Што се смета за успех во денешното општество?

Што се смета за успех во денешното општество?

Ние сме генерација млади кои пијат зелено смуди наутро и јадат веганска храна. Имаме политичко мислење и се грижиме за загадувањето на воздухот. Постојано читаме кој што кажал и ги поддржуваме нашите истомисленици, а се расправаме со останатите. Постоиме за да си ги воочуваме грешките и да докажуваме кој од нас е „најосвестен“.

Што се смета за успех во денешното општество?

Купуваме дезодоранси без алуминиум, имаме свои блогови и календари со означени датуми. Ги замолуваме пријателите да нѐ фотографираат за да го документираме она што сме го направиле, читаме книги за самопомош но не ги нарекуваме така, споделуваме лични есеи на други луѓе и велиме дека целосно се пронаоѓаме во нив.

Постојано се обидуваме да го најдеме полесниот пат за да го постигнеме она што го сакаме. Се откажуваме од убавите кафиња наутро за да заштедиме пари и да можеме да си купиме автомобил. Постојано наоѓаме начини да привлечеме повеќе следбеници, се обидуваме да откриеме во кој период од денот добиваме најмногу лајкови и ги признаваме за реални само работите што се објавуваат онлајн, без разлика дали станува збор за нова работа или врска. Се будиме и веднаш проверуваме колку известувања сме добиле, а заспиваме додека разгледуваме што се случува на почетната страна.

Кога ќе почувствуваме дека не можеме да издржиме повеќе, почнуваме маратонски да гледаме серии. Ние сме паметни и независни и мора да научиме како да живееме со некого бидејќи сме навикнале да бидеме сами. Сите мислиме дека го имаме одговорот на прашањето „Како да го претвориме распаднатиот систем во утопија?“ Ги цениме длабоките разговори и ги презираме осудите и покрај тоа што постојано се осудуваме себеси и другите.

Никогаш не сме таму каде што сакаме да бидеме, и сите мислиме дека треба да ни се случи нешто големо. Сите мислат дека треба да станат следната најголема Интернет сензација или најуспешната личност во одредена област. Сите мислат дека би можеле да напишат извонреден роман, да го направат најгенијалниот бизнис план што некогаш постоел, да измислат филозофија што ќе му даде нова смисла на постоењето, кога би имале време и пари за да почнат со работа.

Што се смета за успех во денешното општество?

Нашата иднина е неизвесна. Одиме на часови по јога и редовно вежбаме во теретана. Учиме да готвиме од Јутјуб и имаме цврсти ставови за сѐ што се случува во светот. Постојано сме зафатени. Уживаме во виното. Имаме посебни рутини за нега на кожата и секогаш сме подготвени за камерата. Немаме интереси, туку идентитети. Се залагаме за правдата. Само ги прелистуваме книгите, а велиме дека сме ги прочитале. Само слушаме, а велиме дека сме разбрале.

Сѐ може да се фотографира и сѐ се продава. Наместо да ги купуваме производите од рекламите, рекламите нѐ купуваат нас, нашата облека и нашата храна на профилите на Инстаграм. Ги означуваме брендовите со кои сме премногу приврзани. Навистина сме независни! Мислиме дека сме потфрлиле ако не сме започнале бизнис или ако не правиме нешто поразлично, нешто посебно, нешто за коешто вреди да се напише книга.

Секогаш има простор за напредок. Не сакаме брак и кариера, сакаме сродна душа и смисла. Велиме дека ако успееме да влијаеме само на една личност од нашиот живот, сиот наш труд нема да биде залуден. Најверојатно сме во заблуда, бидејќи има една личност која никако не можеме да ја спасиме, а тоа сме ние самите.

Ние сме генерација млади што велат „Можете да бидете сѐ што ќе посакате“, а слушаат „Мора да бидете сѐ што можете да бидете“. Ние сме тие што почнаа да мислат дека успехот треба да ни помогне да бидеме забележани, без да се запрашаме дали како последица на денешниот успех може да исчезнеме.

Несомнено е дека младите денес се и многу анксиозни поради брзиот начин на живот. Во продолжение прочитајте зошто анксиозноста е најголемото зло што му се случило на денешното општество.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар