Вистински љубовни приказни кои ќе ве потсетат дека љубовта од бајките сепак постои

Секој од нас верувал во љубовта кога бил мал. Но, со текот на времето нашите верувања и надежи полека исчезнувале. Погледнете ги овие инспиративни љубовни приказни кои ќе ја вратат вашата верба во љубовта која сте ја имале кога сте биле малечки.

vistinski-ljubovni-prikazni-koi-kje-ve-potsetat-deka-vsitinskata-ljubov-sepak-postoi-kafepauza.mk

Вистинската љубов не знае за пречки и за далечина

И покрај сиромаштијата, Кумар Маханандија си го заработил местото како студент на Факултетот за уметност во Њу Делхи. Многу луѓе сакале тој да ги наслика, а една од нив била и Шарлот вон Шедвин која патувала во Индија. Тие набрзо се вљубиле еден во друг и се венчале, но Шарлот морала да се врати во нејзиниот дом во Шведска. Таа му понудила на Кумар да му ја плати авионската карта, но неговата гордост не му дозволила да ја прифати понудата и ѝ рекол дека тој сам ќе заработи.

После една година, тој сѐ уште немал собрано доволно пари. Продал сѐ што имал и успеал да купи велосипед. Со велосипедот возел 4 месеци и 3 недели, поминувајќи повеќе од 6.000 километри низ Авганистан, Иран, Турција, Бугарија, Германија, Австрија и Данска, за да стигне до Шведска. Кумар и Шарлот се заедно веќе 40 години и живеат во Шведска со нивните две деца. Кумар станал познат уметник и амбасадор за култура. Кога го прашале за неговото патување, тој рекол: „Го направив тоа што морав, немав пари – но морав да ја видам. Возев за љубов, но никогаш не го сакав возењето. Едноставно е.“

Никогаш не е доцна за да пронајдете љубов

Во 1946 година, Ана и Борис биле венчани само 3 дена во Србија, кога тој заминал во војска. Подоцна, Ана и нејзиното семејство биле протерани. И покрај нивните обиди да се најдат, тие не успеале во тоа.

Годините минувале и двајцата веќе биле венчани со други луѓе, но не ја заборавиле нивната прва љубов. Кога после 60 години нивните сопружници умреле, тие случајно го посетиле нивниот роден град во исто време. Кога Борис ја видел, истрчал кон неа и ѝ рекол: „Моја драга, те чекав толку долго. Мојата жена, мојот живот…“

За кратко, тие повторно се венчале.

Љубовта на прв поглед сепак постои

Начо Фигерас е познат како поло играчот кој изгледа како модел и кој има учествувано во многу реклами за Ралф Лорен.

Тој прв пат ја видел Делфина Блакиер во Аргентина, уште кога бил тинејџер. Тој веднаш знаел дека ќе се ожени со неа и решил да ја „брка“ на правилниот начин. Секоја вечер тој патувал по речиси 2 часа за да ја види, откако цел ден работел на ранч. Тој седел на нејзината тераса и ѝ свирел на гитара, а потоа си одел дома.

Двојката се венчала во 2004 година, и оттогаш имаат 4 деца.

Вистинската љубов значи да се сакате до самиот крај

Принцезата Шарлот била ќерка на Џорџ, принцот од Велс. Таа била наследник на тронот и луѓето ја обожавале, што било вистински контраст за останатото семејство кое луѓето го презирале. Кога имала 17 години, Шарлот била присилена да се омажи за принц кој таа не го сакала, сѐ додека не го сретнала прекрасниот принц Леополд. Нејзиниот татко конечно попуштил и ѝ дозволил да се омажи за Леополд. После нивната свадба и два спонтани абортуси, Шарлот повторно останала бремена.

Во 1817 година, кога имала 21 година, после дводневен пораѓај, Шарлот на свет донела мртвороден син. Принцот Леополд бил толку загрижен што одбил да ја напушти и инсистирал да ѝ помогне – нешто што не било чуено во овој период. После третиот ден, состојбата на Шарлот навидум се подобрил. Леополд земал опијат за да може да се одмори бидејќи не спиел цели 3 дена. За жал, состојбата на Шарлот се влошила и таа не можела да го разбуди заспаниот принц додека умирала.

Нејзината смрт предизвикала тага што ја надминува и онаа за принцезата Дијана. Принцот Леополд паднал во депресија, но по некое време си нашол партнерка која многу личела на Шарлот. Години подоцна тој повторно се оженил и ја крстил неговата ќерка Шарлот. Последната желба на принцот била по неговата смрт да биде закопан до Шарлот. Кратко пред да умре, тој ја замолил кралицата Викторија да му ја исполни желбата, но таа го одбила. Неговите последни зборови биле: „Шарлот, Шарлот…“

Помнењето на љубовните приказни ќе ја одржува вашата љубов во живот

Џек и Филис Потер се запознале во 1941 година. Џек често пишувал во неговиот дневник за нивната приказна и продолжил да го прави тоа во текот на целиот живот.

После 70 години поминати заедно, Филис морала да биде однесена во дом за старци бидејќи нејзината деменција се влошила и Џек не можел сам да се грижи за неа. Џек ја посетувал секој ден и ѝ читал од неговиот дневник помагајќи ѝ да се сети на нивната приказна.

Нова романса што може да го издржи тестот на времето

Кејт Мидлтон имала само 19 години кога прв пат го запознала принцот Вилијам, во 2001 година. За жал, притисокот од медиумите и врската на далечина ги натерала да ја прекинат врската во 2007 година. Сепак, подоцна истата година, тие решиле повторно да бидат заедно.

Принцот Вилијам ја запросил Кејт во 2010 година со познатиот веренички прстен на принцезата Дијана. Во 2011 година милиони ја гледаа нивната свадбена церемонија, која кулминираше со бакнежот на терасата на Бакингемската Палата.

Љубовта која вреди, вреди и да се чека

Во 1974 година, Ирина и Вудфорд Мекелан се венчале во Москва. Вудфорд, кој бил Американец, морал да се врати во САД по истекувањето на неговата виза. Тој неколку пати бил одбиван кога сакал да се врати во Русија, а истото се случувало и со Ирина кога се обидувала да отиде во САД.

Поминале 11 години со телефонски повици и писма, пред повторно да бидат заедно во 1986 година во САД.

Последни зборови: Живеј, смеј се и љуби

Оние од вас кои ја имаат пронајдено љубовта, потсетувајте се на убавината на наоѓање нови начини да се вљубите во истата личност.

Оние од вас кои сѐ уште ја бараат, не дозволувајте циничноста да ја уништи вашата надеж. Вистина е дека вистинската љубов се случува кога не ја барате и кога најмалку ја очекувате. Имајте верба во себе и во љубовта која ја заслужувате. Најпосле, ѝ го должите ова на вашата 10-годишна верзија.

Погледнете и како да ја најдете вистинската љубов што ќе трае.

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар