6 навики кои мислиме дека се штетни за врската, а всушност се здрави

6 навики кои мислиме дека се штетни за врската, а всушност се здрави

Не постои такво нешто како совршена врска: проблемите и расправиите се составен дел исто како што се убавите моменти и уживањето. Се сакаме, па се караме, некои препреки ги поминуваме, за други треба да се помириме, а трети остануваат нерешени. Па како тогаш да распознаеме што е позитивно, а што негативно? Како да знаеме кога да преземеме нешто, а кога е попаметно да ги оставиме работите такви какви што се? Со оглед на тоа дека го немаме одговорот на секое прашање од оваа област, често се случува погрешно да ја процениме ситуацијата. Така, следниве 6 се типичен пример за навики кои ги сметаме за штетни врз врската, а кои се всушност здрави.

A couple in love in the sunset on the beach

1. Некои конфликти ги оставаме нерешени

Џон Готман е можеби едно од најистакнатите имиња во областа на психологијата и научните истражувања на бракот и врските. Истражувајќи и правејќи тестирања на голем број парови, притоа добивајќи резултати со точност и до 91%, голема е веројатноста дека неговите зборови се и тоа како веродостојни. А според него, најголемиот мит поврзан со врските во кој луѓето веруваат е оној дека паровите мора да ја разрешат секоја конфликтна ситуација. Неговите истражувања покажале дека функционалните врски се во голем дел исполнети со нерешени ситуации кои некогаш се јавуваат одново и одново со години.

Од друга страна, оние парови кои постојано и сѐ се обидуваат да решат, уверени дека само така ќе ја спасат врската, многу брзо не се повеќе пар бидејќи токму на овој начин создаваат уште поголеми проблеми. Работата е во тоа што врската подразбира прифаќање не само на убавите, туку и на работите кои не толку ни се допаѓаат. И додека е невозможно да престанат да ни пречат, што и се одразува на појавување на исти проблематични ситуации повеќе пати, тие почесто ќе бараат од нас да ги прифаќаме нештата такви какви што се доколку сакаме да бидеме со некој. Некои конфликти ќе останат нерешени, некои работи нема да се сменат, а некои не ни вредат. Но тоа е и предноста на успешните парови – тие наоѓаат начин да функционираат и покрај тоа, така што се прифаќаат.

2. Ги повредуваме чувствата на саканата личност

Искреноста е една од најважните, но истовремено и најделикатни особини на една врска. Има моќ да ги спои луѓето, но и да ги раздели во период од неколку секунди. Затоа, постојат работи кои ги кажуваме, но има и такви кои решаваме да ги премолчиме. Најчестата причина за ова е фактот дека доколку партнерот ја знае вистината, тоа ќе ги повреди неговите чувства. Тука спаѓа целиот спектар на работи кои може да го повредат, од најбаналните (како што е фактот дека вечерната комбинација на облека кој тој/таа ја одбрал/а и не изгледа баш најдобро на него/неа) до оние сериозните (на пр. неверство).

Но, доколку искреноста е приоритет и основа во вашата врска, тогаш таа е секогаш најдобриот начин за справување со секоја ситуација. Тоа сте вие, а спроти вас е личноста која ја сакате и на која треба да можете да ѝ кажете сѐ. За што и да станува збор, искреноста е нешто на кое и двајцата сте се обврзале. Иако многу не се согласуваат со ова и сметаат дека искреноста може да нанесе повеќе зло отколку добро, постои она прашање кое ќе ве замисли, а тоа е: како очекувате да решите нешто кога не ни знаете што е тоа?

one sad caucasian couple man and woman crouching back to back in studio silhouette isolated on white background

3. Имаме желба да ја прекинеме врската

А кој не посакал? Но доколку не сте го направиле тоа, тогаш сте имале доста добра причина за тоа. А единствената заслуга за тоа лежи во самиот факт што воопшто сте помислиле на раскинување на врската. Носењето одлуки кои директно влијаат на нашиот живот, како што е оваа, нè тераат подобро да размислиме што навистина би изгубиле откако таа наша одлука ќе стапи на сила.

И додека претходно можеби размислувањето ни било замаглено од сите проблеми и расправии кои предизвикувале да посакаме да излеземе од врската, соочувањето со можноста да ја изгубиме саканата личност има способност да ни ги разбистри мислите. Тогаш сфаќаме што навистина сакаме, што ни е потребно и зошто и дали вреди да ја зачуваме врската. Кој знае, можеби баш помислата да раскинете е тоа што ќе ја спаси вашата врска.

4. Нè привлекуваат други луѓе

Доколку мислите дека вашиот партнер никогаш не погледнал друга личност, тогаш многу се лажете. Јасно и гласно кажано – невозможно и неприродно е човек да биде целосно посветен само на една личност. Во природата на луѓето е да размислуваат за други луѓе кои не се нивниот партнер, да чувствуваат привлечност кон нив и да имаат желба за нови работи. Истовремено, имаат избор да делуваат врз основа на тие чувства, а љубовта баш и нема некоја улога тука.

Тоа што сакаме некого не нѐ спречува да чувствуваме привлечност кон некој друг, но нѐ спречува да направиме нешто во врска со тоа. Затоа, имаме избор: да ги игнорираме тие чувства кои неминовно ќе се таложат во нас и ќе предизвикаат некој испад во иднина (најверојатно неверство) или, пак, да ги прифатиме како логични, какви што и се. Ако сте со некој со кој навистина сакате да бидете, тогаш баш тие чувства, кои ги сметате за толку негативни, имаат моќ да ве потсетат што сакате, што ве привлекува кај партнерот и зошто сте среќни што го имате во животот.

5. Не правиме сѐ и постојано заедно

Врската не подразбира постојано да бидете со партнерот. Убаво е чувството да бидете што е можно повеќе со личноста која ја сакате, но не мора да правите баш сѐ заедно и не сте обврзани да не се одвојувате од неа. Доколку се прашувате како поминувањето време одвоени е добро за врската, тогаш едноставноста на одговорот сигурно ќе ве зачуди.

Пред сѐ, вие сте свои и за да можете да бидете со некој друг, мора да бидете задоволни и среќни со себе. Имате потреба од време само за себе, време со пријателите и семејството. Се сеќавате на оние различни интереси и хобија кои ги запоставивте откако влеговте во врската? Сите тие се работи кои ве исполнувале и ве граделе како личност. Кога ќе си ги дозволите тие мали, слатки задоволства за себе, тогаш ќе се чувствувате убаво и правејќи други работи. А тоа е позитивно за врската.

(3)-6-naviki-koi-mislime-deka-se-shtetni-za-vrskata-a-vsushnost-se-zdravi-kafepauza.mk

6. Ги прифаќаме недостатоците на партнерот

Дали познавате личност која е навистина совршена? Веројатно не. Сите имаме свои доблести и недостатоци, па совршеноста е невозможна. Во врската, овие разлики кај партнерите предизвикуваат конфликти и расправии кои поголем дел од луѓето се обидуваат да ги решат така што тежнеат кон менување на партнерот. Но, да се смени човек е можеби една од најтешките задачи.

Така, или ја прекинуваме врската со тој човек или ги прифаќаме неговите недостатоци и одиме понатаму. И иако тоа често ни делува како константно преоѓање преку некои работи, што ќе нè лути и нервира во разни моменти, факт е дека за дадена врска да успее мора да постои компромис. Ќе се помируваме со некои работи бидејќи сме ја прифатиле личноста со која сме во врска, со сите убави и со сите не толку убави карактеристики.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар