Како да ги одберете соодветните фармерки според градбата на вашето тело?

Добриот крој фармерки може да ги прикрие сите недостатоци и да ги нагласи позитивните страни на секое женско тело. Тие имаат моќ да ги намалат бутовите, да го подигнат задникот и да ја издолжат фигурата. Но, покрај големиот избор на модели и броеви, понекогаш може да се случи и макотрпната потрага по совршениот пар да заврши неславно. Со цел да ги избегнете најголемите грешки, најважно е да го познавате вашето тело и уште во почетокот да ги елиминирате оние модели кои нема да ви одговараат. Тоа можете да го сторите со помош на следниве неколку совети…

Како да ги одберете соодветните фармерки според градбата на вашето тело?

1. Висока градба и фармерки со должина до под колена

Фармерките со должина од три четвртини треба да ги избегнуваат сите високи жени. Тие кои веќе имаат долги нозе, со оваа должина на фармерки ќе го добијат спротивниот ефект – тие ги кратат долгите нозе и изгледаат како да сте облекле фармерки од вашата пониска пријателка.

Совет: Ретро фармерки во стилот од 70-тите години со форма на трапез се идеален избор за сите високи дами. Исто така тесните модели кои се лепат за нозете се одличен избор за витките девојки.

2. Ниска градба и широки фармерки

Широките фармерки ни најмалку не се наменети за ниските девојки. Со широкиот дизајн и подвитканите ногавици тие предизвикуваат илузија дека се многу пониски одошто навистина се. Токму затоа би требало да ги избегнувате овие модели.

Совет: Ако сте ниски, носете модели на тесни фармерки кои се до глуждовите. Можете да си дозволите и од оние кои се со рамен крој или висок струк со цел визуелно да ги издолжите вашите нозе.

3. Мускулеста градба и тесни фармерки

Тесните и припиени фармерки воопшто не се добар избор за сите оние девојки кои вежбаат и имаат мускули на нозете, бидејќи тие дополнителни ги нагласуваат бутините. На овој начин вие создавате илузија дека вашите нозе се дебели.

Совет: Обидете се со поблагите стилови како рамните класични модели или универзалните модели чии ногавици малку се шират кон дното. Тие ќе ѝ дадат на вашата фигура поголема женственост.

4. Тело во облик на јаболка и фармерки со подвиткани ногавици

Дамите кои имаат тело во форма на јаболка и чии карактеристики се голем задник, тесни колкови и тенки нозе, дефинитивно би требало да ги избегнуваат оние модели кои имаат должина до глуждовите или кои се носат со подвиткани ногавици. На овој начин вие ја нагласувате непропорционалноста на телото, правејќи ги вашите нозе уште потенки и пократки во однос на горниот дел.

5. Тело во облик на песочен часовник и фармерки со висок струк

Широките колкови и тесниот струк најдобро го опишуваат телото на песочен часовник. Оваа исклучително женствена фигура не ги трпи сите модели на фармерки, а особено не ѝ стојат оние со висок струк. Со овој крој колковите се ставаат во прв план и вие визуелно ги зголемувате вашите природно пренагласени особини.

6. Тело со детска градба и фармерки со низок струк

Кај оваа градба ниту еден дел од телото не е особено изразен, па токму тоа значи и дека овие девојки треба да ги избегнуваат фармерките со низок струк кој можат визуелно да го намалат задникот.

Совет: Совршените фармерки за оваа фигура се оние кои создаваат илузија на облини, како моделите со декорации на џебовите или пак, оние кои се во форма на трапез.

7. Полнички девојки и избелени тесни фармерки

Фармерките со избелени детали како и оние со декорации и ниски џебови предизвикуваат полничките дами да изгледаат визуелно поголеми одошто навистина се. Избегнувајте ги овие модели бидејќи тие ќе делуваат како рефлектори на оние делови од вашето тело кои се природно нагласени.

Совет: Одбирајте фармерки во потемни бои, направени од растеглив џинс, со средна висина на струкот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар