Како да останете фокусирани кога сте изморени?

Без разлика дали сте гледале филмови и серии до доцна, сте биле излезени подолго од планираното, или имате проблеми со спиењето, сигурно ви се има случено да бидете премногу уморни наредниот ден за да правите што било. Според Националниот совет за безбедност, 43% од вработените луѓе не спијат доволно. Иако сите препорачуваат да спиете 7 до 8 часа секоја вечер, многу често тоа е невозможно. Овие совети ќе ви помогнат да издржите кога ќе се најдете во таква ситуација.

Како да останете фокусирани кога сте изморени?

1. Измијте го лицето со студена вода

Можеби го имате слушнато овој трик кој е навистина ефективен. Ставете студена вода во поголем сад и потопете го лицето во него неколку секунди. Или пак пуштете студена вода и држете ги рацете под неа неколку секунди. Потоа измијте го лицето. Ова ќе направи да се чувствувате освежено, фокусирано и полни со енергија.

2. Користете адаптогени

Кога се чувствувате изморено или под стрес, тревките адаптогени како женшен, босилек или сладок корен ќе го зголемат нивото на вашата енергија. Овие растенија ја обновуваат природната способност на телото за справување со стресот со тоа што го регулираат надбубрежниот систем. Адаптогените не целат кон одреден дел од телото, туку му помагаат на целиот организам да се справи со стрес, анксиозност и замор.

3. Раздвижете се

Движењето ќе ви помогне ако се чувствувате мрзеливо. На овој начин ќе ги „разбудите“ разните делови од вашето тело. Постои и свесно движење, односно кога се чувствувате уморно, забележете го тоа и фокусирајте се на активноста што ја правите. Кратка прошетка може да ви помогне и да испрати кислород до вашиот мозок. Исто така ќе се зголеми и производството на ендорфини. Можеби шетањето е последното нешто што сакате да го направите, но вреди.

4. Завршете ги поедноставните обврски

Ако сте премногу изморени обидете се да ги завршите наједноставните обврски како средување на работната маса или одговарање на пораките. Можеби денес не треба да работите на некој поголем проект. Запомнете дека е во ред да си дозволите да имате побавен ден. Немојте да се казнувате бидејќи се чувствувате лошо. Можете да направите и неколку вежби за дишење.

5. Смејте се

Направете пауза и пронајдете ја најсмешната личност околу вас. Или пак јавете му се на најдобриот пријател и споделете неколку шеги. Смеењето и кратката пауза од работењето ќе ви помогнат да се освежите. Смеењето има позитивно влијание и на вашето тело и на вашиот ум.

6. Излезете надвор

Сонцето му дава сигнал на вашето тело дека е време да се разбуди. Не само што сонцето ви дава енергија, туку го регулира и циркадискиот систем. Колку повеќе се изложувате на сончева светлина, толку побудно ќе се чувствувате. Исто така полесно ќе ви биде да го средите распоредот на спиење кој најверојатно сега не ви дозволува да бидете продуктивни.

7. Дишете длабоко

Дишењето е секогаш сигурен начин да си го вратите фокусот. Вдишете од носот и издишете од устата. Бројте до 5 или 10 и ќе забележите како ова ќе ве опушти, но истовремено и ќе ве разбуди бидејќи вашата свест кон дишењето ќе се менува.

Прочитајте и за причините за замор и малаксаност во текот на денот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар