Зошто сме зависни од кафе?

Денес скоро и да не постои личност на која денот ѝ поминува без шолја кафе. Првото нешто на кое помислуваме наутро е кафето, очекувајќи да нè расони и подготви за денот кој е пред нас. А потоа до крајот пиеме уште две до три кои би требало да нè „одржат во живот“. И додека некои велат дека кафето за нив е само придружен дел кон разговорот со пријателите, има и такви кои не можат да издржат ни 2 часа без уште една шолја кафе.

zoshto-sme-zavisni-od-kafe-kafepauza.mk

Доколку сте меѓу оние кои се прашуваат зошто сте зависни од кофеинот, конечно научниците имаат одговор на ова прашање. Во списанието „Молекуларна психијатрија“ објавена е студија која се базира на споредување на ДНК примероци со навиките на пиење кафе на повеќе од 120.000 мажи и жени од европско и афро-американско потекло. Анализите даваат објаснување за тоа зошто одредена количина кафе влијае различно врз различни луѓе, а поставуваат и генетска основа за понатамошни истражувања за поврзаноста на здравјето и пиењето кафе.

Долго време научниците се сомневале дека токму генетиката влијае на овие различни однесувања на организмот кон кафето и кофеинот. За да ги потврдат или побијат своите сомневања, решиле да ја спроведат оваа геном-мета анализа на голем број луѓе од различно потекло, култура, место на живеење и навики.

Според истражувањата тие успеале да забележат дека луѓето кои редовно пијат кафе имаат некои заеднички работи: тие имаат по две генетски варијанти одговорни за ефикасен кофеински метаболизам, две кои влијаат врз позитивните ефекти од кофеинот и уште две кои влијаат на останатите делови на енергетскиот метаболизам. Исто така, се покажало дека луѓето го пијат токму она количество кафе кое во даден момент им помага да ги почувствуваат оптималните ефекти на кофеинот. Притоа, генетските фактори поврзани со количеството кафе кое го конзумираат најверојатно директно влијаат на зголемување на кофеинскиот метаболизам.

Но генетиката сепак не е единствениот фактор кој влијае врз оваа зависност. Голема улога тука играат и околината во која се наоѓате и живеете. Иако ова поле има уште многу да им понуди на научниците за истражување, според досегашните истражувања може да се заклучи дека потребата од кафе и количеството кое човек може да го конзумира се регулирани од количината кофеин која телото на тој човек може да ја поднесе.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар