Ако нешто навистина сакате, ќе пронајдете начин да го остварите!

Ако нешто навистина сакате, ќе пронајдете начин да го остварите!

Замислете дека вашиот ум е фотоапарат. Вашиот ментален фокус е предмет кон кој е насочено вашето внимание, односно објективот на фотоапаратот. Сега, ако вашиот објектив (фокус) е насочен кон некоја сцена од шумата, не можете како краен резултат да добиете фотографија од море, туку постојано ќе добивате фотографии од шума.

Она на што се фокусирате, тоа и ви се случува

Вашите желби и она што сакате да го видете во вашата реалност обично не се поклопуваат со она кон што е насочен вашиот фокус и кон што ја трошите вашата ментална енергија. Ако постојано се насочувате на недостатокот од нешто што го сакате, како на пример нов автомобил, но вашиот фокус постојано е ставен на тоа дека имате стар, а не нов и подобар, вие постојано ќе имате слика дека овој автомобил не чини, што значи дека вашиот фотоапарат постојано ќе ви прикажува фотографии од стар автомобил со кој сте незадоволни, а тука основна емоција станува незадоволството, при што полека станува дел од вашата реалност. На тој начин нема да се фокусирате на новиот и подобар автомобил, туку само ќе живеете во поразлична реалност, онаа која не ви се допаѓа.

Вие честопати се фокусирате на недостатокот на нешто во животот, а помалку го забележувате она што го имате и за што не сте благодарни. Најчесто, она што го имате го подразбирате како да е тоа нешто нормално, додека пак вашиот ум постојано се насочува кон она што немате, при што создава нови желби и потреби, како и уверувања дека баш само уште тоа ви треба, за да бидете среќни. На пример, имате убав живот, работа, семејство и сѐ е во ред, но во вашата глава постојано кружат мисли кои ги бараат недостатоците и дупките кои треба да се зашијат, а потоа сета енергија се насочува кон тие дупки, силно повлекувајќи го вашето внимание на недостатоците. И тогаш започнува реалноста која постојано ве потсетува на тие недостатоци. Ако вашиот фокус е насочен кон недостатокот на пари, тогаш во реалноста ќе ви биде на удар недостатокот на пари, неплатените сметки, стравот и неизвесноста.

Проблемот со префрлување на фокусот кон богатството е во тоа што вие се сомневате и тој сомнеж ви пречи затоа што сметате дека постои само еден извор на финансии и дека сте ограничени. На пример, работите и заработувате мала плата, па сте ги исклучиле сите можности за одредена сума пари да ви дојде и од некој неочекуван извор. Факт е дека некој мал и ограничен износ на пари навистина не може да ги покрие сите потреби и трошоци, па тоа постојано ве држи фокусирани на сиромаштијата. И вашата реалност постојано ќе потврдува дека сте во право, затоа што она во што верувате, тоа и се одразува во вашата реалност.

Сите сте во право, во однос на тоа во што верувате. Ако цврсто се држите до уверувањето дека морате да работите за мал износ на пари, за точно определен работодавец и дека не можете да вклучите и други извори на приход, тогаш тоа и така ќе биде, затоа што вашиот објектив е насочен на тој начин. Ако го промените вашиот фокус, може да добиете идеја за тоа со што дополнително би можеле да се занимавате, за да ги зголемите своите извори на приход. Многумина ќе откријат дека може да се занимаваат со некое хоби, креативни изработки, изработка на накит и слично, па барем денес во времето на Интернет може да се има бесплатна реклама и промоција на своите изработки во јавноста. Сѐ е подобро од тоа да стоите во место и да се жалите на ситуацијата, фокусирани на постојаниот недостаток.

Она на што се фокусирате, тоа и ви се случува

Позната ли ви е изреката „Кој сака – ќе пронајде начин, кој не сака – ќе пронајде изговор“? Факт е дека многумина бараат изговор за својата состојба или пак ги обвинуваат другите, само за да го оправдаат своето постојано незадоволство. Од тоа никој друг нема штета, освен самите вие. Постојат лоши моменти, лоши луѓе и лоши ситуации, но затоа што сте фокусирани на тоа. Ако погледнете околу себе, ќе видите многу скапи автомобили, куќи, средени и убави луѓе, многу продавници. Но, вие самите треба да одлучите на што ќе се фокусирате во своето место, во својата држава, на својата работна позиција.

Секако, постојат и позитивни и негативни ситуации, но не треба да го држите фокусот на она што е негативно, туку наместо тоа, да почнете да го забележувате она што е убаво. Вашите колеги се онакви какви што се, но доколку постојано го држите вашиот фокус на тоа дека некој лаже или озборува, вие уште повеќе ќе му ги нагласите негативните особини, целосно потиснувајќи ја во себе способноста да го пронајдете доброто во луѓето. Зошто да ви е гајле ако некој озборува, кога со тоа не ви штети вам и вие имате своја реалност, а таа личност нејзина? Не можете да менувате нечија реалност. Секој човек има свои аргументи. Вие самите одлучувате на што ќе се фокусирате.

Треба да си создадете навика свесно да го насочувате своето внимание и таа после одредено време ќе премине во автоматски процес и ќе ја отстрани старата навика за негативно фокусирање. Најважно е утринското будење, затоа што веднаш штом ќе се разбудите, вашето внимание се насочува кон нешто, а најчесто се надоврзува на некоја грижа од вчерашниот ден, па веднаш почнувате да се грижите. Некои луѓе имаат потреба веднаш да читаат весници и да слушаат телевизија, каде најчесто ќе слушнат негативни настани. Вие сте гладни за информации затоа што вашиот ум е жеден за знаење, за вистинско знаење, затоа што вашиот дух сака да расте.

Вашата душа не познава националност, вера, религија, сите души се исти пред Бог. Вие себеси си ја скратувате вистинската храна која се содржи во молитвите и која ви го насочува вниманието кон Бог. Зошто да не го започнете денот со молитва и со позитивни работи. Постојат повеќе начини на кои можете да го тренирате вашиот ум и да го програмирате на позитивно фокусирање, па наместо вашето внимание да биде насочено кон грижите, проблемите или лошите вести, вие ќе бидете во можност да создадете една убава слика, добра мисла, да бидете полни со надеж и слично. Ова можете да го направите на тој начин што ќе бидете опкружени со убави и позитивни работи, онаму каде што спиете и каде што се будите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар