5 лекции што можат да се научат само од неверството

Дали некогаш сте биле изневерени? Неверството е една од најсилните причини за прекин на една врска. Никој не го посакува, но сепак се случува многу често. Па, што може да се научи од ситуацијата во која многумина се нашле, а сепак успеале да ја надминат и да продолжат со животот?

Во врска сте, задоволни и среќни, а не можете да го игнорирате чувството дека нешто се случува со вашиот партнер. Можеби мечтаете за брак, веќе имате испланирано сè до најситен детаљ, дури најдовте и имиња за идните деца и почнавте да ги планирате вашите идни заеднички патувања. Потоа се случува пресврт!

Дознавате дека вашиот дечко имал паралелна врска со друга девојка, одредени луѓе околу вас знаеле, но го криеле тоа поради некоја причина. Моментот кога го откривте неверството е премногу болен за да се опише со зборови. Ве болат предавствата од двете страни, и таа од вашиот партнер, но и онаа од луѓето кои немале храброст да ве соочат со вистината.

Ако бидете изневерени кај вас ќе се разбудат чувства што никогаш претходно сте ги немале во таков степен: се исполнувате со ужас, гнев, бес, лутина, разочарување…. Ако сте поминале низ ова, сигурно сте ги научиле и овие 5 лекции…

1. Не можете да промените личност што не сака да се промени

Можеби нема да зажалите поради тоа што сте биле вљубени, но дефинитивно ќе зажалите што сте се обидувале да ја покажете вашата вредност и сте дозволиле некој друг да доминира врз вас. Ова се случува кога се носат очила обоени во розова боја. Тие не дозволуваат да го забележите црвеното знаме.

2. Постои разлика помеѓу чувствата на „скршеност“

На почеток не правите разлика во вашите изјави. Можете да изјавите дека „тој ве скршил“ или „дека сте се чувствувале скршено“ како резултат на тоа што тој кон вас се однесувал мизерно. Но, откако ќе се пронајдете себеси, можеби дури и откако ќе решите да посетите терапевт кој ќе ви помогне полесно да се соочите со ситуацијата, ќе сфатите дека тоа било само чувство. Тој темен, изолиран и беспомошен свет во кој сте живееле постоел единствено во вашата глава. Сте му дозволиле да ја преземе контролата врз вашиот живот иако не сте повеќе во врска. Мора да се изборите за повторно да ја преземете контролата која многу лесно сте му ја дале на вашиот поранешен партнер.

3. Тагувањето не е линеарен процес, затоа не се плашете да бидете лути или тажни

Со секој прекин на врска вие тагувате за загубата на заедничката иднина со некој со кој сте си го замислувале животот. Кога ќе го додадете на ова и неверството имате оправдани причини да чувствувате сè што чувствувате. Сите различно реагираат на неверството: некои се исполнуваат со гнев и желба за правда, а некои се обидуваат да пронајдат зрно светлина и во целосниот мрак. Сепак, мора да работите на чувствата што ви се појавиле бидејќи во тој процес можете да откриете некои ваши внатрешни верувања и тие ќе ви помогнат да сфатите каква е вистинската ситуација. Поради тоа, мора да бидете трпеливи со себеси, да не се обвинувате и да си дадете онолку време колку што ви е потребно за да закрепнете!

4. Верувајте им на инстинктите бидејќи вашето време е драгоцено за да го трошите залудно

Ако некој внатрешен инстинкт ви вели дека нешто се случува, послушајте го и сериозно разговарајте со вашиот партнер. Чувствата што ви се јавуваат во врска со вашиот однос не ги потиснувајте и обрнете им внимание бидејќи не се појавиле залудно. Не му дозволувајте на партнерот да преземе целосна контрола врз вашите инстинкти, а вие само немо да набљудувате од сенка.

5. Простувањето е свесен избор кој мора да го правите повеќепати

Дали сте слушнале дека кога одбивате да простите е исто како да пиете отров и да очекувате некој друг да се отруе? Ако вашиот партнер нема грижа на совест за тоа што го направил можеби ќе мислите дека тој не заслужува да му се прости. Но, простувањето нема ништо со него, туку со вас и со вашето ментално здравје. Невозможно е да продолжите понатаму ако гневот ви го исполнува умот. Простувањето нема да го избрише тоа што се случило, само ќе ви помогне да продолжите со другите поглавја од вашиот живот.

Дознајте и кои се тие работи што се менуваат во врската после неверството.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Психолог кој најдобро се изразува преку пишаниот збор. Нејзиниот личен лајтмотив гласи: „Остани своја и поинаква бидејќи само така ќе блеснеш во полн сјај!“

Поврзани содржини

Остави коментар