Зошто мажите се женат со кучки?

Зошто мажите се женат со кучки?

Да се пишува за врските и односите меѓу мажот и жената отсекогаш била интересна тема која никогаш не излегува од мода и секогаш може дополнително да се разработува. Дури уште во библијата се раскажува како Адам каснал од јаболкото само за да биде казнет исто колку и Ева (значи да се разбереме, ако ние јадеме од јаболкото има да јадете и вие), или како што рекла Ме Вест, „Кога жената ќе тргне по крив пат, мажот ја следи зад петици“.

Зошто мажите се женат со кучки?

На подот до мене стои „Зошто мажите се женат со кучки“, отворена до пола и свртена наопаку. Си велам, Шери Аргов не би требало да се буни што ѝ го „позајмив“ насловов, мислам дека сепак нема да си ги бара авторските права… Во секој случај, авторката прави доста добра поента со оваа книга, само што не сум сигурна дали на Балканот, со нашиот менталитет би можеле да ја „свариме“. Кучки. Што точно се мисли? Можеби сè што е спротивно од фина девојка која гледа на секој можен начин да му угоди на мажот, да се покаже дека е добра домаќинка, дека е супер во кревет, сè со цел тој што поскоро да клекне на коленици пред неа и да ѝ стави прстен на рака.

Иако балканското во некои од мажите кај нас не им дозволува да трагаат по независни жени, добар дел од припадниците на погрубиот пол бараат жена со самопочит, со свое мислење и став, способна да заработува и да се грижи за себе и да биде достојната половина од целината наречена брак. Тоа се оние добро воспитани момци кои ќе ја гледаат својата девојка или сопруга како рамноправна на нив, а не со цел да ја понижат при првата прилика. Повторувам, добар дел, не сите.

Јас бев ужасно запрепастена кога пред нецела година, млада девојка ми се исповеда зошто се одлучила да не работи. Нејзиниот дечко ѝ рекол дека нема шанси да ѝ дозволи да работи, „само кажи ми колку пари ти требаат“. Прво, да се задржиме на она „дозволи“. Рака на срце, јас ако од некого барам дозвола, тоа би бил татко ми. Е сега, да си горда на тоа што дечко ти ќе те издржува и еден ден в лице ќе ти плесне „затни ја муцката без мене не можеш ни пудра за лице да си купиш“, е твој избор и твоја одлука.

Настрана од конзервативните балкански алфа-мажјаци кои сакаат жени-безрбетници кои само ќе климаат со главата, на современите мажи не им треба некоја која ќе биде добра домаќинка, а за возврат ќе треба да ја финансираат и да се грижат за неа како за дете. Мажите често на самостојните и независни жени им го ставаат епитетот „кучка“, од проста причина што чувствуваат закана за нивното его и машкост. Токму во тоа е поентата (и на денешнава колумна, и на книгата), инаку што е за право, никоја од нас не би требало да се однесува како ладна и недопирлива кучка.

Сепак, мило ми е што модерното движење на светот придонесува за крајниот избор на многумина од мажите да бидат независни жени. Тоа значи дека полека но сигурно го оттргнуваме старомодниот систем „мажот е тој кој го носи лебот дома“. Епа драги мои, крајно време беше жените да ги земат работите во свои раце.

„Мажот не се жени со жена која го става на пиедестал. Тој сака жена што е рамноправна со него… посебна жена со која може да ги сподели сите најубави животни моменти“.

До следото читање,

Вашата Ели.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.