Трогателна исповед на Сања Боризовска: Сексуалното злоставување е како обид за убиство на телото и умот

Замислете си мало 4-годишно девојче кое расте во среќно семејство исполнето со родителска љубов и грижа. Тоа девојче се смее и си игра како и сите останати деца на таа возраст. Но, зад насмевката на малото девојче се крие една страшна траума која надворешниот свет не може ни да си ја замисли. Девојчето ја чува својата длабоко скриена тајна сѐ додека не наполни 18 години кога конечно решава да му стави крај на молкот. Крај на молчењето дека нејзиното кревко тело било константно злоупотребувано цели 2 години од страна на страшен сексуален предатор. „Молк… не повеќе!“, гласно извикува сега веќе возрасната девојка, која од жртва на педофилија се претворила во моќна хероина која преживеала обид за убиство врз нејзиното тело и ум. Тоа девојче има име и трогателна приказна која одлучува да му ја раскаже на светот. Сања Боризовска ја споделува нејзината потресна исповед со цел да ја подигне свеста за грозоморната вистина со која се соочуваат многу деца кои немаат кому да се обратат…

Трогателна исповед на Сања Боризовска: Сексуалното злоставување е како обид за убиство на телото и умот

Се сеќавам на сѐ. Не знам дали е тоа добро или лошо. Се сеќавам на мирисот, на топлината и студот во тие денови и тие часови кои за мене траеја навистина долго. Се сеќавам на првиот ден кога сето тоа започна, па сѐ до последниот ден, каде еден манипулативен акт на „заштита“ на едно дете, после неколку месеци, доведе до сексуална пенетрација на 4-годишно девојче. Се сеќавам точно на физичката и психичката болка која никогаш нема да можам да ја заборавам и ќе ја носам целиот мој живот. Моето сексуално злоставување траеше до мои 6 години и сигурна сум дека сѐ уште ќе траеше доколку моите родители не ја сменеа локацијата на живеење за многу краток период. Јас навистина не знам како ќе се завршеше сето тоа, земајќи предвид дека сексуалното злоставување се претвори во еден грозоморен, секојдневен ритуал, во кој сексуалниот предатор, кој тогаш беше 30-годишен маж, се изживуваше врз невино девојче на секој можен начин. И покрај тоа што тој човек беше во роднинска врска со моите родители и на значително завидна позиција во општеството, никогаш потоа го немам видено и искрено не би знаела како ќе реагирам доколку се случи такво нешто.

Сеќавањето за сексуалното злоставување низ кое сум поминала, без никакво наговестување дојде како ненајавена бура, каде за еден час одеднаш, моето тело, мојот ум, повторно интензивно помина низ сета физичка и психичка болка која сум ја чувствувала во текот на тие 2 години. Она што е најлошо во овие случаи е всушност, моментот кога дури по неколку години веќе ти е јасно што ти се случувало. Само жртвите на сексуално злоставување знаат какво е тоа чувство, кое можам слободно да кажам дека е исто како уште еднаш да поминуваш низ истата траума, уште поинтензивно, уште поболно, бидејќи овој пат ЗНАЕШ што се случувало и ЗНАЕШ што значи тоа. Сите нормални деца, девојчиња, момчиња, го градат својот социјален и психолошки идентитет врз основа на невино детство, додека децата со траума, особено траума од сексуално злоставување немаат на што да го градат овој идентитет, бидејќи тие одамна се ограбени од своето детство. Затоа ние почнуваме одново, затоа во европските земји повеќе не го користат изразот за луѓе како нас – жртва, туку нѐ нарекуваат преживеани. Такво е чувството – како да имаш преживеано обид за убиство врз твоето тело и ум.

Кога сите сеќавања се вратија назад, не се обидов да ги сокријам. Запишав сѐ што ми се има случено, бидејќи првото нешто со кое се борев е недовербата во себе и неверувањето во сопствената вистина. Тоа е првиот одбранбен механизам на секоја жртва – самата себеси да се заштити од траумата низ која поминала. Најлесниот начин е да го заборавиш, потиснеш и да се надеваш дека нема да те распрска на милион парчиња. Откако ќе го прифатиш фактот дека ти си жртва на сексуално злоставување, започнува следниот чекор, лекување или поточно кажано, само-лекување од таквата траума, секој ден убедувајќи се дека може утре да биде подобро од вчера.

Изолацијата, асоцијалното однесување беа резултат на ваквиот процес низ кој минував години подоцна, за потоа да размислувам за срамот кој може да го доживеам доколку се отворам пред моите блиски и моите родители, нивните реакции и најстрашното од сѐ: Дали воопшто некој ќе ми верува? Секоја помината година, месец, секој поминат ден во молчење, ја зголемуваат недовербата во себе и стравот дека поминало многу време од самиот акт, прашувајќи се зошто со секој поминат ден, чувствата и сеќавањата наместо да избледат, стануваат уште поинтензивни и појасни. Тоа беше моментот кога ми стана јасно дека ова нема да исчезне само од себе. Решив да ризикувам и да ги изложам моите родители на еден вид страдање и траума предизвикани од сознанието дека нивното 4-годишно девојче за кое сметале дека раснело во нормална околина, всушност било силувано цели 2 години, додека тие го чувале. Им открив дека тој период додека мајка ми ме носела во кревет, истиот ден некој маж ме допирал и злоставувал, психички и физички. Не е лесно да се поверува во тоа, не е лесно да се прифати тој факт, за ниту еден родител, воопшто не е лесно. Првата реакција на сите родители секако дека ќе е лутина, тага и едно чувство на беспомошност кое ниту еден родител не би сакал да го доживее.

Секој совесен родител во ваква ситуација, како што беа и моите, би требало прво да се обратат на институција, правно да се консултираат. Уште поголема тежина на ваквите случаи им придава фактот што од правна гледна точка овие дејности се многу сензитивни, комплексни и значително тешки да се докажат. За жртвата најпрвин да помине низ целиот процес на само-лекување, за да може да излезе надвор од молкот и да го сподели своето негативно искуство со блиските, поминува многу време.

Трогателна исповед на Сања Боризовска: Сексуалното злоставување е како обид за убиство на телото и умот

А, за тоа време, серискиот сексуален предатор, делува врз други жртви, оди од едно дете на друго, додека не биде фатен. Тие никогаш не застануваат, бидејќи се водени од чист, животински нагон, не од разум. Не од желба, туку од нагон, кој ни самите не може да го управуваат. Баш поради тоа што бев сама, и покрај фактот што имав и физички доказ – моето тело, тоа беше слабо за да издржи на суд.

Низ сиве овие години кои поминаа, бев сигурна дека мојот молк, придонесува уште жртви да паѓаат во негови раце и уште чувствувам огромна вина поради тоа. Иако Македонија правно навистина располага со едни од најстрогите и најтешки санкции за полов напад на дете, педофилијата стана пандемија во македонското општество како никогаш досега.

Затоа, сметам дека вистинската казна за ваквите предатори е гласот на самите жртви! Ние преживеаните треба да го искористиме својот глас, своето тело и да бидеме слушнати, затоа што ниту еден сексуален предатор не застанува на една жртва! Доколку почнете да зборувате и излезете од молкот, ќе може да ве слушне и неговата последна или прва жртва, а тогаш веќе ќе претставувате закана за сексуалниот предатор.

Не постои лек за моите лузни. Ако не ја прифатите болката, траумата ќе биде поинтензивна и поболна со секој изминат ден. За жал, има жртви, меѓу кои најголема бројка се момчињата, кои одбиваат да веруваат дека такво нешто им се има случено. Доколку момчињата живеат во стигматизирано општество, како што е нашето, како одбранбен механизам го користат заборавот и потиснувањето на ваквата траума која никогаш не останува потисната, туку излегува на уште поекстремен начин: Преку насилно однесување, манијакална депресија, склоност кон педофилија, склоност кон опијати, самоубиствени мисли, импотентност. Кај девојчињата, пак, се јавува фригидност, недоверба во партнерот, неспособност да се приврзат за една личност, да започнат врска, да се отворат емотивно кон кого било, како и целосна недоверба во околината и системот.

Првиот начин на кој девојчињата, па и машките жртви ја изразуваат својата лутина е со омраза и недоверба кон спротивниот пол, односно полот кој го претставувал сексуалниот предатор. Во Македонија имаме и женски сексуални предатори, кои поради стигматизираната околина, ќе делуваат уште многу години пред да се едуцира целото општество и да може да се делува и против нив. Според тоа, жртвите развиваат привлечност кон истиот пол, особено доколку самите жртви се чувствуваат пријатно во ваквото однесување и ваквиот сексуален развој. Не зборуваме овде само за хомосексуалноста, бисексуалноста, туку за кое било сексуално однесување. Сѐ додека сексуалното однесување е поттикнато од траумата не придонесува кон психичка и физичка повреда на самата жртва или нивната околина, па не би го сметала за девијантно или негативно. Сѐ додека предизвикува позитивни чувства и задоволство и е продуктивно за самата личност, не сметам дека е нешто кое треба да „се средува“. Хомосексуалноста и бисексуалноста се веќе начин на живеење и сексуален идентитет, кој не загрозува никого во општественото опкружување, ниту пак самата жртва, која единствено може од ваквиот идентитет, да остане загрозена од стигматизираното општество.

Единствениот начин на кој јас се борам да ја надминам болката секој ден, е мотивацијата да спасам уште едно дете да не му се случи тоа и да понудам помош и поддршка за жртвите кои веќе поминале низ тоа. Само преживеаните од ваквата траума знаат за каква болка и траума зборувам, тоа е едно од најтрагичните и болни искуства кои може да ги доживее една личност. Меѓутоа, неопходно е да се најде инспирација, мотивација во нештата околу нас, во нашите блиски, пријатели, партнери, дури и во самите себе. Секогаш постои начин како да излезеш посилен од болката која ја чувствуваш.

По преживеаната траума, единствената цел на Сања денес е да им помогне на сите деца и возрасни кои поминале низ истото ужасно искуство. Имено, таа е основач на првата македонска невладина организација што се залага за заштита на жртвите од педофилија – ОМНИС. ОМНИС најпрво започна со медиумската кампања „Молк…не повеќе!“ која ги мотивираше жртвите на педофилија да се отворат за своето искуство и да не страдаат во тишина. ОМНИС нуди целосна бесплатна, стручна психијатриска и правна помош за секоја од овие жртви, машки и женски, каде може своеволно да учествуваат во индивидуално или групно советување. Со други зборови, ќе имаат можност да наидат на целосно разбирање и поддршка од страна на организацијата при нивниот обид да го продолжат нормално својот живот и да ја намалат болката од тешката траума низ која поминале.

Трогателна исповед на Сања Боризовска: Сексуалното злоставување е како обид за убиство на телото и умот

Оваа невладина организација како да се појави во вистински момент, со оглед на тоа што неодамна излегоа во јавност ужасни откритија дека многу девојчиња од домовите за деца без родители биле константно силувани и сексуално експлоатирани. Па, колку случаите на педофилија се чести во Македонија? Ретко се случува да прочитаме нешто во врска со тоа. Дали тоа значи дека се ретки или пак дека се прикриваат? Сања уште пред 10 години има слушнато дека самите вработени имале односи со девојчињата од домовите за згрижување и тоа претежно одбирајќи ги девојчињата од ромската заедница за да бидат сигурни дека нивниот злочин нема да биде лесно разоткриен.

„Еве, после повеќе од 10 години, јавноста се ужаснува од ваквиот случај и сѐ уште постои огромен проблем да се потегне кривична постапка. Еднаш дознав дека една еманципирана личност, избирала девојчиња од еден дом за бездомници за сексуални задоволства и отидов во полиција за да го пријавам случајот, но бев пречекана со ’Немаш доказ’. Откако го ризикував мојот живот, стапив во контакт со таа личност и го снимив неговиот глас додека се изживува врз девојчиња без родители, ми рекоа дека не сум смеела тоа да го правам. Бев револтирана и гневна! Затоа сега воопшто не сум изненадена од овој случај, туку сум изненадена од реакцијата на општеството, од реакцијата на сите македонски граѓани. Како можевте да не го видите тоа досега?! Не се институциите виновни! Ова е обврска на секој совесен родител, старател, пензионер, на секој македонски граѓанин. Ова е обврска на ОМНИС НВО, да се погрижи вакво нешто никогаш да не се случи во иднина“, цврсто верува Сања.

За да може да се искорени овој проблем, пред сѐ мора да научиме како да го препознаеме. За жал, тоа не е толку едноставно според Сања.

„Не постојат знаци кои се универзални кај секое дете и кои секој родител може да ги препознае, што значително го отежнува решението на овој проблем. Првиот чекор кој треба да се преземе е – информираност и едукација на целото општество како единка. Многу е важно родителите да се потрудат детето да не падне во раце на сексуален предатор, бидејќи доколку се случи тоа, веќе е доцна да се работи на заштита. Тогаш веќе станува збор за жртва, која доживеала траума што никогаш нема да ја заборави. Вториот чекор, кој е неопходен, е едукација на стручни лица, едукација на образовниот кадар, како и едуцирање и информирање на сите родители како да ги заштитат своите деца од ваков полов напад, кој може да се одвива во нивниот дом без да забележат.“

ОМНИС моментално пристапува кон кампања каде преку посебен, стручен пристап ќе се информираат дечињата за тоа како самите да се заштитат од сексуален предатор. Ова е првиот сериозен чекор кој ќе го преземе невладината организација и ќе биде реализиран во текот на пролетта. Дечињата и младите генерации мора да се заштитат од ваквиот грозоморен чин. Сексуалните предатори мора да бидат сопрени. Не смее да им се дозволи по стоти пат да се извлекуваат неказнето и да уништуваат човечки животи. Здраво, демократско општество не може да се гради на силувани и злоупотребувани деца и трауматизирани граѓани. Затоа, Сања порачува: „Молк… не повеќе!“

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар