15 животни шанси кои по никоја цена не смеете да ги пропуштите

15 животни шанси кои по никоја цена не смеете да ги пропуштите

Во животот ќе добиете онолку шанси колку што вистински сакате да земете. Оваа мисла јасно ни кажува дека самите ги креираме своите шанси. Никој нема на златен послужавник да ви донесе животна прилика која ќе ви го промени животот, ниту, пак, истата ќе падне од небо во вашите раце. Сè е на вас, на вашата желба и подготвеност да направите чекор напред и сами да ги зграпчите шансите кои ви се појавуваат на вашиот пат. А следниве 15 не смеете да ги пропуштите по никоја цена.

(4)-15-zhivotni-shansi-koi-po-nikoja-cena-ne-smeete-da-gi-propushtite-kafepauza.mk

1. Да ѝ верувате на интуицијата

Интуицијата е силно чувство на разум кое може да ве одведе на места каде не сте ни замислувале дека можете да бидете. Кога и да ви се укаже нова прилика во животот, интуицијата е тука да ве предупреди да направите чекор назад или, пак, да се впуштите во нова авантура. А кога чувствата и разумот се споени во едно, тогаш дури и самиот факт дека сте се обиделе е веќе голема добивка.

2. Да верувате во сопствените способности

Сомневањето во сопствените можности, знаења и способности е неверојатна честа појава, особено доколку сте почетник на некое поле. Но, моментот кога се наоѓате пред вратите на нова животна прилика која може да ви го промени животот кажува дека вие веќе поседувате нешто, дури и ако самите не можете да го видите. Па така, наместо да се сомневате, верувајте во себе и тоа што го знаете, на тој начин давајќи си себеси шанса да станете уште подобри во тоа што го правите.

3. Да се соочите со стравот

Стравот е најголемата препрека која некогаш ќе ви се најде на патот, но и единствената која постои само бидејќи вие ја ставате таму. Со други зборови, стравот ќе постои сè додека вие му давате простор за тоа. Но, доколку сакате да погледнете подалеку од она што го знаете, да бидете повеќе од тоа што сте, ќе мора да се соочите со тој страв, на тој начин отворајќи многу нови можности пред себе.

4. Да направите чекор напред секој нов ден

Секој ден имате прилика да изберете да одите понатаму или да останете цупкајќи во едно место. Она што не можеме да го контролираме е животот кој поминува без разлика дали ние сме дел од него или не. Па така, изборот всушност се сведува на тоа дали ќе живееме или ќе оставиме животот да се случува покрај нас додека ние немо го набљудуваме од нашето сигурно место.

5. Да ги поставите сопствените цели како приоритет

Бидејќи никој друг нема да го направи тоа за вас, а вие поминавте и повеќе од доволно време правејќи ги останатите среќни, веројатноста е дека сега, денес, е моментот кога конечно ќе решите дека вашите цели заслужуваат да бидат на првото место на листата со вашите приоритети. Само така си давате себеси шанса да живеете среќен и исполнет живот во кој нема да зависите од останатите бидејќи вие сте тие кои сте заслужни за вашите успеси.

(2)-15-zhivotni-shansi-koi-po-nikoja-cena-ne-smeete-da-gi-propushtite-kafepauza.mk

6. Да работите без двоумење колку и да е тешко

Доколку сакате да се чувствувате целосно исполнети во животот, тогаш никогаш немојте да си кажете дека е доста кога знаете дека можете повеќе. Целиот живот, секој ден, претставува учење нови лекции, добивање нови шанси да постигнеме нешто повеќе од претходниот ден, да станеме подобри личности. А тоа бара работа и посветеност дури и кога патот до успехот е полн со камења.

7. Да бидете принципиелни

Луѓето го живеат животот според некои норми и правила, пишани или не, кои за нив претставуваат водич по кој чекорат. Но, како и сите останати правила, така и овие се тука за да се кршат. И тоа е во ред сè додека кршењето на сопствените правила не значи и запоставување на сопствените принципи, губење на својот идентитет, станување личност која ниту ја познавате ниту ви се допаѓа. Затоа бидете свои и бидете принципиелни и никогаш не си дозволувајте да го изгубите ова од погрешни причини.

8. Да се вратите посилни после доживеан неуспех

Животот е пат исполнет со подеми и падови. Некои позитивни, а некои негативни, падовите се моменти кога имате шанса вистински да покажете колку силно сакате да успеете. Дури и да нема кој да ви подаде рака, сè што треба е да ја пронајдете силата во себе за самите да се исправите на нозе. Со едно повеќе искуство позади себе, со една повеќе важна научена лекција, вие ќе се вратите посилни од претходно и подготвени за нов предизвик. Никогаш не се сомневајте во тоа.

9. Да имате контрола врз она што ви се случува вам

Вашиот живот е ваша работа и не е во ред никој друг да има дозвола истиот да го контролира. Да, дозвола, бидејќи единствено вие имате право да одлучите кој ќе биде одговорен за вашиот живот. И иако е некогаш полесно кога одговорноста паѓа на некој друг, факт е дека сè додека вие самите не ги земете работите во раце никогаш нема да бидете задоволни со себе, исполнети и свесни колку навистина можете да постигнете во животот. А потоа и многу повеќе од тоа. Нема да биде лесно и дефинитивно нема секогаш да биде убаво, но е ваша борба која ја водите за вашите сопствени цели бидејќи на крајот на денот, станува збор за вашиот живот.

10. Да останете позитивни во секоја ситуација

Еден лош момент има моќ целосно да ве кутне на земја доколку му го дозволите тоа, а за жал, веројатноста е дека тој со себе ќе повлече и многу повеќе. Но, способноста на луѓето и покрај тие лоши моменти да го задржат својот оптимизам е неверојатна. Обидете се да бидете меѓу нив. Не дозволувајте мала работа да ви го уништи цел ден, не давајте ѝ дозвола на мала доза негативност да ви ја одземе позитивната енергија, не оставајте еден лош момент да биде одговорен за уништување на многу убави.

(3)-15-zhivotni-shansi-koi-po-nikoja-cena-ne-smeete-da-gi-propushtite-kafepauza.mk

11. Да им помогнете на другите да создадат подобар живот за себе

Можноста да помогнете некому е ретко убаво и благородно чувство кое цел живот ќе биде со вас. Фактот дека мал напор од ваша страна, без разлика дали станува збор за помош од физичка или психичка гледна точка, може да промени нечиј живот е неверојатен, а шансите да го направите тоа не се за пропуштање. Некогаш е доволен еден мал гест, малку мотивација, нешто што вас не ве чини ништо освен неколку минути од вашиот живот кои имаат моќ да променат на подобро многу повеќе во нечиј друг.

12. Да го живеете животот со интегритет

Ова значи дека избирате да живеете според морални вредности, наместо за сопствена корист и задоволство; Значи дека избирате да ја направите вистинската работа без разлика на сè и сите останати дури и кога никој не стои позади вас. Живеењето живот со интегритет не е воопшто лесно и постои голема веројатност дека ќе се најдете во искушение повеќе пати одошто можете да замислите, но имајте на ум во секое време дека истото значи живеење чесно, со мирна совест, свесни дека сте го направиле вистинскиот избор.

13. Да сакате вистински

Дозволете си себеси да сакате вистински и целосно, без никакви стеги и бариери, со цело срце и душа. Љубовта е неверојатно чувство на семоќност, таа отвора еден сосема нов свет во кој сите работи имаат смисла, сите проблеми имаат решение, сите дилеми имаат јасен одговор. Впуштете се во тоа патување кое ќе ве исполни, ќе ве остави ранливи, но и ќе ве ослободи, истовремено давајќи ви чувство на необјаснив мир и неограничена мотивација.

14. Да се ослободите од стегите на минатото

Како и стравот, така и минатото е уште една голема препрека која сосем иронично си ја поставувате пред себе. Иако по секоја логика минатото би требало да биде токму таму – во минатото, доколку му дозволите, тогаш истото има сила да ги контролира вашата сегашност и иднина. А тоа значи одење во сосема спротивна насока од онаа по која навистина треба да чекорите. Не правете си го тоа себеси. Не дозволувајте минатото и она што не можете да го промените да ве одведе во ќор сокак бидејќи немате доволно храброст да свртите во вистинско време.

15. Да уживате во животот

Животот е еден, друга шанса немате, а никој нема да го живее за вас. Земете ги работите во свои раце и дајте си себеси неверојатна авантура, правете го она што го сакате, бидете со луѓе кои ве прават среќни, одете на места кои ве исполнуваат и читајте книги кои ќе ве збогатат. Исполнете го денот со позитивни искуства, во сопствено или во друштво на некој друг. Оставете го минатото позади вас и немојте да се фокусирате на иднината која е непредвидлива во секоја смисла на зборот. Живејте денес, за себе, уживајте во секој момент. Враќање назад нема.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар