Најчестите грешки во флертувањето на 20-годишниците

Од „пијани“ повици и пораки до поттикнување љубомора, ова се дел од најчестите грешки при флертувањето на дваесет-и-нешто-годишниците.

Алкохолот како најдобар другар

Да, алкохолот прави да бидеме поопуштени, но дали тоа е вистинско решение доколку немате храброст да му/ѝ пријдете на дечкото/девојката кој/а ви се допаѓа? Да не зборуваме за стадиуми на пијанство кога веќе не сте ни свои а не ни знаете што зборувате. Како прво, оставате многу лош впечаток а како второ не се покажувате во вистинско светло. Можеби ќе поминевте многу подобро ако бевте трезни.

Најчестите грешки во флертувањето на 20-годишниците

Задевање како флерт техника

Во ред, кога бевте мали можевте да ѝ го кренете фустанчето на другарката од градинка бидејќи не знаевте како да го привлечете нејзиното внимание. Но на дваесет и нешто години, тоа не е никаков изговор. Ѝ приоѓате на девојка за која мислите дека е навистина слатка и паметна и вашата прва реченица е „Баш супер ти е задникот во тие фармерки.“ Дури и кога задевањето е прифатено од другата страна, тогаш најверојатно ќе развиете пријателски однос, но тешко дека ќе ги добиете посакуваните резултати.

Избегнување комуникација лице во лице

Сосем разбирливо е да бидете срамежливи кога некој ви се допаѓа, но до кога би траела таа комуникација преку СМС-пораки и разговори на социјалните мрежи? Дали воопшто тоа е начин да се започне врска? Виртуелната комуникација е одличен начин да се заштитите и неретко сите го гледаме како безбедно поле. Но еден ден ќе мора да соберете храброст и отворено да разговарате со личноста која ви се допаѓа.

Најчестите грешки во флертувањето на 20-годишниците

„Обележување“ на конкуренцијата

Не значи дека сите останати припадници на вашиот пол ви се конкуренција. Без разлика колку се сомневате, не ја покажувајте љубомората и не поставувајте се кон сите останати како да се ваши конкуренти. Зарем би можеле да го минете цел живот докажувајќи дека сте подобри од другите и уништувајќи го секој оној кој макар навидум ви се чини дека сака да го освои она што е ваше? Нели е заморувачки?

Флертување со други за да го/ја направите љубоморен/на

Постојат многу начини да покажете дека вредите, овој не е еден од нив. Една од најголемите грешки кои ги правиме кога сакаме да заведеме некого е одбирањето сосем погрешен начин за да покажеме колку сме посакувани. Дека навистина е придобивка некој да ве има крај себе, самиот тој ќе сфати по одредено време.

Пребрзо станувате сериозни

Колку и да имате сериозни намери со некој, не доведувајте се во ситуација да зборувате за вашата заедничка иднина уште на првиот или вториот состанок а веќе третиот да биде запознавање со родителите. За сè треба време, така и за љубовта.

Најчестите грешки во флертувањето на 20-годишниците

Зборувате за бившиот/ата

Ова не само што не е воопшто паметен потег туку е вистински рецепт за самоуништување. Зарем навистина сакате да изгледате како очајна личност која не е способна да продолжи понатаму со животот? Никој не сака да си има работа со човек кој не може да го остави минатото зад себе.

Зборување само за себе

Случајно да не сте малку себични? Или можеби самобендисани? Тоа што треба да разговарате и да се запознавате не значи дека треба да бидете полни со себе и да зборувате само за вас самите.

„Пијани“ повици

Да скратиме: никој не сака повик во 3 сабајле од пијана личност која не само што звучи очајно туку и пореметува нечиј сон.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар