Едукација за мајчинство на македонски со видеата на Јутјуб каналот Дома со Леа

Никој не рекол дека родителството е лесна задача, а ова најдобро го знаат оние луѓе кои за првпат стануваат родители. Многу нови обврски, непроспиени ноќи и занемарување на грижата за себе се само дел од нештата што го опишуваат животот на родителите во првите месеци од раѓањето на бебето. Никој не може да биде сосема подготвен за она што следува, но редовното информирање може да ни помогне полесно да се справуваме со разните ситуации во кои неизбежно ќе се најдеме.

Колку и да е поделена грижата помеѓу родителите, најголемиот товар сепак паѓа на мајката, па згора на сите обврски околу бебето и домот, таа треба и постојано да истражува за да научи како правилно да го одгледува своето дете.

Едукација за мајчинство на македонски со видеата на Јутјуб каналот Дома со Леа

На помош ни доаѓа Леа, мајка на малата Зара, која е всушност главната инспирација за креирањето на Јутујб каналот #ДомаСоЛеа. Овде таа редовно објавува видеа на различни теми како доење, воведување дохрана, користење нокшир, зборува и за влијанието на екраните, но раскажува и инспиративни приказни на жени претприемачки кои откриле нова страст за време на породилното отсуство и тоа го претвориле во бизнис.

Леа е инаку дипломиран туризмолог со долгогодишно искуство како водич во Македонија и на Балканот. Од 2015 година е коосновач на микро-компанија за организирање на хајкинг тури низ балканските земји. Активна е во граѓанскиот сектор како дел од тимот на НВО Балканија, како едукатор и младински работник.

Во продолжение, прочитајте го интервјуто што го направивме со неа. Можеби ќе најдете одговор на некои прашања, ќе разрешите некои дилеми, а којзнае, можеби и ќе се инспирирате и вие да започнете сличен проект.

1. За почеток, како се реши да отвориш свој Јутјуб канал? Како ја почувствува потребата и каде ја најде мотивацијата? Дали истражуваше други канали или едноставно започна со она што имаше да го кажеш?

Додека бев бремена и го имав сето време на светот, секојдневно читав блогови и гледав видеа за бременост и бебиња. Постојат безброј меѓународни Јутјуб канали за слични теми, многумина кои почнале од 0, а сега имаат милиони претплатници и гледаност, но чии содржини се вреден извор на информации. Во тој период ми се допадна Јутјуб како медиум. Подоцна, откако се роди ќерка ми, имав лична потреба да го систематизирам искуството и знаењето кое го стекнував. Особено имав потреба од хоби во кое успехот е мерлив, бидејќи грижата за новороденче е исцрпувачка и на ментално ниво. Во сето гушкање, доење и менување пелени, притисокот дека можеби не правиш нешто како што треба е голем кога си прв пат мајка. Ми требаше брзо и независно да почнам нешто што ќе ми ги окупира мислите и ќе го задржи работниот дух во моето секојдневие, чии резултати се видливи, а што сепак нема да ми одземе многу од времето посветено на семејството. Името #ДомаСоЛеа беше одговор на прашањето „за што ќе снимам?“ – за тоа како седам дома. 😁 Воопшто не истражував што има на МК Јутјуб пред да почнам, но набрзо дознав дека нема друг канал наменет за мајки.

2. Објавуваш видеа секој понеделник веќе осум месеци. Како изгледа подготовката на материјалот, како и самото снимање и обработката? Колку време ти е потребно од идеја до објава на едно видео? (И што прави твојата ќеркичка во тој период? ☺)

Многу сум посветена на подготовките и работам на влогот во тек на целата недела. Сѐ работам сама и во сѐ сум самоука. 😊 Истражувам и пишувам за темите навечер. За некои видеа правам само потсетник, за некои сценарио, за некои воопшто не пишувам, во зависност од темата и содржината. Снимам сама со мобилен, некогаш и со позајмен апарат, на позајмен статив и на дневна светлина. Видеата ги монтирам и обработувам во апликација на мобилен која си ја купив и самостојно научив да ја работам. Навечер откако ќе ја успијам ќерка ми, си лежам до неа и со часови сечкам, монтирам, додавам филтри и стикери… По професија сум туристички водич и буквално во секој дел од оваа работа сум самоук аматер, но и голем ентузијаст.

Во почетокот снимав само кога ќерка ми преспива, но сѐ почесто снимам во нејзино присуство. Сака да ме гледа и слуша, некогаш гуга или ме прекинува, а понекогаш снимам и кога сопругот си игра со неа или ја шета надвор.

3. Неизбежно е да те прашаме… Како наоѓаш време за оваа активност со мало дете? Вообичаено мајките се жалат дека немаат време ни за јадење ни за спиење, а често ни за туширање. Како изгледа твојот ден? Како поставуваш баланс помеѓу различните обврски?

Вистина е сѐ што велат мајките! Животот се менува на секој начин кога ќе го запознаете вашето малечко. Заради досегашните работни искуства имам развиени вештини за менаџмент со време и импровизација и умешно ги користам и во приватниот живот. Денот почнува рано, со кафе со сопругот, играње со ќерката и галење со мачорот. Ова некогаш трае 5 некогаш 55 минути, но секогаш ми ги полни батериите и ме подготвува за „планот за тој ден“. Сите хранења и успивања се во утврдени временски интервали; многу вложивме во градење цврста рутина со бебето и сега ги гледаме бенефитите од тоа. Предвидливо е кога ѝ се јаде, кога ѝ се спие и во голема мера тоа го олеснува планирањето.

Многу е важно мајката да се грижи за себе, бидејќи здрава, одморена, најадена и расположена мајка може поубаво да се грижи за своето бебе.

Сопругот Горан ми е најголема поддршка за сѐ во животот, а кога имам состаноци и тури, баба Сузана доаѓа да ја чува внуката.

Обврските ги планирам по денови, приоретизирам и гледам да не си задавам повеќе работа отколку што реално можам да постигнам. Завршувањето мали задачи, професионални или домаќински, ме исполнува. Ако нешто не ме исполнува или ме вознемирува гледам да го „решам“ што побрзо или да го откажам.

4. Твојот канал е микс од видеа на различни теми. Се чини дека колку што посветуваш време за да дадеш конкретни совети за бебиња и деца, толку акцент даваш и на грижата на мајките за себе и она што тие можат да го прават во периодот додека се дома со своите мали. Што би им порачала на другите мајки, како да се грижат за себе, како да најдат инспирација да прават и нешто друго освен вообичаената грижа за детето? Може ли мајката и да работи додека истовремено е дома со своето дете?

Неблагодарно е да се очекува од мајка да биде „супермен“ како тоа да е стандард или просек и како да потфрла ако се грижи за она што е реално најважно во тој момент, а тоа е семејството. Намерно велам семејството, бидејќи покрај новороденчето, на сите членови на семејството им се менува динамиката, од сопруг, други деца, баби па сѐ до миленици. Природно мајката е НЗС за сите релации, а и самата е зафатена со опоравување и 24-часовна нега за бебето.

Сепак, многу често стереотипите нѐ ограничуваат и не ни даваат да размислиме од друга перспектива. Сакам да ги поттикнам жените да ги согледаат можностите кои ни ги нуди времето во кое живееме.

Често нагласувам дека не сум педијатар ни медицинско лице и дека советите во моите видеа се базираат на моето скромно досегашно искуство.

Видеата за работа од дома се однесуваат на сите лица, не само на мајките. Кој било, кој не работи, не е задоволен од работата или има потреба од промена, треба да размисли и да се информира за оваа опција. Но, од сопствено искуство, мислам дека работењето од дома за жените кои планираат да станат мајки дава една независност и ексклузивна можност да одлучуваат за своето време без притисок и да поминуваат колку време сакаат со семејството.

5. Подготовката за доаѓање на бебето на свет и родителството во првите месеци се најтешки. Изгледа бидејќи има многу непознати нешта. Можеш ли да издвоиш топ 5 препораки кои би им ги дала на нашите читатели?

Тешко е да се издвои, но има некои универзални начела.

Прво, никогаш не си доволно подготвен за тоа што те очекува првиот пат.

Потоа, факт е дека сѐ во животот на новороденче е фаза, значи сѐ брзо се менува. Ова е добро да се знае кога ни е тешко, но и кога ни е убаво.

Трето, времето навистина минува брзо, и сѐ понатаму е покомплексно и поинтересно.

Четврто, зборувајте му, допирајте го и гледајте го бебето во очи. Иако во почетокот не реагира, ова се начините на кои му искажуваме љубов и секој момент е важен за него.

И последно: немојте да ги наоблекувате и препокривате бебињата за секој случај. 😁 Ќе се испотат и поверојатно ќе настинат отколку ако се со помалку слоеви.

6. Зборуваш и за опасностите и штетните влијанија на технологијата и достапните содржини врз развојот и добросостојбата на децата. Ова се многу важни прашања, кои честопати водат до поделени мислења. За што треба родителите да бидат најмногу свесни во првите години од животот на нивните деца?

По ова прашање, како и по многу други, родителите сами одлучуваат за своите деца и најчесто само им ги префрлаат своите навики и убедувања. Не ми е јасно како родители што се опседнати со здрава исхрана и квалитетен живот, не водат сметка што консумираат децата на духовен, културен и интелектуален план. Досега направив неколку видеа од сѐ за што истражував затоа што ме интересираше мене лично (адиктивните видеа со отпакување, предизвикот Момо). Факт е дека екраните се незаменлив дел од животот на секој од нас, а особено на идните генерации. Токму затоа не треба да ги изложуваме од најрана возраст. Екраните и интернетот не им се пријатели на бебињата. Не се децата толку незаштитени колку што сме ние неинформирани.

Ги охрабрувам родителите да истражуваат и да не престанат да се информираат за доброто на своите деца.

7. Каква е твојата замисла за твојот канал во иднина? Имаш ли некоја цел што сакаш да ја постигнеш? Какви теми можеме да очекуваме понатаму? И кои техники на промоција ги имаш користено за досегашниот успех?

Во блиска иднина ќе продолжам со ова темпо, едно видео неделно на теми од моето секојдневие. Како што расте ќерка ми, еве неодамна наполни една година, така расте и бројот на искуства и нови ситуации во кои се наоѓаме. Имам уште многу, многу да споделам со гледачите. Не ми е важна експонираноста или бројот на претплатници колку што ми е важно дека ме гледаат млади мајки и дека можеби наоѓаат одговор на некое прашање, инспирација за понатаму да се информираат на некоја тема, или едноставно сознание дека не се сами во она што го минуваат во моментот.

Многу сакам да запознавам и други мајки претприемачки. Со особен интерес снимам видеа и интервјуа со жени кои покрај обврските со детето, нашле време и енергија да се реализираат на професионален план или преку некое креативно хоби. Бидејќи се препознавам во нивните приказни, овие видеа ги правам и за да ја промовирам нивната работа, но и за да ги инспирирам моите следбеници.

Засега не се промовирам вон кругот на Фејсбук пријателите и следбениците на Твитер. Неколку македонски портали препознаа вредност за своите читатели во #ДомаСоЛеа, па повремено објавуваат дел од видеата, што ми дава валидација и задоволство.

Прочитајте го и интервјуто со инстаграмџиката Николина, мајка на две неодоливи дечиња која ќе ве освои со своите одлични фотографии.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар