Справување со анксиозноста

Справување со анксиозноста

Ен почнала да бара онлајн лекови за нејзиното куче. По 3 часа таа сè уште го прави истото, веб-сајт по веб-сајт, брендови, цени, состојки – во обид да го најде вистинскиот лек. Конечно, во 23 часот нејзиниот маж морал да дојде и со сила да ја тргне од компјутерот.

Том порано правел листа на сите работи кои планирал да ги носи со себе кога оди на пат. Денес, тој има 3 листи – листа за листата за листата. Дел од него знае дека тоа е малку лудо, но сепак не може да се откаже од нив.

Сара се разбудила во 2 по полноќ со мислата дека не ги пополнила сите податоци во нејзиниот документ за даноци. Истата вечер, таа повеќе не заспа.

Справување со анксиозноста

Ах, таа наша стара пријателка, анксиозноста. Сите оние нешта поврзани со живеењето во иднината, очекувањето на најлошото, чувството во стомакот и опсесијата… Понекогаш анксиозноста е ран систем за предупредување кој нè подготвува за опасностите кои ни претстојат, но понекогаш таа знае целосно да ни избега од контрола. И тогаш станува проблем. Доколку ја испуштиме од раце и ѝ дозволиме да ни кажува што да правиме, нашиот свет полека, но сигурно ќе стане многу помал.

Клучот во справувањето со анксиозноста е преземањето на контролата во ваши раце. А тоа можете да го постигнете преку наредниве 4 чекори:

1. Сфатете кога вашиот анксиозен ум ги презема работите. Првиот чекор е да препознаете кога анксиозноста почнува да ви бега од контрола. Кои се вашите знаци и симптоми – затегнување во градите, опсесивно запрашување од типот „што ако…“ или пак, некои од секојдневните проблеми како парите, вашата работа, телесната тежина… кое било чувство кое ве тера да станете понесигурни и анксиозни. Не мора да навлегувате длабоко во корените на овие мисли, доволно е само да ја препознаете анксиозноста во истиот момент кога ќе почне да се појавува.

2. Одлучете дали проблемот кој ве опседнува е рационален или ирационален. И покрај тоа што анксиозноста е ран систем на предупредување, софтверот кој управува со тој систем би можел да биде расипан. Почетокот на анксиозноста се наоѓа во некои ситуации од детството. Но, со тек на време наместо да се намали, таа се зголемува и веќе не прави разлика помеѓу старите опасности и новите. Токму поради тоа вашиот возрасен рационален ум мора да настапи на сцена. Дајте си малку време на себе за да сфатите дали постои вистински проблем или пак, станува збор за ирационална пречка која мора да ја решите сами со себе.

3. Преземете ги работите во ваши раце. Соочувањето со причините за анксиозноста може да ја намали истата. Но, доколку не постои вистински проблем кој може да се реши во сегашноста, како на пример грижите за вашиот живот во иднината, тогаш мора да се фокусирате на контролирање на вашите мисли. Дишете длабоко, бидете што е можно посвесни за сите мисли кои ви поминуваат низ глава, медитирајте, вежбајте… Почнете да правите нешта кои ќе го одвлечат вашето внимание во друга насока, но доколку ништо не успева почнете да ги запишувате опсесивните мисли. Колку повеќе запишете, толку подобро ќе биде за вас. На тој начин ќе станете посвесни за сите оние нешта што ви поминуваат низ глава и ќе можете многу полесно да сфатите колку всушност се тие ирационални.

4. Подобрете ја самодовербата така што ќе ги правите оние нешта кои ве плашат. На најосновното ниво, анксиозноста претставува страв. И како и секој друг проблем, така и за справувањето со анксиозноста имаме добра и лоша вест. Добрата вест е што можете да го научите вашиот мозок како да ја намали осетливоста на овој ран предупредувачки систем. Но, лошата вест е дека за да го постигнете тоа, ќе мора да вежбате така што директно ќе се соочувате со оние нешта кои ве плашат. На тој начин, полека но сигурно ќе ја зголемувате вашата самодоверба и ќе ја намалувате вашата осетливост на анксиозноста.

Секако, почнете со помали чекори. Со нешто кое е надвор од вашата удобна зона, но кое нема целосно да надвладее над вас. На тој начин ќе се тренирате себеси да ѝ пристапувате на анксиозноста, наместо да ја избегнувате. Многу брзо ќе забележите дека вашиот страв ќе се намалува, додека пак вашата верба во вашите способности да се справите со ситуациите кои ви предизвикуваат анксиозност ќе се зголеми.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.