Агонијата низ која поминуваат оние кои оставаат некого – 4 фази на раскинувањето

Раскинувањето врска е една од најтешките работи во животот, особено кога љубовта не е причината. Моментот кога конечно и едвај земаш здив и во неколку секунди кажуваш дека е готово, е моментот кога дел од тебе засекогаш се кине. Тоа е моментот кога го кршиш срцето на оној спроти тебе, но исто така го кршиш и своето, парче од целата ситуација кое многу луѓе го забораваат.

Бидејќи доколку станува збор за врска која навистина претставувала нешто, без разлика која е причината, во тој момент се одвојувате од личност која била важен дел од вашиот живот, гранка која сепак сте решиле дека е време да ја отсечете.

(2)-agonijata-niz-koja-pominuvaat-onie-koi-ostavaat-nekogo-4-fazi-na-raskinuvanjeto-kafepauza.mk.jpg

Сите сме слушнале милион и една приказна за скршените срца, милион и една верзија на раскинување, милион и една причина зошто да не го правиме тоа. На сите им е жал за оној кој бил оставен и сите го осудуваат оној кој остава. Луѓето сакаат да креираат свои приказни кои се филувани од уста на уста и, за жал, ретко кој сака и одвојува време да ја слушне целата приказна. А како и секоја друга, така и љубовната приказна има две страни.

Приказната од личноста која била оставена е често слична на многу други: сѐ уште се заљубени, не сакале да заврши врската и веројатно направиле сѐ што е во нивна моќ за врската да опстане. Сега се оставени сами на себе, тажни и со скршено срце. И колку и да е иронично, најчесто тие се оние кои најбрзо го преболуваат сето тоа. Приказната, од друга страна, ѐ секогаш различна за оној кој остава бидејќи сите оставаат од различни причини. Иако веројатно најчеста и највлијателна е онаа дека повеќе не го сакаат партнерот, сепак има многу други фактори кои играат улога за една врска да опстане.

Љубовта сама по себе не е доволна, потребни се голема доза разбирање, почитување и доверба, поддршка и комуникација. Ако овие работи не постојат, а тоа може доста брзо и рано во врската да се забележи, тогаш од самиот почеток врската е осудена на пропаст. Некогаш, дури и кога постојат тие работи, едноставно личностите не си одговараат меѓусебно. Некогаш и многу често, тајмингот е оној кој е многу погрешен.

(4)-agonijata-niz-koja-pominuvaat-onie-koi-ostavaat-nekogo-4-fazi-na-raskinuvanjeto-kafepauza.mk.jpg

Под претпоставка дека скоро и да нема човек на светов кој никогаш не раскинал врска, веројатноста дека оние кои го направиле тоа поминале низ следниве неколку фази е огромна.

Првата фаза е фазата на самоубедување дека сѐ постои само во нашата глава. Досадно ни е на моменти, што е сосема нормално, па бараме и правиме проблеми каде што ги нема. Всушност, ние се убедуваме дека сѐ е во ред во нашата врска и дека она што го чувствуваме е само краткотраен обид за бегство од реалноста која не ни се допаѓа на моменти. Ова е периодот кога се лажеме себеси, но и партнерот дека сѐ е во ред. Фактот дека постои можност да бидеме без некој кој е долго дел од нас е застрашувачки, па потсвесно го одложуваме моментот на прифаќање на таа можност.

Втората фаза е фаза на веќе доста воочливи проблеми и работи кои не штимаат. Тогаш, иако стануваме свесни дека нешто не е во ред и дека тоа навистина влијае на нас, на самиот почеток сѐ уште се обидуваме да најдеме причина целото сценарио да е само дел на нашата имагинација. Но иако наоѓаме милион и една причина да не веруваме дека врската оди кон раскинување, на крајот на оваа фаза се наоѓаме себеси како иницираме што поретко да се слушаме и гледаме со партнерот, свесно или не, давајќи си себеси простор да процесираме и сфатиме што навистина ни се случува.

(1)-agonijata-niz-koja-pominuvaat-onie-koi-ostavaat-nekogo-4-fazi-na-raskinuvanjeto-kafepauza.mk.jpg

Третата фаза е скоро целосно избегнување на физички контакт, бидејќи и особено кога станува збор за личност која сѐ уште ја сакаме, токму допирот, бакнежот и прегратката се оние кои можат со леснотија да ни ги заматат мислите. Така, единствено решение е полека да се оддалечуваме од партнерот кој веќе сигурно забележал дека стануваме ладни кон него, па на секаков можен начин се обидува да нè разубеди во тоа што уште ни самите не сме целосно свесни дека го правиме – одиме кон раскинување. Доколку сепак станува збор за личност која веќе не ја сакаме, тогаш оваа фаза е резултат на фактот дека повеќе не чувствуваме желба за физички однос со партнерот.

Четвртата фаза е фаза на соочување со вистината. Знаеме дека врската не функционира и дека не ни останува ништо друго освен да го направиме неизбежното, односно, да ја прекинеме. Често е многу полесно да се излаже отколку да се каже вистината, колку и да е погрешно, па во мозокот смислуваме милион и една лага која на партнерот ќе му го олесни она што ќе го доживее. Некои луѓе се решаваат да останат на ова и на самиот крај наместо вистинската причина, ја кажуваат лагата. Но оние посилните, ја кажуваат вистината бидејќи колку и да боли и колку и да е тешка во тој момент, знаат дека подоцна ќе биде многу полесно. Верувале или не, кога станува збор за личност која навистина ни значи, размислуваме на секој милиметар движење кој ќе го направиме и како тој ќе влијае на партнерот.

Петтата фаза е продолжувањето понатаму. Ако сме доволно среќни, партнерот ќе најде разбирање и ќе верува во она што го зборуваме, па колку и да го боли, ќе го поднесе тоа машки. Во спротивно се случува да наидеме на плус милион и еден проблем кои допрва ќе треба ги решаваме. Само ние си знаеме како и низ што се поминуваме кога преболуваме некого, бидејќи тоа е сѐ, само не е лесен процес.

(3)-agonijata-niz-koja-pominuvaat-onie-koi-ostavaat-nekogo-4-fazi-na-raskinuvanjeto-kafepauza.mk.jpg

Раскинувањето е болен и тажен процес и за двете страни. На крајот на краиштата, никогаш никој не може со сигурност да зборува и да каже зошто, што и како бидејќи многу работи остануваат некажани меѓу партнерите. Затоа пред да осудите некого, запрашајте се колку навистина знаете што се случувало; кога сожалувате некого, размислете дали сте 100 проценти сигурни дека таа личност го заслужува тоа. Доколку вие сте личноста која остава некого, никогаш не ги занемарувајте чувствата на другиот; ако сте вие оние кои се оставени, колку и да сте повредени, избројте до 10 пред да направите нешто поради кое подоцна ќе жалите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар