Стефан Марковски до младите писатели: Усовршувањето на авторот е невозможно без поголем творечки потфат

Многумина млади луѓе имаат инспирација и мотив, но и талент за да успеат да создадат литературно дело, но голем е и бројот на оние кои никогаш нема да се обидат да го направат тоа. Причините се многу, почнувајќи од недовербата во квалитетот на она што би произлегло од нив, па сè до стравот од неприфаќање и неразбирање од публиката. Но, постојат и такви кои и покрај младоста и неискуството, целосно верувале во својот талент и се препуштиле на патувањето наречено создавање свое лично дело – поетска збирка или роман.

Стефан Марковски до младите писатели: Усовршувањето на авторот е невозможно без поголем творечки потфат

На оваа тема поразговаравме со младиот Стефан Марковски, кој зад себе има голем творечки опус и во поезија и во проза, а неодамна го промовираше својот втор роман „Еретички писма“, во издание на издавачката куќа „Три“. Приказната е структурирана во шест дела во кои вајарот Максимилијан создава бронзени статуи посветени на шесте типови љубов – Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе, минувајќи низ различни фази од животот, односно сонот и јавето, човечкото и божественото.
Она што најпрво нè заинтересира да го чуеме од Марковски, беше кога го препознал клучниот момент во кој одлучил дека ќе се посвети на пишувањето.

„Еден од најзначајните мигови беше оној при завршувањето на првото романче во основноучилишните денови со работен наслов ‘Уличните утра’, еден вид авантуристичко-‘мисловна’ крими-драма. Претходно објавував поетски творби во училишните списанија, но завршувањето на оваа прва подолга проза не само што ме инспирираше да продолжам да пишувам, туку и ме научи да го оддржувам и постепено да го подобрувам фокусот на внимание во однос на ваквиот израз.“

Понекогаш, младите писатели, делумно поради неискуството во оваа област, а делумно и поради самите околности, може да „западнат“ во замки. Една од тие е и на своето дело да гледаат како медиум за изразување и можност да бидат чуени, а еве што за тоа вели Марковски:

„Префинетоста на писателот на 21 век освен што подразбира интензивна ‘комуникација’ со дела од други автори, подразбира и сеопшта информираност за состојбите и тековите во книжевноста, уметноста, културата и општеството со кои е во континуиран процес на општење. Сето ова пред сѐ подразбира постојана себенадградба која овозможува ориентираност кон знаењето, иднината и можност за ‘писателски придонес’ кон заедницата, нешто што ценам дека недостига во свеста на младите автори кои неретко ја перципираат книжевноста како прибежиште од социјалниот хаос или пак, единствено како медиум за изразување и можност да бидат слушнати, односно читани.“

Стефан Марковски до младите писатели: Усовршувањето на авторот е невозможно без поголем творечки потфат

Многумина искусни автори, кога би се вратиле на почетоците, веројатно би направиле некои измени во однос на содржината, структурата на делото и пристапот кон обработувањето на избраната тема. Како автор кој зад себе има неколку поетски остварувања и два романа, Марковски ни раскажа дали и што би променил во своите најрани дела.

„Првиот роман ‘Еднонасочно’ којшто излезе од печат во моите доцни средноучилишни денови заслужува обемно ‘полирање’ како на план на израз, така и во структурирањето и развојот на приказната. Кај моите први две поетски дела, како и психолошко-филозофските книги, исто така постојат делови кои би подлегнале на големи промени иако во однос на вторите најголемиот дел од тезите сѐ уште го застапувам. Се работи за книги кои сведочат за мојот индивидуален авторски пат и како такви, самиот најчесто ги гледам токму низ таа перспектива.“

Како и секој љубител на пишаниот збор, така и Марковски има свои идоли и омилени дела од светската литература, па затоа не можеше да издвои еден конкретен автор кој го инспирирал. На нашето прашање кои биле неговите омилени автори од кои црпи инспирација, тој ни раскажа дека пред сè, постои влијание од книжевните класици на Иго, По, Бодлер, Пушкин, Достоевски, но и од мислители како Лајбниц, Спиноза, Декарт, Аристотел, Хераклит и Дарвин. Кај едните пронаоѓа литерарна визуелизација, а кај другите филозофска поддршка.

За да се создаде едно дело, најчесто е потребно да се следи инспирацијата, но и добро да се истражи темата за која се пишува, а еве што вели нашиот соговорник за тоа:

„Јас сум еден од оние кои прават обемни истражувања особено доколку станува збор за област за која се потребни детални знаења. На пример, во последниот роман ‘Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено’ станува збор за вајар на бронзени статуи при што описот на процесот на вајање изискува консултации со професионалци и соодветна литература како би бил доловен на начин кој барем се доближува до оној од реалноста. Како што веќе спомнав, ориентираноста кон знаењето и новите информации се едни од факторите кои овозможуваат успешен спој од различните пристапи во контекст на полиметодичноста којашто ја подразбира процесот на книжевно создавање.“

Стефан Марковски до младите писатели: Усовршувањето на авторот е невозможно без поголем творечки потфат

Како и секој автор, така и Марковски би се вратил на почетоците за да промени некои нешта во своите први дела, на пример поедноставен израз во поезијата, но и поконцизно прикажување на приказната кога се работи за прозните дела.

Во врска со новиот роман „Еретички писма“, нè интересираше дали постоел момент во кој сакал да се откаже од пишувањето и реализацијата, на што добивме одговор кој отсликува млад автор кој точно знае и предвидува кој чекор е следен:

„Не, затоа што неговата ‘голема идеја’ заедно со нејзините поединечни шест столба кои го чинат и структурираат нејзиниот мозаик ги имав во глава уште пред да започнам со пишување, а во такви случаи пишувањето како процес вистински не е особено далечен од некаков експлозивен ‘механизиран’ или ‘погонски’ пренос на информации, со тој исклучок што на творечка спонтаност се оставаат механизмите кои го разубавуваат, поетизираат изразот.“

Со ова, се потврдува и дека реализацијата на едно литературно дело во најголем процент зависи од тоа авторот уште од самиот почеток да ја има конкретната идеја, за да знае како понатаму да ја гради приказната врз таа основа.

Стефан Марковски до младите писатели: Усовршувањето на авторот е невозможно без поголем творечки потфат

За крај, побаравме од Марковски да упати совет до сите оние кои имаат инспирација и талент, но сè уште не собрале доволно храброст за да почнат со пишување.

„Надградувањето е континуирано и се заснова како на читање и збогатување на изразот, така и во однос на самата содржина, распоредот на одделните сегменти и слоеви од и во приказната. Но, надградувањето нема да биде постигнато без ‘мастило на хартија’, без поголем творечки потфат од кој потоа, нема да се биде незадоволен. Реалното незадоволство од сопственото дело е нужно доколку еден автор претендира кон себеусовршување и хармонизирање меѓу внатрешните пориви и оставеното на хартија т.е. пренесеното преку неа. Постојат голем број вежби за покренување на креативноста и творечко ‘размрдување’ кои го адаптираат умот на моментно осмислување креативни алтернативи на приказни при зададени или услови кои самиот ги задава (ликови, простор-време, ситуации, наративен пристап). Сите овие решенија и пристапи кон пишувањето како облик на креативно творештво задаваат база од која младите автори можат индивидуално да го извлечат најпотребното за себе врз основа на сеопфатно втемелена и реална проценка.“

Пишувањето литературно дело, особено кај помлади и помалку искусни автори не секогаш е тешка активност. Всушност, со вистинската идеја, правилниот пристап и секако, неизоставниот талент за изразување, младиот автор може својата кариера да ја започне со успешно првенче, иако во иднина секогаш ќе сака да можел да го направи барем малку подобро. Поради тоа е важна поддршката, но и вербата во сопствените можности дека и покрај сè, целиот труд ќе резултира со успешно дело и дека во иднина публиката ќе може да прочита уште многу од тој автор.

Прочитајте ги и овие 9 знаци дека сте родени да бидете писатели.

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар