Навистина добри изговори да ја поминете вечерта во удобноста на својот дом

Навистина добри изговори да ја поминете вечерта во удобноста на својот дом

Дали некогаш сте се нашле себеси како повеќе ви се допаѓа идејата да останете во удобноста на сопствениот дом со топла чаша чај во рака отколку да излезете некаде со пријателите? Голема е веројатноста дека одговорот е да и тоа повеќе пати. Кратко и јасно, уживањето во домашна атмосфера во омилените пижами, со добар филм и голема количина пуканки знае да биде многу подобра опција од какво било излегување.

(2)-navistina-dobri-izgovori-da-ja-pominete-vecherta-vo-udobnosta-na-svojot-doma-kafepauza.mk

Но, што е со пријателите? Како тие ќе го сфатат вашето останување дома? Што ако помислат дека нешто не е во ред и можеби сте им лути? Што ако тие ви се налутат? А што ако ништо од ова не се случи, бидете искрени со нив и реално им кажете зошто сепак одбирате да останете дома наместо да излезете да се забавувате со нив?

Доколку мислите дека вашата причина не е доволно добра, можеби следниве неколку навистина добри изговори ќе ве убедат во спротивното.

1. Не сте расположени и не сакате да им ја расипете вечерта на останатите

Вашето присуство не е задолжително и доколку не се чувствувате расположени за забава, тогаш не мора ни да одите на забавата. Верувајте, вашите пријатели ќе ви бидат благодарни за ова.

2. Сакате да му посветите време на вашето милениче

Кога вашиот ден е комбинација од милион различни обврски, а дома ве чека вашето милениче на кое му се потребни љубов и нега (да не се лажеме, и на вас!), тогаш останувањето дома со него е навистина добар изговор да не излезете со пријателите. Малку гушкање и мазење, можеби кратка прошетка и секако, долгоочекуваниот одмор во топлината на вашиот дом каде не мора да се грижите како изгледате бидејќи вашето милениче ве сака без разлика на сè – тоа е некогаш најдобрата опција за вечерта.

3. Не ви се допаѓа местото/друштвото/планот за вечерта

Не секогаш планот за излегување ги вклучува само најдобрите пријатели, вашето омилено место за забава ниту пак се одвива според тоа како вие сакате. А кога нешто или сè од тој план не ви се допаѓа, тогаш не сте обврзани да го правите тоа. На крајот на краиштата, едно неизлегување не значи ништо, пријателите може да ги видите и на денско кафе.

4. Следното утро мора рано да бидете на работа

Бидејќи не би ви било прв пат и знаете како е да одите мамурни на работа, сосема е очекувано да сакате да го избегнете тоа. Останувањето во дискотека до раните утрински часови со кој знае колку испиени коктели и шотови и не е баш добар рецепт за успешен и продуктивен ден на работа, а да не зборуваме за мачнината со која ќе треба да го преживеете.

5. Немате пари

Проблем кој најчесто се јавува на крајот на месецот, но е со тапија најголемиот проблем на сите кои одбираат останување дома наместо забава. Факт е дека излегувањето ќе ве чини доста пари, никогаш не се застанува на една пијачка нели? А кога немате пари тогаш нема ни што да правите. Вашите пријатели ќе го разберат ова.

6. Не се чувствувате добро

Дали навистина ви е потребен подобар изговор од ова? Кашлате и/или ве боли глава, стомак, а можеби и го фаќате вирусот кој се шири кај вас на работа. Не се чувствувате добро и тоа е секогаш добар изговор да останете дома наместо да излезете некаде со пријателите. Едноставно, не сакате да си ја влошите здравствената состојба и тоа е тоа.

7. Не ви се излегува

Работа – дома, дома – работа, милион обврски во меѓувреме и на крајот на денот сè што сакате е да го прегрнете јорганот и да се одморите, можеби со добар филм и омилените грицки. Не ви треба гужва ниту гласна музика, туку тишина и одмор. Што е подобро од тоа?

Па, дали се согласувате?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар