6 најпознати дезинформации за абортусот

6 најпознати дезинформации за абортусот

Иако абортусот е честа појава, и многу е веројатно дека познавате барем некој кој го направил тоа, сепак сѐ уште постојат многу митови поврзани со последиците од таквиот потфат. Овие се главно резултат на убедувањето на противниците на абортусот и лажните клиники кои ги водат истите луѓе, кои користат лаги за да ги одвлечат жените, кои имаат намера да абортираат, од таа идеја.

6 најпознати дезинформации за абортусот

1. Абортусот предизвикува рак на дојката

Ова е една од најраспространетите лаги. Всушност, врската помеѓу абортусот и ракот на дојката сѐ уште не е потврдена со веродостојни медицински докази. Во 2003 година, Националниот институт за рак организирал работилница со повеќе од 100 светски водечки експерти за бременост и ризици од рак на дојката, кои докажале дека абортусот не е поврзан со зголемување на ризикот од рак на дојката. Ова било потврдено и со студија од 2009 спроведена од Американскиот колеџ за акушери и гинеколози, кои покажале дека скорешните сериозни и методолошки цврсти истражувања покажуваат дека нема каузална врска помеѓу изведениот абортус и подоцнежното зголемување на ризиците од рак на дојката.

2. Абортусот предизвикува неплодност

Ова е лага која лажните клиники за грижа на бремени жени ја користат за да ги заплашат и на тој начин да ги премислат жените кои се одлучиле за абортус. Но, како и за претходниот мит, така и за ова тврдење не постојат легитимни научни докази. Според Клиниката Мајо, абортусот не е причина за проблеми со плодноста или други компликации во идната бременост. Исто така Институтот Гутмакер, кој е независна организација за унапредување на правата и сексуалното и репродуктивно здравје, вели дека абортусот извршен во првото тромесечје не покажува долготраен ризик за неплодност.

3. Повеќето жени се каат што абортирале

Статистички гледано, некои жени се каат за абортусот. Но, факт е дека мнозинството не покажуваат знаци на каење како главна емоција после зафатот. Една скорешна студија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, открила дека 90% од жените кои извршиле абортус изјавиле дека им олеснало, додека оние кои укажале на негативни чувства по чинот не се каеле односно не мислеле дека направиле грешка. Во истата студија, 80% од жените кои имале негативни емоции, сепак чувствувале дека абортусот бил вистинскиот избор за нив.

4. Штом жената види слика од фетус на ултразвук, таа нема да може да абортира

Ова не е ни одблизу точно. Според скорешна студија објавена во Списанието за акушерство и гинекологија, од 40% кои одбрале да одат на ултразвук, 98,4% сепак продолжиле со абортус. Ова убедување кое го шири анти-абортус движењето дури помогнало во преземање законски мерки за задолжителен ултразвук во 23 земји во САД. Но, и покрај наметнатата регулатива, таа нема ефект во спречувањето на абортусот.

5. Абортусот за жените е психолошки штетен

Противниците на абортусот често го промовираат т.н. пост-абортусен синдром, понекогаш наречен пост-абортусен стресен синдром, како доказ дека оние кои ќе го направат зафатот, емоционално и психолошки ќе патат. Но, во суштина не постои такво нешто како пост-абортусен синдром. Тоа е само мит. Тоа не е ниту медицински термин бидејќи не е медицински реален. Работната група за ментално здравје и абортус при Американската психолошка асоцијација категорично потенцира дека не постојат докази дека некој абортус предизвикал ментални здравствени проблеми.

6. Абортусот го загрозува здравјето и животот на жената

Демонстрантите кои се залагаат против абортусот често велат дека тој им наштетува на жените, дека е небезбеден и дури смртоносен. Но, тоа не е така. Не е смртоносен кога се изведува легално и во безбедни услови. Според Институтот Гутмакер, ризикот од смрт при абортус е 10 пати помал од ризикот од смрт при породување. Исто така, во првото тромесечје од бременоста, абортусот е една од најбезбедните медицински процедури со 0,05% ризик за големи компликации кои би барале болничка грижа. Ризикот од смрт при абортус до 8 недели е буквално 1 во милион.

Реалниот ризик од смрт настапува само во случај кога абортусот се изведува небезбедно: во 2008 година имало 47.000 смртни случаи од небезбедни абортуси ширум светот. Затоа, опасноста за здравјето и животот на жените не лежи во безбедноста, пристапноста и легалноста на абортусот, туку во оние кои се обидуваат да го спречат.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.