Отворено писмо од девојка која се обидела да изврши самоубиство до сите кои поминале низ истото

Во денешно време, самоубиствените мисли се многу чест проблем кај младите луѓе иако речиси воопшто не се зборува за тоа. Депресијата има земено голем замав, но за жал не се сфаќа сериозно и се занемарува како психичко нарушување кое треба да помине само од себе. Младите луѓе кои страдаат од депресивни мисли не се осмелуваат да зборуваат за тоа од страв дека ќе бидат исмеани и несериозно разбрани. Поради тоа, тие решаваат самите да поминуваат низ тој тежок период од животот што на крајот може да доведе до помисла на самоубиство и обид за истото. Оваа девојка решила отворено да проговори за тоа како се чувствувала во тие тешки моменти, со цел да им помогне на сите кои минуваат низ истото и да ги увери дека не се сами. Во продолжение прочитајте го нејзиното трогателно и неверојатно искрено писмо…

Отворено писмо од девојка која се обидела да изврши самоубиство до сите кои поминале низ истото

Здраво,

Самиот факт што го читате ова е доказ дека сте живи. Знам дека тоа не го сметате за голем успех, но дозволете ми да ви кажам дека сте го направиле вистинскиот избор. Сте го направиле вистинскиот избор кога сте решиле да се борите за себеси.

Сте го направиле вистинскиот избор кога сте одбрале да станете од кревет без оглед на тоа колку сте сакале да се сокриете под ќебе и никогаш да не го видите сонцето надвор. Сте го направиле вистинскиот избор кога сте отишле на советување иако самата помисла на тоа ви предизвикувала чувство на немир. Сте го направиле вистинскиот избор кога сте решиле да разговарате со најблиските пријатели и семејство за тоа колку лошо се чувствувате и кога сте ја прифатиле нивната помош. Сте го направиле вистинскиот избор кога сте се одбрале себеси.

Сте се одбрале себеси. Зар не тоа нешто со кое сите се мачиме? Имаме проблеми со дозволувањето. Не си дозволуваме себеси да прифатиме љубов затоа што мислиме дека не ја заслужуваме. Не си дозволуваме себеси да признаеме дека ни е тешко и дека ни треба помош за да се извлечеме од бездната во која полека тонеме. Но, вие сте го направиле тој избор. Сте го направиле денес. Знам дека не е лесно да се прави тоа секој можен ден, но вие успеавте. И искрено верувам дека можете да го направите истото и утре и задутре, затоа што навистина заслужувате.

Заслужувате да се борите за себе. Заслужувате да бидете сакани. Заслужувате да одберете.

Да, знам колку ви е тешко да им поверувате на овие зборови. Знам дека тешко ви е да ги проголтате, а камо ли прифатите. Но, тоа е во ред. И сите знаеме (иако понекогаш не сме целосно уверени) дека вистината победува на крајот. А вистината е дека мракот никогаш не може да ја надвладее светлината. Сенката е доказ за постоењето на сончевата светлина. Сѐ уште не можеме да ја видиме сончевата светлина затоа што сѐ уште се движиме напред-назад во навидум бесконечниот тунел. Не ги чувствуваме топлината и надежта кои ги носи сончевата светлина затоа што навидум бесконечниот тунел е мрачен, страшен и навидум непрооден исто така.

Но, постои светло на крајот од тунелот и вие сте доволно силни за да стигнете до таму. И ќе успеете без разлика колку невозможно ви се чини тоа, затоа што вашата приказна вреди да се раскаже. Затоа што постојат и други ранети кои не веруваат во љубов, надеж и заздравување и вие ќе бидете тие кои ќе им кажат дека успехот не е мит. Вие самите сте го докажале тоа.

Да, заздравувањето е возможно.

Но, патот до него не е рамен. Ако ви кажам дека патот е само незгоден, ќе ве излажам. Ќе биде хаотично. Напнато. Многу болно. Ќе има денови кога ќе сакате да кренете раце од сѐ и да ставите крај. Ќе има денови кога состојбата ќе ви се влошува. Ќе има денови кога ќе сакате да се откажете од целиот процес и да заборавите на тоа колку далеку сте стигнале. Но, ќе продолжите понатаму без оглед на незамисливата агонија, затоа што знаете дека сите ние имаме улога на овој свет и никој не би можел да ја одигра вашата подобро од вие самите. Вие сте незаменливи.

Треба со нетрпение да го очекувате вашето заздравување. И не се брзајте. Кому му е гајле ако ви се потребни години за да стигнете до таму? Никој нема право да го става вашето заздравување во временска рамка. Ќе излезете од тунелот и еден ден ќе го видите величественото сонце, а за кој ден станува збор, не е ничија грижа. Затворете ги очите и престанете да се нервирате поради туѓите зборови. Отворете ги ушите (и срцето) само за оние кои можат да ви помогнат да ја преживеете болката.

Да, уште се мачите. Но, само затоа што сѐ уште се мачите тоа не значи дека не сте на правиот пат кон вашето заздравување. Таму сте. Само продолжете да одите. Само продолжете да живеете.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар