Зошто е важен калиумот за правилно функционирање на телото?

Кога се во прашање минералите без кои нашето тело не може, најчесто се спомнуваат калциумот, железото и магнезиумот. Несомнено е дека овие елементи се неопходни за да можеме да уживаме во здравје и добросостојба, но тие не се единствените коишто му се потребни на нашето тело. Калиумот е исто така неопходен за правилно функционирање на телото.

Зошто е важен калиумот за правилно функционирање на телото?

Што претставува калиумот?

Калиумот е електролит односно позитивен јон на солта. Тој се раствора во телесните течности, а земајќи го предвид фактот дека телото главно се состои од вода, може да се каже дека се наоѓа во речиси секој дел од нашето тело. Благодарение на лесното пенетрирање низ клеточните мембрани, одговорен е за транспортирањето на водата низ организмот и со тоа има клучна улога во управувањето со водата во телото. Способноста за инфилтрација му помага и правилно да ги распореди хранливите материи во секоја клетка од нашето тело. Електролитската природа на калиумот е исто така одговорна за соодветната напнатост на клеточните мембрани и преносот на нервните импулси кои влијаат врз правилното функционирање на мозокот. Друга важна функција на калиумот како електролит е одржувањето на киселинско-базната рамнотежа во организмот така што адекватното снабдување со овој макроелемент спречува закиселување на организмот.

Не смее да се заборави на влијанието на калиумот врз производството на инсулин, што е исклучително важно кај луѓето што имаат дијабетес. За да ја проверите состојбата на најважните електролити во плазмата (покрај калиумот тука се вклучени и натриумот, калциумот и магнезиумот) треба да го прашате вашиот лекар за клинички преглед на крвта кој се нарекува јонограм.

Калиумот и срцето

Една од најважните функции на овој драгоцен елемент е грижата за соодветните мускулни контракции вклучувајќи го и срцевиот мускул. Калиумот ја регулира работата на срцето и го зголемува неговиот перформанс во текот на физичките вежби, а неговата улога во голема мера зависи од количината на натриум во нашето тело. Натриумот и калиумот се блиску поврзани бидејќи првиот елемент е антагонист на вториот што значи дека има спротивна активност. Балансот помеѓу овие два електролити е неопходен за одржување на хомеостазата на целото тело.

Кога нивото на калиум во организмот е регулирано, секој вишок натриум се отстранува од телото преку урината. Меѓутоа, кога нивото на калиум е ниско, телото се брани од дополнителниот губиток и го спречува неговото излачување. Проблем е што истовремено се суспендира натриумот, чиешто ниво се зголемува, а со тоа пак се зголемува количеството на вода во телото. Насобраната вода го подигнува крвниот притисок што ја надминува сигурната вредност од 120/80 и доаѓа до хипертензија. Хипертензијата е еден од причинителите за срцеви заболувања, срцеви удари и мозочни удари и поради тоа калиумот е многу важен елемент кој ја овозможува здравата работа на нашиот најважен мускул.

Недостаток и вишок на калиум

Вишокот на калиум во исхраната се нарекува хиперкалемија и релативно е ретка. Може да се предизвика од предозирање или да биде последица од некои бубрежни болести. Симптомите на хиперкалемија се вкочанетост во рацете и забавени срцеви отчукувања. Недостатокот на калиум или хипокалемија е многу поопасен по здравјето, а во некои случаи оваа состојба може да биде опасна по живот. Карактеристични симптоми на недостаток на калиум се: отеченост, слабост или грчеви во мускулите, зголемена жед како и неправилна работа на срцето која во екстремни случаи доведува до вентрикуларна фибрилација.

Природни извори на калиум

Што треба да јадете за да обезбедите доволна количина на калиум? Производите богати со овој елемент вклучуваат месо и риба, како и мешункасти плодови (грашок, грав), брокули, тиква и домат. Што се однесува до овошјето, калиумот се наоѓа во кајсиите и смоквите (посебно во сувите), бананите и цитрусите. Меѓутоа, дали е доволно да се јадат само овие производи? Добро урамнотежената исхрана е основа за здравје и благосостојба. На пример, кога се чувствувате под стрес, пиете поголемо количество кафе, па затоа неопходно е дополнување со калиум. За таа цел можете да подготвите вкусни овошни коктели од банана и грозје со додаток на цвекло кое исто така има својства за регулирање на крвниот притисок.

Калиумот е еден од најважните минерали за кои сите би требало да се грижат без оглед на старосната возраст и професијата. Активните спортисти кои преку потењето ослободуваат многу вредни минерали, мора да користат додатоци бидејќи овој електролит овозможува регенерација на мускулите после зголемен физички напор.

Одржувањето на нормалното ниво е посебно важно и за постарите лица бидејќи го спречува прекумерното излачување во урината што во превод значи ефикасна борба против остеопороза.

Прочитајте и за нештата што треба да ги знаете доколку земате додатоци во исхраната.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар