Кога е вистинското време да почнете да живеете заедно?

Кога е вистинското време да почнете да живеете заедно?

Живеењето под ист покрив пред стапување во светата заедница брак, не е веќе табу тема. Модерните парови сè почесто се одлучуваат за заеднички живот пред брак. Но за многумина претставува голема дилема кога е вистинското време да го направат тоа. Што ако избрзаат? Што ако нивниот избраник или избраничка се покаже дека е сè спротивно од она што мислеле дека е?

Стапувањето во брак е сериозен чекор, а нема подобар начин за вистински да се зближите и запознаете со личноста од делењето на иста куќа или стан. Работата е во тоа што заедничкото живеење пред брак може да значи само две нешта: или работите ќе тргнат сосема наопаку или ќе се убедите себеси дека тој/таа е вистинската личност за вас.

Кога е вистинското време да почнете да живеете заедно?

Многумина веруваат дека пред да се одлучат на ваков чекор треба да помине одреден временски период. Дали чекањето 6 месеци или 3 години е само мит? Дали може да биде вистинско губење време, кога всушност би требало да се вселите заедно многу поскоро?

Обидете се да размислите на овие три прашања поврзани со вашата врска за сами да си дадете одговор дали токму сега е вистинско време со партнерот да почнете да живеете заедно.

Дали имате ефективна комуникација?

Со започнување на заеднички живот, треба да сфатите дека вашиот партнер не ви е цимер, туку потенцијален животен сопатник. Меѓу 4 ѕида нема да можете да го кажете своето и да свртите грб. Кога ќе ве изнервира нема да можете да треснете врата, да се заклучите во соба и да пуштите музика до максимум, сепак сте возрасни личности и делите ист дом.

Несогласувања ќе има, но дали би можеле да направите компромис? Никој не е совршен, дали ќе можете да се носите со мааните на вашиот партнер? Доколку умеете да си ја погазите гордоста, а и тој/таа е личност која може да се извини и признае вина, тогаш би можеле да живеете заедно со разбирање и правење компромис.

Кога е вистинското време да почнете да живеете заедно?

Затоа првото прашање кое треба да си го поставите е: Дали сум доволно зрел/а за да изнесам аргументи, да сослушам, признаам вина, и најважно од сè, дали двајцата сме подготвени за компромис и мирно решавање на несогласувањата? Доколку имате ефективна комуникација, одговорот на овие прашања би бил потврден.

Дали имате финансиска стабилност?

Финансиската стабилност е многу важна и треба да се сфати сериозно. Доколку не можете да седнете и отворено да разговарате за вашите примања, потреби и трошоци, влетувањето во заеднички живот нема поента.

Она на што треба да бидете подготвени е прелистување огласи и посетување разни станови можеби и со месеци. Извадете ги картите на виделина. Колкава кирија би можеле да плаќате или дали би можеле да си дозволите да купите стан? Колкави ќе бидат вашите месечни потреби и дали ќе успевате да ги подмирите месечните трошоци? Од кои луксузи или непотребни трошоци ќе треба и двајцата да се откажете?

Вселувањето заедно е сериозен чекор. Кога станува збор за финансиската стабилност, не брзајте. Можеби и на двајцата или на еден од вас ќе ви биде потребно време да заштедите повеќе пари или да добиете работно место кое е повеќе платено.

Кога е вистинското време да почнете да живеете заедно?

Дали на повидок ви е заедничка иднина?

Не станува збор за заеднички викенд или одмор на далечна дестинација. Тоа сте вие двајца и живеете заедно. Нема да можете да ја уживате слободата и приватноста како сега. Со вас не се родителите кои ќе ве извадат од секоја каша туку одговарате самите за себе. Кога ќе започнете кавга или ќе копнеете по својата приватност, не можете да кажете дека ви треба пауза, бидејќи врската веќе сте ја однеле на многу понапредно и позрело ниво.

Во секој случај, живеењето заедно подразбира компромис и прифаќање на туѓите маани и слабости. Доколку во иднина не се замислувате заедно со личноста, или имате некои поголеми двоумења и мисли кои ве враќаат назад, не брзајте се. Тоа што вашиот партнер е подготвен да го направи тоа не значи дека сте и вие. Започнувањето заеднички живот не е одлука која се носи според инстинкт.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар