Како да се справите со големите животни промени?

Нашите животи постојано се менуваат. Но, понекогаш овие промени можат да дојдат одеднаш и непланирано. Тие нè удираат толку силно и неочекувано, што сме принудени да направиме еден чекор наназад за да можеме да го анализираме она што ни се случило. Овие огромни животни настани на почетокот можат да изгледаат драматично и тешко за прифаќање и токму поради тоа многу е важно да си дадеме на себе доволно време за да можеме да ги обработиме. Многу често во вакви ситуации се јавува една нездрава тенденција да се „одржуваме себеси зафатени“. Ние би направиле сè само да не размислуваме на она што се случило, без разлика дали станува збор за дополнителна работа, поактивно дружење со луѓе, непрестајно гледање телевизија или слично. Но, овој начин на справување со големите животни промени е многу погрешен…

Како да се справите со големите животни промени

Дозволете си на себе едноставно да седнете и да размислите

Сигурно на секој од вас му се случило да заборави на придобивките од размислувањето на само. Најчесто оваа ситуација луѓето ја гледаат како негативна и депресивна, но вистината е дека тоа е потреба која секој здрав ум мора да ја исполни. По големите животни настани, многу е важно да седнете, да размислувате и да ги претворите овие нови информации во нова „перспектива“ на вашиот живот. Колку е поголем настанот, толку повеќе информации треба да бидат обработени, а тоа значи и дека ќе ви биде потребно повеќе време за да најдете смисла во она што се случило.

Почитувајте го вашиот личен процес

На секоја личност ѝ е потребно различно време за обработка на одреден настан. За некои луѓе тоа може да биде денови или недели, додека пак за други, неколку месеци па дури и години. Токму затоа многу е важно да си го почитувате личниот процес на обработка и никогаш да не ги туркате работите побрзо отколку што вие чувствувате дека треба да одат. Исто така постојат различни начини на кои луѓето се справуваат со големите настани. Некои од нив чувствуваат потреба да пишуваат, да свират или да цртаат, додека пак на други едноставно им е потребно само малку тивко време со себе. Запомнете, не постои погрешен начин за обработка на новите информации. Едноставно правете го она што на вас ви е потребно, дури и ако станува збор за нешто едноставно како прошетка или седење на клупа на сонце.

Не го форсирајте вашето размислување

Многу често во вакви моменти треба да му дадете можност на вашиот мозок да се опушти. Вие никако не смеете да го присилувате да размислува или да се чувствува на начин на кој вие сметате дека е најдобро. Наместо тоа, обидете се да му дадете простор и време за тој едноставно да си ја „заврши својата работа“. Ако му дозволите на вашиот ум да талка, тој ќе ве однесе некаде каде што никогаш не би стигнале доколку сте се обидувале со сила. И покрај тоа што ова можеби не секогаш е пријатно доживување, тоа сепак ви овозможува искреност и јасност при потрагата на вашата внатрешна емоционална состојба. Но сепак тоа не значи дека треба сериозно да ги сфаќате сите ваши мисли. Нашиот ум функционира така што создава и замислува голем број идеи и можности. Ние често скокаме од една мисла кон друга, без некоја посебна причина. Гледајте на ова повеќе како на експеримент со вашиот мозок.

Не претерувајте со изолацијата

Секогаш кога се случуваат огромни животни настани, ние имаме потреба да се вратиме еден чекор наназад. Но, тоа не значи дека треба да го паузирате целиот ваш живот додека одлучите кој е вашиот следен чекор. Можеби добро би било доколку првите неколку дена ги поминете лежејќи во кревет и не правејќи ништо, но не си дозволувајте преголема пауза од вашето секојдневие бидејќи како што ќе поминува времето така ќе ви биде сè потешко да се вратите назад. Обидете се да најдете некаков баланс помеѓу времето кое ви е потребно за размислување на само и времето во кое ќе почнете да преземате активности со кои ќе зачекорите кон иднината.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар