Како да се храните здраво дури и кога сте на пат?

Секој кој патува често ќе ви каже дека воопшто не е лесно да се храните здраво додека сте на пат. Во овие периоди најчесто јадете надвор бидејќи ретко кога имате услови или време за готвење. Дури и ако ги имате, најчесто сте премногу уморни да го правите тоа.

Како да се храните здраво дури и кога сте на пат?

Дури и ако планирате однапред, често се случува нешто што не ви дозволува да го следите планот. Иако сите уживаме во брзата храна, сепак не можете да живеете само од неа. Колку и да ги сакате локалните специјалитети и ресторани, треба да внимавате на вашето тело, но и на вашиот буџет. Па како всушност да се храните здраво кога сте на патување?

Спакувајте повеќе ужини отколку што мислите дека ви се потребни

Сите нутриционисти се согласуваат дека пакувањето повеќе ужини е клучно за здравата исхрана додека сте на пат. Можете да понесете поголема залиха на ужини што траат, како јаткасти плодови, протеински плочки и сушено месо. На овој начин ќе го избегнете прегладнувањето и ќе правите поздрави избори во однос на храната. Направете план да јадете од ужините на секои 3 до 4 часа и нема да внесете поголемо количество храна за време на главниот оброк.

Кога станува збор за количината што треба да ја понесете, таа зависи од должината на патувањето. Планирајте според тоа и поголемите пакувања поделете ги на помали за да не изедете сè пред да заврши патувањето. Доколку не сакате да носите храна од дома, секогаш можете да посетите некој тамошен супермаркет.

Наместо да јадете оброк од авион, понесете ваш

Кога патувате со авион нема потреба да ја јадете храната од таму. Можете да понесете овесна каша или инстант супа. Потоа само побарајте топла вода од стјуардесите и ќе имате здрав оброк. На овој начин ќе јадете нешто вкусно, нешто што ќе ве засити и нема да мора да плаќате премногу.

Не прескокнувајте го појадокот

Кога одите на пат, никогаш не заборавајте да појадувате без разлика дали ќе одите со авион, воз, брод или автомобил. На овој начин нема да бидете ограничени со изборот на аеродромот или железничката станица. Покрај тоа добриот појадок ќе ве снабди со енергија и ќе бидете целосно подготвени за патувањето.

Понесете шише за вода за повеќекратна употреба

Ова е одличен начин постојано да бидете хидрирани, а да не плаќате за пластични шишиња вода. Ако водата на местото каде што одите се пие, искористете го тоа и дополнувајте го вашето шише. Некои нутриционисти и фитнес тренери препорачуваат да го наполните шишето во теретана бидејќи тие често нудат филтрирана вода. Пред да се качите во авион, испразнете го шишето за да не мора да го фрлате.

Јадете зеленчук со секој оброк, дури и кога сте надвор

Без разлика каде јадете додека сте на пат, обидете се барем половина од изедената храна да биде зеленчук. Овој трик е најдобар доколку има шведска маса каде што храната не е секогаш со најдобар вкус и квалитет. Ако не ви е проблем да готвите, побарајте сместување со кујна. На овој начин не само што ќе се храните здраво, туку и ќе заштедите многу.

Проверете ги рестораните за здрава храна во кои сакате да јадете пред да тргнете на пат

На мапата обележете ги рестораните и продавниците за здрава храна. Доколку сакате да останете активни, обележете ги и патеките за трчање или теретаните. На овој начин ќе заштедите време и ќе знаете каде да го најдете она што ви е потребно.

Погледнете и како да патувате низ Европа со ограничен буџет.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар