Емоционалната сигурност е неопходна за остварување емоционална поврзаност

Емоционалната сигурност е неопходна за остварување емоционална поврзаност

Најновите истражувања во областа на невробиологијата покажале дека емоционалната сигурност е еден од главните фактори што треба да се исполни за да се оствари потребната блискост во една љубовна врска. Мора прво да се чувствуваме безбедни за да можеме да ја покажеме нашата ранливост. Ранливоста е родното место на љубовта, заемната радост, храброст, емпатија и автентичност.

Емоционалната сигурност е неопходна за остварување емоционална поврзаност

Некои луѓе не обрнуваат големо внимание на сигурноста во врската, бидејќи зборот „сигурност“ го поистоветуваат со зборот „досада“. Сепак, стабилните врски по кои сите копнееме опстојуваат благодарение на чувството на сигурност. Тоа го докажуваат и научниците.

Докторот Стивен Порџес, еден од главните светски експерти за автономниот нервен систем, потврдува дека потребата за сигурност е длабоко врежана во нашиот ум и тело. Неговата поливагална теорија опишува како нашиот автономен нервен систем ги пренесува безбедноста, довербата и интимноста до потсистемот што го нарекува систем на социјална вклученост. Нашиот мозок постојано ни кажува преку сетилата дали се наоѓаме во безбедна или опасна ситуација.

Кога нашите тела и умови чувствуваат безбедност, нашиот систем на социјална вклученост ни овозможува да соработуваме, слушаме, сочувствуваме, да се поврзуваме, но и да бидеме креативни, иновативни и храбри во начинот на размислување и идеите. Ова има позитивно влијание на нашите врски и живот воопшто.

Повеќето парови не се соочуваат со ситуации опасни по живот, туку се заглавени во хронична неповрзаност, тензија, одбранбен механизам и нервоза што им дава сигнал на сетилата дека се работи за некаква опасност, а тоа на крајот има негативен ефект на врската.

Способноста на мозокот да биде свесен за овие сигнали е појава што се вика невроцепција, термин составен од страна на Порџес, кој го користи за да опише како нервниот систем се потпира на чувствата за да го процени нивото на ризик и безбедност.

Оваа свесност е надвор од контрола на свесната мисла. Нашите мозоци постојано вршат анализа на информациите што ги добиваат преку сетилата за да одлучат како и кога да воспостават врска и да се поврзат со други луѓе.

Кога перципираме безбедност преку нашата невроцепција, нашата социјална вклученост може да функционира и да ни помогне да создадеме топлина и поврзаност. Кога перципираме опасност, сите наши сетила почнуваат да го проценуваат нивото на потенцијална опасност и да нѐ заштитуваат од неа.

Емоционалната сигурност е неопходна за остварување емоционална поврзаност

Суптилни закани за губење на поврзаноста

Замислете си ја следнава ситуација: Маж и жена во нивните 30-ти се во брак веќе неколку години. И двајцата имаат стресни професии и мора често да патуваат. Понекогаш поминуваат неколку недели без да се видат. Кога конечно ќе се соединат, наместо да чувствуваат среќа и поврзаност, тие се караат. Мажот критикува, жената го возвраќа ударот. Мажот почнува да се затвора во себе, а жената се чувствува напуштено. Ниту еден од нив двајца не се чувствува безбедно.

Нивните изрази на лицето, гласови и тела се напнати и ја рефлектираат анксиозноста што ја чувствуваат однатре. Тие претставуваат закана еден за друг, без да бидат свесни за тоа. Како луѓе, ние имаме капацитет да почувствуваме закана на многу суптилен начин што нема никаква врска со логиката и когницијата. Овој длабоко врежан систем почнува да работи, без разлика дали нам ни се допаѓа тоа или не.

Исто така, невроцепцијата го поттикнува нашиот одбранбен систем кога ќе почувствува закана, како во случајот со брачниот пар од примерот. Иако тие знаат на когнитивно ниво дека се безбедни кога се еден покрај друг, нивните сетила примаат поинакви информации преку нивните гласови, очи, изрази на лицето и говор на телото. Кога не се чувствуваме безбедни, нашите тела не сакаат да се вклучат, да се поврзат и да ја дадат емоционалната топлина што е потребна за љубовната врска да опстои.

Како да создадеме безбедна и сигурна врска?

Како паровите да ја одржат емоционалната сигурност кога и двајцата партнери се под стрес? Како да остварат поврзаност што ќе ги инспирира и ќе ги поттикне на развој? За да постигнат сигурност на невроцептивно ниво, партнерите мора намерно да разговараат за нивните заеднички интереси и заемна љубов. Мора да почнат да се прифаќаат и разбираат еден со друг. Со текот на времето, нивните изрази на лицето ќе станат понежни, а гласовите посмирени и повесели. Наскоро, тие ќе успеат да ја обноват нивната поврзаност. Наместо да ги презираат нивните средби, ќе почнат со нетрпение да ги очекуваат.

Убавината на нашиот нервен систем лежи во тоа што ни помага да ги преживееме опасните ситуации, но и да ги продлабочиме нашите чувства на блискост и поврзаност со луѓето околу нас.

Врските што се засноваат на сигурност не се воопшто здодевни. Емоционалната сигурност ни ја дава слободата да соработуваме, сонуваме, да бидеме креативни, да ги споделуваме храбрите идеи, да сочувствуваме и слободно да го искажуваме нашето мислење. Колку подобро ја разбереме улогата на нашите тела во врските, толку повеќе ќе можеме да ги искористиме во наша корист. Пронајдете ја вашата емоционална сигурност во врската и остварете ја емоционалната поврзаност со партнерот што отсекогаш сте ја посакувале!

Во продолжение прочитајте зошто само емоционалната поврзаност може да ги одржи меѓучовечките односи во живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар