Љубомора – сигурен убиец на секоја врска!
Автор: Катерина Неделкоска
Денес почнав да размислувам за љубомората. Дали е добро да ја има и ако да, во која количина?! Ако ме прашувате мене, малку љубомора е корисна за секоја врска. Кога викам малку, значи ептен малку, еве на пример она мутаво чувство што се јавува од време на време, поради опасноста дека може да ја изгубите личноста што ја сакате. И тоа е тоа. Без драми, без напади во јавност, а богами ни приватни напади, зашто од таква беља никој аир не видел.

Исто како што јас не сакам дечко ми да ми драматизира и да паѓа во несвест секој пат кога некој ќе се поздрави со мене додека сме излезени, било да е дискотека, кафуле, па и на сред плоштад да е, небитно, и јас не сум склона на такви испади. Што порано си сфатиме дека тој некој си имал живот пред нас, живот што вклучува девојки, забави, секс, сè по ред, толку полесно ќе си продолжиме со врската. Па јас не сум светица, нели?! 🙂 Сум имала и јас живот пред него, а ќе имам и после него.
Никако не можам да ги разберам оние партнери кои забегале до тој степен што си ги знаат пасвордите на Фејс, мејл, Твитер, пинови и заштитни кодови на телефоните, строго филтрирање на фејсбук-пријатели, девојката да нема бивши во пријатели или па не дај боже некои дечки што не ги знае лично, да не случајно ѝ остави некој од нив лајк или па коментар, скраја да е! Неговиот профил исто така никако да нема бивши девојки, девојки на пријатели, девојки што не ги познава лично, строго најтесен круг на пријатели и роднини. Што ќе му се школски пријателки, демек некогаш пак ќе ги види?! И мобилниот телефон. Кај нејзе 20-30 броеви од најблиските, и слики строго нивни заеднички, со други луѓе, никако! Исто и кај него. На пиво со другарите еднаш неделно, или уште подобро, еднаш на две недели, што ќе му е толку пиво, уште па да се здебели на крај. 😀 Кафе/коктели со пријателките онолку пати колку што него му е дозволено да излезе на пиво со другарите. Дискотеки и кафани не доаѓаат предвид за сингл излегувања, таму само заедно. Ако едниов малце повеќе испие, обавезно да не прават муабет во следните две недели, па тоа е сериозна грешка!
И да ви кажам што беше последното нешто што го слушнав за една врска на една девојка што не ми е блиска пријателка, но ете почувствувала потреба да ми се довери. Си ги знаат пиновите на кредитните картички, односно да бидам поконкретна, тој го знае пинот на нејзината кредитна картичка, па ѝ ја позајмува од време на време, да провери дали претерала со шопинг, или па да си купи нешто за него, ако не му стигнат неговите пари. Кааааде бе со тој муабет?! Мене татко ми не ми го знае пинот на картичката, а не па некој контрол-фрик кој по некоја случајност се погодил да ми биде дечко! Што е многу, многу е!
За моја среќа, јас овој љубоморниов ген или го имам во минимални неприметливи количини, или па воопшто го немам. А и уште една среќа моја, се гледам со дечко што исто така или го има во минимални неприметливи количини или воопшто го нема. Lucky me! 😀
Мене ми е смешна целата таа претстава со мобилните телефони, мојот телефон е моја приватна работа, исто како што неговиот телефон е негова приватна работа, и да ви кажам најискрено, воопшто не ме интересира ништо околу тоа. Исто и Фејсбук. Малку ми е налудничаво сето тоа контролирање на кој што каде пишал, единствено што може да се постигне е да си всадам некој сомнеж, и ете ми после главоболки за некоја што најверојатно или му е братучетка или школска или бивша, сеедно, не ме интересира. А од друга страна па не кријам ништо, мојот телефон секогаш стои на маса и воопшто не би ми било проблем ако некогаш не можам во моментот да кренам слушалка, а тој е поблиску да се јави.
Во мојов случај голема улога игра инаетот и забраните. Делуваат целосно контрапродуктивно, што повеќе забрани и правила добивам, толку ми е поинтересно да ги кршам. Сум била во врски во кои пробувале да ми наметнат некои правила и забрани, и истите завршиле со раскинување откако претходно сум ги направила сите бељи колку да докажам дека не следам ничии правила! Ама затоа вака кога ми е дозволено да имам свој живот и да правам што сакам, секако во граници на нормалата, баш и не ми е интересно да се глупирам. Ја давам истата слобода што ја добивам, и да ви кажам најискрено, тоа е најдобрата комбинација.
