малку размазена прцла.

Дека девојките во одреден период во животот се привлечени од страна на лошите момци е вистина. Ама девојката ќе мине низ многу фази во животот. Ако она што го гледате пред себе ви личи на онаа вистинската за вас, не глумете кретени. Само мит е тврдењето дека девојките сакаат да бидете кретени кон нив или кон другите. Ќе го одберат оној кој ги гледа како скапоцен камен со непроценлива вредност. И само ќе замислуваат како би му рекле „да“ кога еден ден ќе го постави големото прашање. И во главите имаат милион видови „да“ за таа намена.

Да, секој човек минува низ многу фази во животот. Ама постои нешто што е вечно. Нели мора да постои? Инаку која е целта?

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.