Нов vs. половен феминизам
Сè некој навива. Фудбал, кошарка… веќе не знам што се игра, кога се игра, кој игра… а искрено, не ми е ни гајле. Сакам да гледам спорт, не велам не, ама тоа е најчесто кога игра наша репрезентација. Јас сум голем патриот, да се разбереме, сакам да навивам за мојата земја. Тоа што не се разбирам баш од спорт и не е толку битно. Викам кога викаат и другите, давам знаци на нервоза кога и другите се нервираат, и нема никаков проблем.
Е сега, ако од една страна, во многу наврати зборувам за полова еднаквост, а од друга страна, кажувам дека врска немам од спорт, дали тоа ме прави лицемерна? И ако утре кога ќе земам возачка, пробам да се извлечам од добивање казна со тоа што ќе се умилкувам (бидејќи сум си нежно девојче), дали и тоа ме прави лицемерна? Или ако зборувам за важност на женскиот род а се нарекувам „патриот“ без „ка“ на крајот, можеби пак и со тоа сум лицемерна?
Ако некој кретен ти свири на улица, а ти се завртиш и го отераш на едно убаво место, ќе испаднеш феминистичка кучка. Ало женска, олабави малку. А ако пак не изреагираш никако ти си лесна или слаба или не знаеш да се браниш… Или ако играш со некој одбојка на плажа и ти рече (демек на шала) да не скокаш толку бидејќи го деконцентрираш (гради, скокови, се разбираме), и ако одлучиш да го плеснеш со топката по фаца пак си феминистичка кучка, или еве нека биде лутка. Шо се лутиш ма одма? А ако останеш да играш, ти си лесна. Женска, само што ти реков дека ти се ѕверам во женските атрибути а ти продолжуваш да ми се тресеш…
Пушташ телевизија гледаш жени играат фудбал, на нареден канал маж ви дава предлог што да си подготвите за ручек. Излезена си со другарки, и две од нив зборуваат како фатиле на спортска додека на соседната маса неколку типци се сликаат наздравувајќи со коктели. Баравте рамноправност? Гледајте ја. Сета таа прашина околу рамноправност веќе станува без врска. Не станува збор за ништо друго освен за различни полиња на интерес. Има жени кои се страсни фанови на фудбалски клуб, има мажи кои сакаат да месат леб и да приготвуваат ручек. И помирете се со тоа.
Феминистки кои се избориле за свои права се оние од типот на Луси Стон и Сузан Антони. Зборувам за време кога на жените не им бил дозволен развод, ниту имале право на глас, ниту пак смееле да носат панталони. Тогашните феминистки носеле панталони иако биле јавно исмејувани поради тоа. Денешниве „модерни феминистки“ се акаат во гради преку ден а навечер се фрцкаат со кратките фустанчиња и високите потпетици.
Што сакам да кажам? Веќе нема потреба од зборување и мавање во гради, жени сме – можеме. Па секако дека можеме, некој да не ви рекол седи дома, не смееш да учиш, не смееш да работиш? Или можеби се декларираш себеси како феминистка само за да се одбраниш кога во суштина нејќеш еманципација на својот пол и сакаш да си седиш дома и парите да ти паѓаат од небо?
Да се разграничат поимите феминизам и борба за правата на жената, и овој некој нов облик на модерен феминизам базиран на клише изрази и фаќање за ситници, не рече „директорка“ туку „директор“. Многу се зборува а малку се прави. Таквиот изобличен феминизам, мене лично, ми оди на нерви.
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
