Ги прашавме експертите: Колку вода е потребно да се пие за време на бременоста?

Ги прашавме експертите: Колку вода е потребно да се пие за време на бременоста?

Сигурно веќе многу добро ви е познато дека е важно телото да се хидрира за да биде здраво и можеби го следите старото правило – пиење осум чаши вода на ден. Но, што кога сте бремени? Дали треба да пиете повеќе? Експертите ги одговорија следните прашања.

Колку вода треба да се пие за време на бременоста?

„Предлогот за пиење вода за време на бременоста е околу шест до осум чаши вода на ден, објаснува д-р Едвард Марут, репродуктивен ендокринолог од Центрите за плодност во Илионоис.

Додека од канцеларијата на Женското здравје што е дел од американскиот оддел за Здравје и човекови служби, препорачуваат бремената жена да пие околу 10 чаши (односно околу 2 литри) течност во текот на денот, малку повеќе од стандардните 8 чаши. Но, точната количина која вас ви е потребна варира според вашиот тип на тело, големина и вашето ниво на активност, па затоа најдобро е да се консултирате со вашиот доктор доколку барате попрецизни информации.

Дали се бројат и другите течности?

„Секако дека под ‘течности’ не се мисли само на чаши вода. Покрај водата, треба да се консумираат здрави пијалаци од овошје и зеленчук како што се овошните сокови или млекото со цел да се одржува интраваскуларниот волумен (волуменот на крвта во системот за циркулација)“, објаснува д-р Марут.

Но, пред да се обидете да ги замените вашите осум чаши вода со осум чаши млеко, имајте го ова на ум. Треба да го ограничите бројот на пијалаци кои содржат кофеин (како кафето) што го консумирате затоа што кофеинот влијае врз вашето бебе. Се препорачува бремените жени да го ограничат внесувањето кофеин на помалку од 200 милиграми на ден. Имајте на ум дека кофеинот исто така се наоѓа и во чајот, газираните сокови и топлото чоколадо, па кога ќе правите пресметки преку што ќе го внесете кофеинот земете го и ова предвид.

Не е познато на каков начин кофеинот влијае врз бебињата, но тоа што досега се знае е дека малку го зголемува крвниот притисок, срцевите отчукувања и количината на урина што ја произведува вашето тело. За време на бременоста можете да бидете посебно чувствителни на кофеин затоа што му треба подолго време да се исчисти од телото отколку кога не сте бремени.

Д-р Марут вели дека една шолја чај или кафе нема да ви наштети, но може да ве направи дехидрирани. „Доколку сте жедни, вие најверојатно заостанувате со потребната количина на течности. Тоа е слично на ситуацијата кога надвор е жешко или додека вежбате“.

Како ќе знаете ако не пиете доволно вода?

Покрај тоа што ќе се чувствувате жедни, други знаци на дехидрација вклучуваат темно-обоена урина (обрнете внимание на боите), ретко уринирање (помалку од 3 пати на ден), сува, леплива уста и очи, зашеметеност или вртоглавица, констипација, главоболка, како и зголемена анксиозност, умор, промени на расположението и намалена меморија.

Исто така доколку се соочувате со утринска мачнина вие ја губите течноста многу брзо, па се препорачува да пиете дополнително повеќе вода. Исто така пијте вода на собна температура, бидејќи за време на бременоста можете да бидете посензитивни на екстремни температури – пиењето вода која е премногу ладна или премногу жешка може да ги зголеми стомачните болки и да почне да ви се гади.

Кои се придобивките на пиењето повеќе вода за време на бременост?

Со зголемување на пиењето вода, вие ќе му помогнете на вашето тело да ги апсорбира хранливите материи исфрлајќи ги штетните отпадоци и токсини, да ги транспортира витамините, минералите, како и хормоните до крвните клетки. Додека сте бремени, вашето тело исто така има потреба од течности за да создава плодова вода, да произведе дополнителен волумен на крвта, да изгради ново ткиво, да ги редуцира надуените стапала и глуждови, да го намали ризикот на инфекции на уринарниот тракт и предвременото раѓање и да се ослободи од констипација.

„Волуменот на плазмата се зголемува како што минува бременоста обезбедувајќи соодветно снабдување на плацентата со крв“, изјавува д-р Марут. „Затоа придржувањето до овие барања е многу важно.“

Крвниот волумен се зголемува до 50% за време на бременоста, според едно истражување објавено од Националниот институт за здравје.

Кој е најдобриот начин да бидете сигурни дека пиете доволно вода?

За да бидете сигурни дека пиете доволно течности во текот на денот, додајте во исхраната и овошје богато со вода како лубеница, јаготки, краставици, зелка и диња. Исто така за ужина можете да јадете полутечна храна, како на пример јогурт (што ве обезбедува со дополнителен калциум), смуди и сладолед на стапче. Супата (сè додека има ниско ниво на натриум), минералната вода и чајот без кофеин исто така спаѓаат во групата течности што можат да помогнат.

Од друга страна пак, газираните пијалаци и вештачките сокови содржат многу шеќери и празни калории, вештачки засладувачи и бои, па затоа и немојте да ги внесувате често и во големи количини. Тие можеби привремено ќе ви ја ублажат жедта, но на подолг рок можат многу да ве дехидрираат.

Дознајте и кои се нештата што секоја жена треба да ги знае пред првата бременост.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар