Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Новата година како нов почеток ја користиме за задолжително да донесеме нова одлука и да си поставиме нова цел во животот. Од Нова година ќе ги откажам цигарите, конечно ќе го завршам магистерскиот труд, ќе најдам работа, ќе бидам поодговорна личност, ќе почнам да штедам… и што уште не. Но колку често тие новогодишни одлуки се исполнуваат? Колку често знаеме вистински и цврсто да стоиме зад тоа што сме го рекле?

Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Новогодишните одлуки се познати по тоа што речиси никогаш не се исполнуваат. Зошто е така? Поради недостаток на мотивација, поради тоа што одеднаш изгледаат премногу тешки и големи за да се исполнат или затоа што не ги сфаќаме вистински сериозно?

Сепак, постојат 5 чекори кои водат до сигурно исполнување на зацртаните цели. Кои се тие и зошто е важно да ги следиме?

Чекор 1: Вашата новогодишна одлука треба да биде сразмерна со нештата кои најмногу ги вреднувате во животот

Вредностите во животот се тие кои го диктираат вашето однесување, вашите сфаќања, ве мотивираат и ве насочуваат. Најголемата грешка која ја правиме при поставувањето новогодишни одлуки е нивната несоодветност со нашите најголеми вредности.

Да ја земеме за пример најчесто поставуваната новогодишна одлука – ќе водам здрав начин на живот, ќе вежбам и ќе бидам во топ форма. Звучи прекрасно, сте ја поставиле како цел и порано, но зошто не се исполнила? Можеби сте обрнале многу повеќе внимание на други аспекти во животот отколку на здравата исхрана, редовното вежбање и тренирање? Ќе речете дека сте зафатени и дека работата ве преокупира и токму тоа е моментот кога вашата одлука се разминува со основните вредности кои ги имате.

Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Пробајте да изградите мост помеѓу двете страни, да ги поврзете. На пример гледајте на физичкиот тренинг како нешто што ви е неопходно за да успеете во вашата кариера. Кога сте во фит форма, тренирате и живеете здраво, вие водите организиран начин на живот и имате повеќе енергија за исполнување на работните обврски.

Клучно е да не ја оставите вашата одлука да мирува „сама“ туку да ја поврзете со другите цели, вредности и навики кои ги имате во секојдневниот живот.

Чекор 2: Едноставно запишете ја на парче хартија

Многу истражувања покажале дека запишувањето на вашите цели води кон остварување на истите, па затоа неретко оваа техника се користи во многу терапии за самопомош.

Запишувањето на вашата цел е на некој начин физичка поврзаност на вашите мисли со поставената цел. По автоматизам се насочувате кон поставената цел и најважно од сè, имате јасна претстава за она што го сакате.

Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Чекор 3: Креирајте прецизен план

Кога уште на почетокот себеси ќе си дадете опција дека може да не успеете и дека тоа е во ред, тогаш веројатноста е голема дека навистина нема да успеете. Неуспехот не смее да ви биде опција. Секогаш кога вистински ќе се посветите на нешто во животот, сфаќајќи го сериозно, одите кон успех.

Направете точен план, запишувајќи го секој ваш чекор. Што, кога и како ќе преземете за чекор напред кон постигнување на целта? Секогаш кога ќе пречкртате една ставка како извршена, самите ќе се мотивирате за повеќе и понапред.

Доколку вашата цел е нешто за што не можете да изработите план (како на пример откажувањето на цигарите), тогаш направете ментален план во вашите мисли. Што би ви помогнало? Можеби за почеток скратување на една цигара помалку дневно, замена на тоа задоволство со друго или наоѓање хоби кое ќе ви ги оттргне мислите?

Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Чекор 4: Опкружете се со личности кои ќе ве поддржат

Може тоа да бидат луѓе кои имаат иста или слична цел како вас. На пример доколку сакате да бидете физички поактивни и да намалите некое кило, тогаш веројатно добро ќе ви годи друштвото на други членови од теретаната кои сериозно се движат напред кон својата цел.

Исто, поддршка може да најдете кај близок пријател, роднина, брат или сестра. Обратете се кај личноста за која знаете дека ќе ве разбере и со која делите слични интереси и сфаќања за животот.

Како конечно да ги исполните вашите новогодишни одлуки?

Чекор 5: Преземете го првиот чекор

Најтешко е да го направите првиот чекор. Откако ќе го сторите тоа веќе сте во игра. Затоа првиот чекор нека биде лесен и мотивирачки. Истиот ќе ве понесе на едно ново ниво кон остварување на донесената одлука.

Секогаш бидете мотивирани помислувајќи на придобивките кои ќе ги имате доколку ја исполните зацртаната цел. Како ќе се чувствувате? Што ќе се промени во вашиот живот?

Другото останува на вас. Со среќа!


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар