Зошто кај добрите луѓе постојат поголеми шанси дa имаат проблеми со менталното здравје?

Постојано се вели дека треба да бидеме добри и љубезни, но научниците откриле дека оваа позитивна особина може да има многу негативно влијание на менталното здравје. Според едно неодамнешно истражување, луѓето кои се добри, а под тоа се подразбира дека се чувствителни на неправдите и нееднаквоста, се изложени на поголем ризик од депресија за разлика од луѓето кои се себични и егоистични.

Зошто кај добрите луѓе постојат поголеми шанси дека ќе имаат проблеми со менталното здравје?

За целите на експериментот, главниот автор, доктор Масахико Харуно, и неговиот истражувачки тим се обиделе да откријат дали начинот на размислување што се смета за „про-општествен“ (што подразбира самопожртвуваност и борба за еднаквост) е поврзан со долгорочните клинички симптоми на депресија. Тие почнале со тоа што на 350 луѓе им дале тест на личност за да дознаат дали се „про-општествени“ или „индивидуалисти“ (себични и посветени само на тоа да ги зголемат своите ресурси). Потоа, ја измериле желбата на луѓето за споделување на нивните финансиски средства со оние кои имаат помалку од нив. Тие ги испитувале мозоците на луѓето со про-општествени убедувања и на индивидуалистите со помош на магнетна резонанса и откриле кои делови од мозокот се активираат за време на одредени ситуации.

Научниците добиле сосема различни слики од мозоците на 2-та типа луѓе. Во ситуации кога парите не биле рамноправно распределени, про-општествените испитаници покажале висока активност во амигдалата (дел од мозокот што се поврзува со автоматските чувства, меѓу кои и стресот), додека, пак, индивидуалистите покажале зголемена активност во амигдалата само во случаи кога другите добивале повеќе пари. Освен тоа, 2-те групи покажале различна активност во хипокампусот, примитивен дел од мозокот вклучен во автоматските реакции на стрес.

Потоа, истражувачите им дале на испитаниците обичен прашалник за депресија со цел да видат дали ваквите мозочни активности се поврзани со некакви симптоми на депресија во текот на минатите 2 недели. Тие откриле дека активноста на мозокот кај про-општествените поединци е поврзана со појавата на депресија. Овој заклучок се потврдил кога истражувачите повторно ги испитале учесниците 1 година подоцна.

Според истражувачите, добрите луѓе се склони на депресија затоа што чувствуваат поголема емпатија, вина и стрес. Ваквата емоционална чувствителност е поврзана со најдлабоките автоматски делови од мозокот, а тоа се местата што многу лесно можат да ја поттикнат појавата на депресија.

За среќа, има надеж за добрите луѓе. Доктор Маурисио Делгадо, невронаучник на Универзитетот Рутгерс, објаснил дека иако про-општествените поединци имаат чувствителна амигдала и хипокампус, постојат уште многу други делови од мозокот што се поврзани со депресијата, како што е префронталниот кортекс, дел од мозокот поврзан со регулацијата на овие автоматски чувства.

Ако работат на повисоките мозочни процеси (оние за кои е заслужен префронталниот кортекс) преку терапија, про-општествените поединци ќе можат да ги контролираат и да ги победат нивните примитивни емоции. Колку повеќе го користат префронталниот кортекс за да го ублажат стресот поттикнат од страна на амигдалата, толку помали ќе бидат нивните шанси да паднат во депресија.

Во продолжение дознајте зошто интелигентните луѓе не се среќни.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар