Земањето антидепресиви може да има долготрајни несакани ефекти

Британските лекари со години ги негираа информациите за несаканите ефекти од земањето антидепресиви, особено во моментите кога ќе се прекине терапијата со нив. Симптомите ги нарекуваа благи, но според најновите информации од Кралскиот колеџ, во одредени случаи тие можат да предизвикаат тешкотии кои траат со недели, па дури и месеци. Новоста е тоа што во иднина ќе мора да се разговара за ризиците со пациентите кои воглавно не се свесни за проблемите кои настануваат после прекинот на терапијата со антидепресиви.

Земањето антидепресиви може да има долготрајни несакани ефекти

Наводно, со ова би се намалило препишувањето антидепресиви, особено на луѓето кои сакаат да престанат да ги земаат. Кралскиот колеџ решил да го промени ставот после изјавите на стотици пациенти кои се пожалиле на криза после прекинувањето на терапијата, а симптомите најчесто се мачнина, несоница и раздразливост.

Имено, од сите лекови постојат несакани ефекти, бидејќи нема совршен лек кој би делувал само на еден дел од организмот. Антидепресивите се лекови кои делуваат на промена во хемијата на мозокот, а се користат за лекување на симптомите на болестите како депресија, анксиозност, шизофренија и многу други.

Денешните лекови имаат подносливи несакани ефекти кои најчесто исчезнуваат после една недела. После ова се развива толеранција на несаканите ефекти. Пациентите воглавно се жалат на главоболки, мачнина или други телесни сензации, кои претходно ги немале. Но, не се инсистира на терапија доколку нетолеранцијата е преголема.

Пациентите секогаш се информирани за несаканите ефекти од лековите и лекарите ги предупредуваат. Покрај тоа, за време на терапијата треба редовно да се следи крвта, метаболизмот и нивото на шеќер.

Антидепресивите се лекови кои се земаат најмалку шест месеци, а можат да се пијат и во текот на целиот живот. Неретко пациентите мислат дека ова се магични пилули кои веднаш ги решаваат проблемите и ретко сфаќаат дека на лекот му се потребни најмалку две недели за да почне да делува.

Наводно, антидепресивите не создаваат зависност и немаат таков потенцијал, па може да се земаат подолго време. Но, кога се прекинува лекувањето, се појавуваат симптоми слични како од лековите кои создаваат зависност.

Според Светската здравствена организација, околу 300 милиони луѓе ширум светот страдаат од депресија, а во побогатите слоеви, секој шести пациент зема терапија.

„Напорно работевме на тоа Кралскиот колеџ да го промени пристапот и да ѝ даде глас на истражувачката заедница. Навистина сум среќна поради овие промени и мислам дека е важно на пациентите да им се објаснат тешкотиите, а не само да се испратат дома. Се надевам дека луѓето ќе бидат повнимателни со препишаните терапии“, изјавила психијатарката Џоана Монкриф од Универзитетот во Лондон.

„Како психијатри имаме должност да ги земеме предвид сите тешкотии на пациентите кои страдале од краткотрајни или долготрајни влијанија од земањето на овие лекови. Антидепресивите се добри во лекување умерена и тешка депресија, особено во комбинација со терапија со разговор“, изјавила претседателката на Кралскиот колеџ за психијатрија, Венди Бурн.

Според правилникот, доколку пациентот сака да престане со терапијата, лекарот треба постепено да ја намалува дозата во текот на неколку недели или месеци, со цел да се намали ризикот од несакани ефекти. Покрај тоа, веројатно ќе се воведе и дополнителна едукација за лекарите кои препишуваат антидепресиви.

Погледнете и кои видови лекови можат да предизвикаат епизоди на депресија.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар