Како да се справите со постојаното одложување?

Дали почнувате да ја пишувате семинарската последните два дена пред да треба да ја предадете, иако сте имале цели две недели да работите на неа? Извештајот на работа го поднесувате последните 5 минути пред крајниот рок иако ништо значајно не правевте цело утро? Почнувате да се интересирате за нуклеарна физика токму тогаш кога треба да ги завршите своите обврски? Ако одговорот на овие прашања е да, тогаш без сомнение вие имате проблем со одложувањето. И не сте единствени. Ова често им се случува дури и на најорганизираните и најточните луѓе што ги познавате. Честото одложување на работите за последен момент доведува до стрес и анксиозност, а ако не се снаоѓате добро кога сте под притисок, дури и до неуспех. Па, како да го сведете одложувањето на минимум?

Како да се справите со постојаното одложување?

Справете се со вашите стравови

Стравот е еден од факторите кои доведуваат до одложување. Тоа може да биде страв од неуспех, страв од тоа да не се погреши, па дури и страв од тоа да се успее. Успехот со себе носи нови, посериозни обврски кои во моментот не се чувствувате подготвени да ги прифатите. А можеби сметате и дека не заслужувате да успеете. Што е и да е случајот, првиот чекор кон решавање на проблемот е да откриете од што се поттикнати вашите стравови.

Направете листа

Направете листа од работите што треба да ги извршите и ставете датум до нив за да си дадете краен рок. Направете проценка колку време би ви било потребно за секоја задача и помножете ја бројката со два, за во случај да ја потцените комплексноста на обврската и да се демотивирате доколку не успеете да ја завршите до одредениот рок. За да бидете поефикасни, прецртувајте ги работите што се успешно завршени. Токму оваа навика ќе ви донесе чувство на неверојатно задоволство и исполнетост.

Како да се справите со прокрастинација?

Поделете си ја работата

Кога треба да се соочите со некој голем проект, може да се чувствувате исплашено, изморено дури и безнадежно. Па затоа наместо да се фатите за работа, вие постојано ја одложувате. Зошто не ја поделите работата на повеќе етапи? Почнете чекор по чекор. Треба да го подготвите вашиот дипломски труд и без разлика што имате цели три месеци за тоа, вие ќе почнете последните две недели кога ќе сфатите дека денот се приближува и ќе ве фати паника. Знаете ли колку би си ја олесниле работата доколку си дадете задача секој ден да пишувате по 3 страни?

Откријте точно во кој момент почнува одложувањето

Обрнете внимание на тоа кои мисли ви се јавуваат во глава пред да почнете да одложувате. Ако често помислувате: „Не ми се прави сега ова“ или „После ќе имам повеќе време“, тогаш треба да препознаете дека одложувањето само што не започнало. Наместо да се препуштите на ваквите мисли, натерајте се себеси да поминете барем уште неколку минути во работа. Во голем број случаи ќе сфатите дека полесно е да се заврши кога веќе сте почнале.

Елиминирајте ги работите кои ви одземаат внимание

Тешко е да завршите каква било работа ако постојано проверувате што има на телевизија или кој сменил фотографија на својот Фејсбук профил. Одредете си период од денот кога ќе ги исклучите сите дистракции како музиката, телевизијата и социјалните мрежи и искористете го времето целосно да се посветите на задачата што ја имате.

Наградете се

Откако ќе завршите со некоја задача, макар и да се работи за мал дел од некоја поголема задача, важно е да си го наградите трудот. Погледнете ја новата епизода од вашата омилена серија, излезете со вашите пријатели, па дури и прелистајте ја цела почетна страна на Фејсбук доколку тоа ви причинува задоволство.

Можеби нема веднаш да престанете со одложувањето, но важно е да станете свесни за причините зошто се случува тоа и како да го надминете. Ќе откриете дека големината на напорот што ќе го вложите за да завршите некоја задача, не може ниту да се спореди со големината на задоволството што ќе го почувствувате откако ќе ја достигнете целта.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар