Симбол на вечна љубов: Како порано изгледале бурмите и зошто се носеле?

Симбол на вечна љубов: Како порано изгледале бурмите и зошто се носеле?

Порано, венчалниот прстен не се носел на прст, туку околу зглобот. Старите цивилизации биле многу суеверни, а животниот век бил многу пократок и морталитетот многу поголем отколку денес. Исто така, било популарно верувањето дека духот на човекот може да замине од телото. Па затоа, за да ја заштити младоженецот својата жена, ѝ врзувал гранче или тревка околу зглобот и на тој начин ѝ искажувал љубов. Тоа значи дека потврдувањето на љубовта датира уште од многу одамна.

0-simbol-na-vechna-ljubov-kako-izgledale-burmite-porano-i-zoshto-se-nosele-kafepauza.mk

Првата бурма која се носела на рацете се јавува пред повеќе од 4.000 години на брегот на реката Нил во Египет, а била направена од плетени трски и други тревки, наспроти денешните – од злато, сребро или платина. Честопати, прстените биле направени од кожа или од слонова коска и биле украсувани со разни детали.

Старите Египќани, како и многу цивилизации после нив, носеле бурма на домалиот прст од левата рака. За време на церемонијата на венчавање, младенците си разменувале завети преку кои се заколнувале на вечна љубов – љубов која ќе опстои и во „добро и во зло“ и „додека смртта не нѐ раздели“. Симболот на кругот, а подоцна и на прстенот, освен кај Египќаните, и кај многу други народи и култури има слично значење – вечност, затоа што кругот нема ни почеток ни крај.

Египќаните исто така верувале дека прстенот има натприродни моќи и дека претставува ветување вечна љубов и заеднички живот. За разлика од нив, Римјаните имале малку поинаква симболика за бурмите – додека кај Египќаните прстенот бил симбол на љубов, кај нив тој бил доказ за поседување – бил симбол на сила и издржливост – па затоа и се правел од железо. Исто така, постои податок дека идејата за гравирање потекнува токму од Римјаните.

Обичајот бурмата да се носи на домалиот, односно на четвртиот прст од левата рака потекнува од старите Грци. Изговарајќи ги зборовите „Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух“ младоженецот, со помош на прстенот прво го допира палецот на невестата, потоа показалецот и средниот прст, за со „Амин“ да го стави на домалиот. Оттогаш се воспоставил обичајот и невестата и младоженецот да носат бурми. Според легендата, луѓето верувале дека вената од домалиот прст на левата рака води до срцето, па затоа и на латински таа се вика vena amoris – вена на љубовта. Денес, кај православните народи, бурмата традиционално се носи на домалиот прст од десната рака. Многу современи парови бурмата ја носат како ланче околу вратот или ја чуваат во кутиче.

Иако материјалот на бурмата се менувал, симболиката до ден-денес останува иста. Прстенот претставува традиција и составен дел од венчавките дури и во денешните модерни општества, па затоа и целта на ваквиот прстен како симбол на љубовта и денес успешно му пркоси на времето.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Живее за добра книга и дише преку пишаниот збор. Кога би можела, цел живот би патувала, би читала и би гледала филмови. Вљубеник во фотографијата и класиката. Оптимист и поборник за љубов. Модата е нејзиниот начин да го изрази своето мислење и став. Животот за неа е уметност, филозофија и добра храна.

Поврзани содржини

Остави коментар