Зошто исечениците од хартија се толку болни?

Навистина звучи чудно да се исечете со хартија, но ова му се има случено на секого. Она што е уште почудно е интензитетот на болката, како и времето потребно за зараснување на раната од хартија. Но, научниците имаат објаснување и за ова.

Зошто исечениците од хартија се толку болни?

Во нашите прсти се наоѓаат густо распоредени нервни завршетоци, а токму ова предизвикува силна болка, дури и ако се пресечете сосема малку со хартија. Покрај тоа, работ на хартијата е на некој начин со запци, па затоа на исечениците им е потребно долго време за зараснување. Исто така, самото изненадување од сечењето со хартија може да биде причина зошто е поболно од сечењето со нож.

„Постои психолошки елемент на изненадување бидејќи тоа се случува толку брзо, така што немате време да ја повлечете раката. Бидејќи не очекуваме исеченица од хартија, тоа ја прави болката уште поинтензивна. Додека работиме со нож, настојуваме да бидеме внимателни бидејќи знаеме дека постои опасност. Но со хартијата не е така“, изјавила Хејли Голдбах, дерматолог од САД.

„Тоа е нешто што најчесто се случува на прстите на раката. Луѓето имаат нервни завршетоци по целото тело, но на местата како врвовите од прстите или усните, нивната густина е поголема. Овие нервни завршетоци се познати како ноциоцептори и тие праќаат сигнали до мозокот за нешта кои би можеле да предизвикаат оштетување на кожата, како екстремна топлина, екстремен студ и некои хемикалии.“

Друга причина за бавното зараснување на овие исеченици може да биде и нивната местоположба. Тие се наоѓаат на рацете кои постојано ги користиме, па поради ова раната постојано се отвора.

„Самиот раб на хартијата е со малку запци па ја сече кожата пред да сфатите што се случува. На овој засек му треба повеќе време да заздрави. Исто така, ако хартијата е направена од дрвена пулпа, памук или други влакна, ситни делови можат да останат во раната и да предизвикаат воспалување. Поради ова важно е овие исеченици веднаш да ги исплакнете со малку сапун и вода“, додала Хејли.

Хејли исто така предупредува дека не треба да им веруваме на старите приказни за тоа дека е подобро да ја оставиме раната отворена. Нејзиниот совет е да ја држите раната влажна со завој или фластер.

„Раните треба да бидат влажни за да зараснат, тоа им помага за побрзо исцелување. Покрај тоа, раните се помалку болни кога се влажни.“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар