Како да ја усовршите способноста за помнење?

Дали ви се случило да влезете во просторија и да заборавите по што сте дошле или да не можете да се сетите на нечие име или име на некоја книга или филм? Не секирајте се, сите овие нешта можат да се надминат иако се нормални. Ова се интересни и корисни решенија кои ги нудат истакнати доктори од областа на подобрувањето на меморијата, а кои можат да ви се најдат во животот.

Како да ја усовршите способноста за помнење?

Заборавање досадни податоци

Проблем: Ви се случува да ги заборавате денот и часот на вашите испланирани состаноци, адресата на живеење на блиските пријатели, пинот на мобилниот телефон или лозинките кои ги користите на интернет? Не грижете се. Мозокот не функционира така за да може да складира ваков тип информации на долг рок, освен доколку не вложите дополнителен напор за да ги запомните. Ваквите податоци, кои спаѓаат во категоријата декларативни спомени, по својата природа не се интересни ниту возбудливи, поради што кратко „живеат“ во вашето сеќавање. Во оваа категорија спаѓаат и историските податоци и родендените.

Решение: Единствениот начин да направите некоја досадна информација да стане составен дел од вашата долготрајна меморија, е правилно да ја „складирате“, за да можете да ја пронајдете низ вашите мисли подоцна. „Ако не направите свесен напор да го запомните вашиот пин, вашата краткотрајна меморија, веднаш ќе го избрише од мозокот“ – вели м-р Зелди С. Тен, директор на клиниката за меморија во Бостон и автор на книгата „Age-Proof Your Mind“. Дајте му некакво значење, за да можете да го запомните.

На пример ако сакате да запомните битен датум, како што е роденденот на вашата внука, дајте му некоја емоционална поврзаност, да речеме пет дена после 2 август, празникот Илинден. За помалку битните податоци, како на пример денот и часот кога имате закажано на забар, не се ни обидувајте да го запомните. Токму затоа Господ ги измисли мобилните телефони и тефтерите со обележани календарски денови“ – вели Ерон д-р П. Нилсон, шеф на невропсихологија во болницата „Brigham and Women’s“ во Бостон. Тој исто така е автор на водичот „Постигнување на оптимална меморија“, кој се изучува на медицинскиот смер на Харвард.

Расеаност

Проблем: Заборавате зошто сте влегле во некоја соба? Најверојатно сте расеани или пак предметот по кој сте тргнале не бил доволно важен за вашиот мозок да го регистрира како таков.

Решение: „Визуелизирајте го она што го сакате пред да тргнете да го барате“. – вели Тен. Тој исто така препорачува предметите кои сте тргнале да ги барате да ги поврзувате со нешто познато. На пример доколку сакате да ги замените зимските алишта со летните од плакарот, замислете се себеси во костим за капење, како лежите покрај базен или на плажа. Со овој систем, задачата која си ја задавате станува многу поважна и полесна за помнење.

Кога заборавате да го визуелизирате она што го сакате и потоа си велите „Што барам во оваа соба?“, навратете се со мислите неколку чекори наназад. Ако и тогаш не успеете, пробајте да се сетите што сакавте пред да дојдете тука, со кого бевте и како се чувствувавте. Оваа препорака ја дава д-р Елизабет Едгерли, шеф на програмата во здружението за лица заболени од Алцхајмерова болест во Северна Каролина и во Северна Невада.

Како да ја усовршите способноста за помнење?

Губење секојдневни предмети

Проблем: Не можете да се сетите каде сте ги оставиле клучевите, паричникот или пак билетот за воз, автобус и слично? Ова е типичен проблем со вниманието. Ги фрлате клучевите веднаш штом влезете дома додека размислувате на нешто сосема друго, како на пример да се облечете во нешто покомотно или да се измиете. По неколку часа, не можете да се сетите каде сте ги оставиле. Чинот на оставање на клучевите останува незабележителен бидејќи клучевите ги чувствувате како обичен предмет. Да е во прашање банкнота со поголема вредност, сигурно нема да заборавите каде сте ја оставиле. Доколку обичните работи не ги перцепирате како важни, меморијата брзо ќе ги изостави.

Решение: Обрнете внимание кога оставате нешто и кажете си во себе или на глас, што во моментот правите. Пример: „Ги оставам клучевите во џебот на палтото“ или нешто слично. Константноста е уште подобра стратегија. „Доколку ги ставате клучевите во истиот сад секој ден, секогаш и тоа без грешка ќе знаете дека се таму“ вели Едгерли. „Добрата меморија често е поврзана со создавањето на добри навики“ – додава таа.

Помнење зборови

Проблем: Се обидувате да се сетите на збор, име на филм или книга, но не можете. Народски кажано, „на врв на јазик“ ви е, но не можете да го изговорите. „Ова е универзален проблем и се почесто се случува како што старееме“ – вели Едгерли. Исто така, потешко е да се потсетиме на некои информации доколку сме под стрес или доколку ни се вртат многу мисли во глава во исто време.

Решение: Најпрво, опуштете се, на секого му се случува. Потоа вдишете длабоко и избистрете си го умот. „Голем непријател на меморијата е мултитаскингот“ – вели д-р Гери Смол, директор на центарот за стареење „UCLA“ и автор на книгата „Рецепт за меморијата“ (The Memory Prescription). Потоа на глас кажете како отприлика мислите дека е името на филмот или книгата, како на пример „Беше нешто поврзано со вода“ или „Почнуваше на буквата С“. Набројувањето на актерите или ликовите исто така може да ѝ помогне на меморијата.

Како да ја усовршите способноста за помнење?

Заборавање имиња на луѓе

Проблем: Тешко ви е да ги запомните имињата на луѓето? Со сигурност не сте единствени. „Кога им предавам за превентивна меморија на возрасни лица, 90-95% од учесниците велат дека не се добри во помнењето имиња“ – вели Едглер. Проблем може да биде складирањето на информацијата (не сте обрнале внимание кога сте го запознале тоа лице), пребарувањето (не можете да се сетите на името) или комбинација од двете.

Решение: Повеќето луѓе учат визуелно, што дава објаснување зошто ретко забораваат лица, а често имиња. Па затоа наредниот пат кога ќе запознаете некој нов човек, убаво запомнете го неговиот лик и повторете си го неговото име најмалку 3 пати. Потоа употребете го во некој разговор. На пример, ако човекот се вика Мики обратете му се „Па Мики, каде живееш ти?“.

Извршување на секојдневни автоматски активности

Проблем: Не можете да се сетите дали сте ја исклучиле ринглата, кафематот или пеглата? Кога правите некоја секојдневна автоматска активност, како што е исклучувањето на ринглата, всушност ја употребувате процедуралната меморија. Овој вид долготрајна меморија се употребува за преземање акции како што е возење велосипед, чукање на тастатура и слично. Бидејќи овие дејствија се повеќе механички отколку што се свесни, не сте целосно претпазливи за дејствието кое го правите.

Решение: Најчесто, најверојатно вие ја гасите ринглата или пеглата. Но, доколку почнете често да се прашувате дали сте го направиле тоа или пак доколку навистина почнете да заборавате, тогаш обидете се да го запомните моментот кога го притискате копчето за исклучување. Кажете на глас „Рерната е исклучена“, „Пеглата е извадена од штекер“. Доколку ни така не ви успева да бидете сигурни и да запомните, инвестирајте во продукти кои автоматски се исклучуваат или оставете си потсетник покрај влезната врата. Потсетникот секогаш ќе ви паѓа во очи и ќе ви дава до знаење дека треба да проверите дали сте средиле сè пред да го напуштите домот.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

Остави коментар