Како да се справите со љубовно разочарување?

Никој не се чувствува добро кога некој ќе го одбие за нешто, особено кога станува збор за одбивање од личноста на која не можете деноноќно да престанете да мислите. Во секој случај, доколку станете свесни за позитивниот и негативниот исход од таквото одбивање, ќе сфатите дека еден ваков неуспех не значи дека треба да се чувствувате посрамотено и потиштено. Сите луѓе во светот морале да се соочат со одбивање во некои периоди од нивните животи, па затоа прифатете го како составен дел од животот, исправете се гордо и почитувајте се себеси. Прочитајте ги овие 6 начини за справување со разочарувањето, кога некој ќе одбие да биде во љубовна врска со вас.

Како да се справите со љубовно разочарување?

1. Дистанцирајте се од проблемот

Учењето како да се справите со одбивање не е лесна задача, но ако научите како да се дистанцирате од ситуацијата, може да се чувствувате многу подобро. Размислувајте на нешто друго, не дозволувајте да ве понесат негативни мисли. Запомнете дека без разлика што овојпат личноста која сте ја посакувале одбила да излезе со вас на состанок, наредната што ќе ја запознаете може ќе биде онаа вистинската за вас.

2. Размислете зошто сте одбиени

Една од најголемите лекции кои треба да ги научите кога некој од спротивниот пол ќе ве одбие, е да се запрашате себеси зошто тоа се случило. Дали можеби вие сте згрешиле нешто? Дали со некоја ситуацијата сте требале подобро да се справите? Ставете се себеси во чевлите на таа личност и помислете каква би била вашата реакција на ситуацијата. Заклучокот кој ќе го донесете од вашето размислување можеби ќе ви помогне да не ја повторите истата грешка во иднина, без разлика дали сте биле или не сте биле главните виновници што работата лошо се завршила.

3. Бидете свесни за вашите емоции

Не можете некого да принудите да биде со вас ако не сака. Понекогаш едноставно не постои доволно високо ниво на привлечност, можеби личноста која ви се допаѓа сѐ уште не може да го преболи бившиот партнер или едноставно сака да остане сингл. Секогаш постои причина зошто некој ви кажува „не“, а проблемот може воопшто да не се крие во вас. Искористете го времето за себе додека не се појави некоја нова личност во вашиот живот и размислете добро што е она што ве доведе до ваква состојба.

4. Споделете го искуството со пријателите

Постои причина зошто луѓето сакаат да имаат пријатели: за да имаат со кого да поразговараат за убавите, но и за неубавите случувања во животот. Јавете им се на вашите најдобри пријатели или седнете на разговор со вашиот брат/сестра и испразнете си ја душата. Ќе се чувствувате многу подобро откако некој ќе ве ислуша и разбере низ што поминувате.

5. Останете активни

Само затоа што некој одбил да излезе со вас не значи дека дошло крајот на светот. Без разлика што можеби ве фаќа депресија и во моментот мислите дека никој не ве сака, реалноста е поинаква. Има многу луѓе кои би сакале да излезат со вас, но можеби сѐ уште не сте ги запознале. Најдобриот начин да се изборите против деструктивноста е да останете активни. Редовно спортувајте, слушајте гласна музика, пејте под туш, излегувајте во град . Правете сѐ што ќе ви ги оттргне мислите од таа личност.

6. Концентрирајте се на себе

Да речеме дека вашето сценарио изгледало вака: веќе подолг период сте „затрескани“ во некоја личност и конечно сте собрале храброст да ја викнете на кафе. Притоа таа личност ве одбива и си заминува од вашиот живот оставајќи ве со скршено срце. Но, да бидеме реални, ова одбивање може и да ви го олесни, а не да ви го искомплицира животот. Ако таа не била вистинската личност за вас и вие двајца сте почнале да излегувате, секако после неколку месеци ќе сте сфателе дека не сте еден за друг и ќе сте биле уште поразочарани и со скршено срце. Наместо да очајувате, закажете си професионална масажа, отидете во сауна или на шопинг. Правете го она коешто најчесто ве разведрува и прави да се чувствувате добро во врска со себе. Сакајте се себеси и бидете сигурни дека тоа некој ќе го забележи и ќе го смета за секси.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. v Reply

    to be in someone’s shoes = да се биде во нечија кожа

    • Кристина Шумадиева Reply

      Ви благодарам на коментарот, но мислам дека двете фрази активно се користат во македонскиот јазик и „носење туѓи чевли“ не е чудно да се каже. Воедно, текстовите објавени на овој портал не се чист превод, туку се и детално обработени и во нив е оставен личен печат на секој автор, после што одат на темелен преглед кај главниот уредник. Така што не може баш да се каже дека можете некоја македонска реченица или фраза да кажете дека е или не е еднаква на нејзиниот превод на англиски. Поздрав

Остави коментар