5 нешта кои треба да ги знаете пред да одлучите да си направите шишки

5 нешта кои треба да ги знаете пред да одлучите да си направите шишки

Правењето шишки е можеби една од најголемите модни одлуки со кои девојките барем еднаш во својот живот се соочуваат. Но, и покрај тоа што шишките секогаш изгледаат апсолутно неверојатно на славните личности, тоа не значи дека ќе ви стојат добро и на вас. Доколку сепак сакате да го преземете овој ризик, тогаш погледнете ги следниве 5 нешта кои треба да ги имате на ум пред да ја донесете крајната одлука.

5 нешта кои треба да ги знаете пред да одлучите да си направите шишки

1. Шишките бараат редовно одржување

Не им верувајте на оние луѓе кои тврдат дека одржувањето на шишките не вклучува никаков труд, бидејќи тоа постои само во соништата. Без разлика на формата на вашите шишки или фризурата која ја имате, тие ќе бараат огромно внимание од вас. За да ја одржувате нивната должина, вие ќе треба да ги кратите на 2 до 3 недели, па ако не знаете како да го направите тоа сами, ќе мора редовно да го посетувате вашиот фризер. На долг рок, тоа е скапа обврска. Од друга страна, тие бараат многу време за средување, па секој ден ќе мора да станува порано со цел да ги доведете во ред, особено ако се одлучите за густи шишки како Зои Дешанел.

2. За одржувањето на шишките треба многу време и трпение

Вие можеби имате доволно време, но дали имате и трпение? Ако направите шишки, ќе ви биде потребен и добар фен, како и соодветна четка за фенирање и обликување на косата. Од друга страна, ќе мора да ги најдете и соодветните продукти за стилизирање кои ќе ви помогнат да го постигнете оној изглед кој го сакате за вашите шишки. Откако ќе го одберете соодветниот продукт, треба и да го тестирате на вашата коса. Станува збор за процес со обиди и грешки сè додека не го најдете оној метод кој најмногу одговара на вашата коса. Повторно, треба да вложите многу пари за да ја постигнете вашата цел.

3. Шишките понекогаш предизвикуваат акни

Лошата вест е што имањето шишки кои постојано се потпираат на вашето чело може да доведе до иритација на кожата и да предизвика акни. Токму затоа и треба сериозно да размислите за овој чекор доколку имате чувствителна кожа. Ако сепак се одлучите на шишки и ви се појават акни, тогаш користете нежен лосион за чистење на лицето со салицилна киселина за да се погрижите кожата секогаш да ви биде чиста и да ја спречите појавата на акни.

4. Шишките можат да ви пречат за време на вежбањето

Тие можеби прават да изгледате гламурозно во текот на денот, особено за посебни настани, но можат да бидат иритантни за време на вежбањето. Доколку не сакате тие да ви летаат на сите страни додека вежбате или трчате, мора да најдете начин како да ги тргнете од вашето лице за време на физичката активност. Но, имајте на ум дека ако користите ленти за коса или штипки, големи се шансите дека ќе ја уништите нивната форма.

5. Постојат различни видови шишки за секое лице

Добрата вест кај шишките е дека тие можат да се обликуваат соодветно за да одговараат на на вашето лице. Клучот е да ја знаете точната форма на вашето лице и потоа да се инспирирате од познатите ѕвезди кои имаат слични црти на вашите и кои моментално носат шишки. На пример, ако имате лице во форма на срце, како Рис Витерспун, тогаш вам најдобро ќе ви стојат шишки на страна. Ако не сте сигурни, секогаш можете да симнете апликација која дозволува обработка на вашата слика со различни видови фризури каде што ќе можете да видите како ќе ви изгледаат различни видови шишки. Од друга страна, можете да се консултирате и со вашиот фризер.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар