Дали егото е наш сојузник или непријател?

Дали егото е наш сојузник или непријател?

Егото често се споменува во негативен контекст, но кога нештата ќе се согледаат од повеќе страни, тоа нам ни носи и некои предности во животот. Поради тоа, треба да научиме да го разбереме егото, да го прифатиме и да го употребуваме во своја корист.

Dali-egoto-e-nash-sojuznik-ili-neprijatel-kafepauza.mk

Што е егото и како Фројд го дефинирал?

Ако пребараме на интернет или во стручна литература, ќе најдеме многу дефиниции и објаснувања според кои егото е наш внатрешен непријател кој ни ги расипува односите со луѓето. Веќе е толку природно да се карактеризира како негативна особина, што забораваме на оригиналната дефиниција според Фројд.

Тој, внатрешниот свет на луѓето го поделил на ид, его и суперего. Идот се состои од нагоните, инстинктите и несвесните нагони. Суперегото е моралот, свесноста и прилагодувањето на општествените норми кои сме ги прифатиле во текот на воспитувањето и образованието.

Егото се наоѓа меѓу нив и ги комбинира пораките од идот и суперегото.

Во слободна дефиниција, би можело да се каже дека егото е нашето доживување за самите себе и иако некогаш може да биде преголемо, всушност не е возможно да се функционира без него. Тој дел од нас ни помага да ги процениме ситуациите и да се однесуваме соодветно на нив.

Дали егото е наш сојузник или непријател?

Зошто често се наведува како синоним за себичност или ароганција?

Без разлика на дефиницијата на Фројд, луѓето често го користат овој термин во многу погрешен контекст. Кога ќе чуеме дека некој има преголемо его, добиваме впечаток на арогантна и самобендисана личност, која сака да ја истакне својата важност. Затоа и се случува „набилданото“ его да се третира како внатрешен непријател, а некои дури и се обидуваат да се ослободат од него.

Понекогаш се случува луѓето кои ги дефинираме како егоисти навистина да се обидат да ги контролираат своите нагони, особено ако се од материјална природа. Овие луѓе, исто така ќе се обидат да бидат повеќе на располагање на своите роднини и пријатели, но тогаш самите си го доведуваат во прашање карактерот и личноста. Имало и случаи каде луѓето толку се обидувале да се ослободат од егото, што станале самодеструктивни и претерано самокритични.

Емотивните рани можат да бидат болни исто како и физичките, а личност која еднаш била „етикетирана“ како егоистична, најчесто останува таква засекогаш, колку и да се обидува тоа да го смени.

Дали егото е наш сојузник или непријател?

Егото ги лечи повредите од детството

Сè што правиме, правиме за да ги излечиме и замаскираме повредите од детството. Однесувањето во текот на растењето е соодветно на тоа какво детство сме имале. Така, некои ќе работат за да си дозволат скапа облека и други предмети, некои ќе собираат титули, трети ќе бидат хумани и ќе прават добри дела, а други ќе се обидат да создадат идеален дом.

Сето тоа е во ред, но доколку потекнува од некоја траума, може да се случи да се критикуваме себеси затоа што сме дозволиле егото да нè води.

Но, токму во овој момент, наместо да се бориме со него, треба да му дозволиме на егото да биде посилно и постабилно. Треба само да процениме дали тоа го правиме од лично задоволство или пак сакаме да надоместиме за нешто што сме го немале во животот.

Притоа, треба да внимаваме да не залутаме во слепа улица на самодеструкција и компулсивна потрага по она што мислиме дека ни треба.

Затоа, во тој момент, треба да се посветиме на надминување на тие неостварени детски желби и со ладна глава да размислиме за она што си го правиме себеси и енергијата да ја насочиме кон креирање подобар живот. На овој начин веќе сме успеале да го претвориме егото во наш сојузник.

Прочитајте ги и овие Цитати за егото кои ќе ве инспирираат да станете посвесни за себе.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар