Како да го доведете своето пишувано дело до совршенство?

Како да го доведете своето пишувано дело до совршенство?

Вредноста на пишаниот збор била и ќе остане многу голема. Во секојдневниот живот често се случува вашите обврски да бидат поврзани со пишување, особено доколку сте студенти. Имајќи предвид дека со помош на вашето пишувано дело многу лесно би можеле да добиете оценка плус, вашата свест за квалитетно пишување треба да биде на високо ниво. Без разлика дали станува збор за есеј, извештај, семинарска работа, истражувања и сл, внимавајте да ги следите следниве фази кои вашето дело ќе го доведат до совршенство:

Како да го доведете своето пишувано дело до совршенство?

1. Пристапете ѝ внимателно на пишувачката ситуација

Секогаш кога на нешто уште од почетокот му обрнувате доволно внимание, на крај мора да излезе добро. Започнете со внимателно пристапување на пишувачката ситуација во која сте се нашле себеси. Станува збор за мисловен процес, не запишувајте ништо туку едноставно размислете за следново:

Темата на која треба да пишувате – Имате веќе дадена тема или треба самите да ја одберете? Колку треба да ја покриете темата, дали треба да објаснувате детали? Зошто вашата тема е интересна и корисна за пишување?

Од каде ќе добивате информации – Дали информациите ќе ги добивате од лично искуство, набљудување, читање и каков вид информации ви се потребни?

Која е вашата намера – Со која цел го пишувате делото? Да ги забавувате читателите, да ги советувате, да ги поттикнете на акција или да ги предупредите за нешто?

Кој ќе го чита вашето дело – Колку оние што ќе го читаат вашето дело се информирани за темата на која пишувате? Каква е нивната заинтересираност? Која е вашата врска со нив (дали сте нивни студенти, вработени, колеги и сл.) и колку време би потрошиле на читање на она што сте го напишале?

Колкава треба да биде должината и каков ќе биде дизјанот – Дали сте ограничени со зборови и должина на пасуси? Дали треба да употребите некаков интересен дизајн за изгледот на документот? Како би требало да изгледа?

Дали имате краен рок до кога вашиот проект треба да биде завршен – Колку време имате за да го напишете вашето дело и кој би можел да ве советува и помага додека го пишувате (доколку станува збор за голем и важен проект).

Како да го доведете своето пишувано дело до совршенство?

2. Експериментирајте со вашите идеи

Идеите се најважни, сè произлегува од идеја, затоа треба да имате свои техники на „ловење“ идеи. Еве неколку предлози кои воедно ќе ви помогнат да ги подобрите вашите пишувачки вештини:

Пишувајте ја секоја идеја која ќе ви падне на памет – во оваа почетна фаза не целите кон квалитет туку квантитет, дури и доколку идејата решите да ја отфрлите подоцна во текот на пишувачкиот процес, секогаш може едноставно да ја чкртнете или избришете. Едноставно земете лист и пенкало и запишувајте сè што ќе ви дојде на памет, сè што знаете, сè што на каков било начин е поврзано со дадената тема. Не обрнувајте внимание на нивниот редослед или граматички грешки, само запишувајте, доколку се концентрирате дали сè е напишано правилно, голем дел од идеите ќе ви избегаат.

Групирајте ги идеите – направете го ова цртајќи дијаграм кој во средината ќе го содржи насловот или клучниот збор од насловот на вашата тема. Запишувајте ги вашите идеи и класифицирајте ги, од секоја идеја нека произлезат макар две останати.

Слободно пишување – одвојте десетина минути и само пишувајте без престан. Пишувајте реченици, сè што ќе ви дојде на памет без запирање. Тогаш кога мислите дека нема за што да пишувате, пишувајте дека немате идеи. Не запирајте да размислувате за избор на зборови, уредност во пишувањето, ниту пак за значењето на зборовите.

Разговарајте – ако правите важен проект ќе имате повеќе време за да го завршите, па искористете го слободното време да разговарате на темата која ви е дадена. Станува збор за секојдневен муабет во кој луѓето слободно ќе ви кажат мислење на одредена тема. Некои нема да ви бидат од голема важност, други пак, ќе ви дадат идеи.

Како да го доведете своето пишувано дело до совршенство?

3. Фокусирајте се на централната идеја

Грубо кажано, речиси секое пишувано дело се состои од вовед каде ја презентирате главната идеја и темата на која пишувате, неколку пасуси во главниот дел каде ќе развивате и објасните мислења и податоци и заклучок кој ќе го сумира резултатот на пишуваното дело.

Централната идеја треба да биде содржана во една реченица, тоа ќе биде тезата во вашето дело. Добро составена теза ги мотивира читателите да продолжат да читаат и јасно ја изразува вашата идеја и намера. Тезата треба да биде составен дел од вашиот вовед и ненаметливо да се повторува во понатамошниот текст, што е всушност одличен начин за да не избегате од границите на вашата тема.

Неколку трикови за составување добра теза:
  • Не смее да содржи многу факти, личности, места и години. Сепак треба да побуди интерес кај читателите и да ја истакне темата за која ќе пишувате и набројувате мислења и дискусии.
  • Не треба да биде ни многу долга ни многу кратка, туку „спакувана“ во интересен пакет од зборови кој ќе ги заинтригира читателите.
  • Да не биде премногу општа, сепак треба да ги насочите читателите кон нешто. Доколку на пример, сакате да пишувате за проблемите со загаденост, фокусирајте се на нешто како штетните гасови или отпадоци од фабриките.

4. Скицирање и пробни текстови

Најважно е да имате нацрт кој слободно ќе можете да го поправате и изменувате. Доколку имате можност, би било добро да се консултирате со вашиот професор или претпоставен додека вашето дело е сè уште во фаза на обработка. Ова е најважен чекор пред изработка на финалниот резултат.

Како да го доведете своето пишувано дело до совршенство?

Вовед

Внимавајте да биде помеѓу 50 до 150 зборови, (зависи од видот на делото кое го пишувате, но предолгиот вовед ја губи ефективноста на текстот). Започнете го или завршете го воведот со главната реченица која ја содржи вашата теза. Користете примамливи трикови за да им го задржите вниманието на читателите, како анегдота, интересен факт, извадок од дело, поучен цитат или прашање кое ќе ги натера на размислување.

Главен дел

Внимавајте да не избегате од вашата тема и главната цел. Разделете го во пасуси и делови, зависно од мислата и идејата која ја носат истите, и секако во зависност од она што го пишувате. На пример, доколку вашето дело се базира на аргументи за и против, првиот пасус од главниот дел нека ги содржи аргументите за и нивните образложенија, а вториот нека е составен од аргументи против. Може да искористите уште еден пасус каде ќе го кажете вашето мислење, или тоа да го оставите за завршниот дел.

Заклучок

Во заклучокот ја искажувате главната идеја без да го повторувате истото кое сте го напишале. Заклучокот треба да биде краток и јасен, а може да ја сумира вашата главна идеја, да постави прашања кои би поттикнале понатамошни истражувања или да понуди совет. Она што не смеете да го правите е да изнесувате нови идеи на крајот.

5. Проверете го напишаното

Во текот на проверката може да се случат драстични промени како разместување пасуси или бришење реченици. Најважно е да го читате текстот со критичко око. Можеби е најдобро да го оставите една вечер и да се вратите на проверка наредниот ден со цел да го гледате напишаното од друга перспектива. Некогаш е многу тешко да ги пронајдеме нашите грешки, а многу лесно би пронашле грешки во туѓ текст. Тоа е од проста причина што кога го читаме она што сами сме го напишале го читаме на начин на кој сме го замислиле во главата, а не на начин на кој е напишано и изнесено преку зборови. Доколку имате потешкотии при овој процес, побарајте проверката да ја изврши некој друг.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар