3 знаци дека сте заљубени во љубовта, а не во личноста покрај вас

Светот на љубовта може да биде застрашувачки и суров. Насмевките лесно можат погрешно да се протолкуваат како флерт, а сексот да се измеша со привлечност. Некои луѓе успешно прават разлика помеѓу љубовта и страста, но оние кои се заљубуваат во љубовта, многу тешко може да ги откријат вистинските значења зад нивните емоции. Па, доколку сакате да знаете дали претерано брзо се заљубувате, погледнете ги следниве неколку знаци…

3 знаци дека сте заљубени во љубовта, а не во личноста покрај вас

1. Многу лесно ги користите термините дечко и девојка

Секоја врска се состои од фази кои водат до напредок. Најпрво се запознавате, па одите на состаноци, па започнувате сериозна врска и потоа го правите вашиот однос официјален. Ова се случува во одреден временски период кој мора да помине за нештата да го најдат своето место. Желбата да се биде во врска многу често може да влијае при забрзување на овој процес и да резултира со врска од која сте зависни. Оваа желба може да се балансира доколку имате стандарди и доколку вистински се придржувате до нив. Не е здраво да се биде со одредена личност само затоа што се плашите да бидете сами. Одвреме-навреме сосема е во ред да кажете „Оваа личност не е за мене“ и да ставите крај.

Доколку ги прескокнете нормалните фази низ кои поминува секоја врска и преминете веднаш на последната, тогаш големи се шансите дека вашето разочарување ќе биде уште поголемо. Вие би помислиле дека повторно сте оставени, но реалноста е дека всушност воопшто не сте ни биле во вистинска врска. Многу е важно да бидете свесни за вашите потреби, како и за потребите на вашиот партнер со цел да можете искрено да разговарате за вашиот статус. Вниманието е супер, но фокусот треба да биде наменет на работа врз врската, а не врз создавање лажна илузија за нејзино постоење.

2. Раскинувањата ви влијаат многу повеќе одошто би требало

Замислете го следново сценарио: Вие запознавате личност, чувствувате дека Купидон ве погодува со стрела, насекаде околу вас летаат срценца, а во вашата глава свири љубовна мелодија. Состанокот завршува, одите дома и веднаш го променувате вашиот статус на Фејсбук од сингл во „во врска“ и почнувате да размислувате за вашиот следен состанок. Но, тогаш се случува незамисливото. Тој или таа не ви се јавува за втор состанок, па вие се осмелувате да му/ѝ пишете порака за да се видите. Одговорот е: „Не сум заинтересиран/а“. Вашето срце е скршено, отворате шише вино, пуштате тажна музика и почнувате да плачете.

Но, не секое разделување може да се смета за раскинување. Доколку вие не сте биле во официјална врска, како би можеле да раскинете? Целта на љубовните состаноци е запознавање на различни личности и тестирање на вашата компатибилност, но тоа не секогаш резултира со формирање добра комбинација која води кон следен состанок. Вие треба да се запрашате дали навистина сакате да ја видите оваа личност повторно или пак, едноставно само сакате втор состанок. Љубовта не треба да биде ништо помалку од она кое го замислувате и кое знаете дека го заслужувате, па токму затоа и не треба да се впуштате толку лесно во неа.

3. Вашите пријатели не ве сфаќаат сериозно кога ќе им кажете дека повторно сте заљубени

Вашите пријатели навикнале да ве слушаат секоја недела како нова љубов влегла во вашиот живот, па токму затоа и престанале да го гледаат тоа како нешто многу возбудливо. Тие секогаш слушаат и се среќни за вас, но длабоко во себе знаат дека наредната недела ќе го правите истиот разговор од почеток. Тие дури веќе не се ни трудат да ги помнат имињата на вашите љубени, бидејќи знаат дека набрзо ќе се сменат. А кога ќе ставите крај, тие ќе продолжат да ве тешат, велејќи ви дека ќе си најдете подобра личност за вас.

Ова е еден од најголемите знаци дека можеби треба да размислите за вашата дефиниција за љубов. Важно е да бидете отворени кон неа, но не и да ѝ дозволите да ве заслепи. Најдобриот начин да откриете како навистина се чувствувате за некоја личност е доколку не брзате. Дозволете си малку време за да научите нешто повеќе за него/неа наместо да се терате со сила да сакате. Љубовта е прекрасно нешто, но ако постојано се водите кон неуспех, кога таа конечно ќе дојде нема да успеете да ја препознаете. Токму затоа и спознајте се подобро себеси, научете што сакате и што барате од вашиот партнер, а дури потоа дозволете ѝ на врската чекор по чекор, полека да се развива.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар