8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

Кога природните науки не даваат одговор на некои прашања, тогаш има „повеќе работа“ за филозофите кои можат бескрајно да шпекулираат барајќи објаснување за она што не може прецизно да се објасни. Иако и двете заедно доста соработуваат во потрагата по одговори на најголемите мистерии со кои денес е соочено човештвото, сепак сѐ уште остануваат некои кои не се решени и најверојатно нема да бидат решени во скоро време.

1. Зошто има нешто наместо ништо?

Зошто постоиме? Зошто светот функционира според толку прецизни закони? Зошто функционира токму според оние закони според кои функционира? Зошто воопшто постои универзумот наместо да не постои? Човекот отсекогаш бил заинтересиран за причината на своето постоење, но науката сѐ уште не може да му даде одговор. Некои филозофи тоа се обидуваат да го објаснат преку т.н. антропски принцип, според којшто универзумот е таков каков што е затоа што ние го набљудуваме така како што го набљудуваме, односно неговиот „изглед“ зависи од умовите на оние кои го опсервираат.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

2. Дали универзумот навистина постои?

Во стилот на Матрикс, прашањето е дали воопшто универзумот е таков каков што го гледаме или сѐ е дело на некое големо зло кое ни создава илузија за постоењето на околината. Овој проблем се нарекува „мозок во буре“ или аргумент за симулација. Според него сите ние можеби сме жртви на некоја голема симулација, а се поставува дури и прашањето дали цивилизацијата која учествува во таа симулација е вистинска. Едни филозофи се прашуваат дали ние навистина сме тоа што мислиме, а други се спротивставуваат дека ние сепак постоиме: ако светот околу нас е рационален и функционира според одредени закони, тогаш мора да прифатиме дека навистина постоиме.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

3. Дали навистина имаме слободна волја?

Филозофите и научниците сѐ уште расправаат за тоа дали нашите дела се предизвикани од нашата слободна волја или од синџир на меѓусебно поврзани настани. И додека не се гледа крајот на нивната дискусија, новите научни откритија уште повеќе ја замрсуваат целата дебата. Невролошките истражувања потврдуваат дека мозокот може да донесе одлука дури и пред личноста да стане свесна за тоа, а квантната механика го форсира тврдењето дека живееме во универзум на веројатности и затоа синџирот на меѓусебно поврзани настани е невозможен.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

4. Дали постои Бог?

Ова е едно од најдебатираните прашања, но сѐ уште никој не докажал дека Бог постои и никој не докажал дека тој не постои. Засега ставот на научниците е дека универзумот функционира автономно според законите на физиката, но никој не може да тврди дека нема некое помоќно тело кое сето тоа го контролира, како во погорниот пример со симулацијата. Владејачките религиозни учења се обидуваат да наметнат одредени сфаќања по ова прашање, но тие во повеќе наврати се покажале како апсурдни, така што човештвото сѐ уште го нема одговорот на прашањето дали „има нешто или не“.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

5. Постои ли живот после смртта?

Животот после смртта е уште едно прашање кое им е оставено за шпекулација на филозофите затоа што научниците сѐ уште се мачат да дојдат до какво било откритие кое ќе фрли барем малку светлина на оваа мистерија. Нема причина да се верува дека тој постои, нема причина ни да се верува дека не постои. Она малку што постои како сознание ги упатува на одредени верувања за кои веќе сме пишувале, а за кои можете да прочитате опширно на овој линк.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

6. Дали може објективно да го искусиме светот?

Набљудувањето на околината преку нашите сетила значи дека сите примени информации ги интерпретираме на, за нас, уникатен начин. Секој допир, секоја боја, мирис или звук поминува низ одредени психолошки и когнитивни процеси кои за последица имаат субјективно искусување на околината. Сепак, ако тоа што го перципираме постои и е исто за сите, но различно го доживуваме, останува прашањето дали може да се надеваме дека кога било ќе ѕирнеме во тој мистериозен свет и објективно ќе согледаме што има таму.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

7. Дали постои совршен морален систем?

Потрагата по правила кои ќе ја организираат заедницата да функционира на совршен начин постоела отсекогаш, сѐ уште трае и така ќе остане уште многу долго, можеби засекогаш. Секој го гледа светот на својот субјективен начин, па така она што за еден е исправно, за друг не е. Моралните норми се менуваат одвреме-навреме, онака како што се менуваат потребите на заедницата, но не постојат златни правила кои се среќаваат во сите морални системи врз основа на кои би можел да се изгради совршениот морален систем кој ќе донесе правда и справедливост за сите да бидат задоволни.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време

8. Што се броевите?

Секојдневното користење на броевите решава многу проблеми, но филозофите во нив гледаат уште еден проблем: што всушност се броевите и дали се тие реални или не. Според едни тие се реални иако не можеме да ги видиме, а според други филозофи тие се само добро дефинирани конструкции од апстрактни мисли базирани на математика. Иако на прв поглед ова изгледа како непотребно создадена дилема, нејзиното решавање има значење од аспект на тоа што разбирањето на природата на броевите може да даде одговори поврзани со природата на универзумот.

8 филозофски мистерии кои нема да ги решиме во скоро време


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар