Секојдневното пиење аспирин може да биде штетно за постарите здрави лица

Секојдневното пиење аспирин може да биде штетно за постарите здрави лица

Понекогаш правиме нешта за нашето здравје бидејќи се едноставни. На пример, милиони постари луѓе секојдневно пијат аспирин со надеж дека ќе спречат некоја кардиоваскуларна болест.

Секојдневното пиење аспирин може да биде штетно за здравите постари лица

Уште од 60-тите, лекарите го препишуваат аспиринот како антитромботик корисен за спречување мозочен удар и инфаркт. Подоцна, во 80-тите, доктор Ричард Пето ги разгледал сите достапни истражувања за здравствените придобивки од аспиринот. Открил дека популарниот лек за болка значително го намалувал ризикот од мозочен удар или инфаркт. Како резултат на ова, лекарите почнале да препорачуваат дневна доза аспирин за спречување кардиоваскуларни болести.

Но, според едно ново истражување објавено на 16-ти септември оваа година, здравствените придобивки од аспиринот речиси и да ги нема за луѓето што не доживеале инфаркт или мозочен удар. Исто така, постои можност аспиринот да биде и опасен за нив.

Во 5-годишното и плацебо контролирано истражување учествувале 20.000 постари испитаници од Австралија и САД. Истражувачите сакале да одредат дали аспиринот навистина ќе им помогне на луѓето над 70 години без познати кардиоваскуларни проблеми да живеат подолг и поздрав живот.

По завршувањето на 5-те години, истражувачите откриле дека испитаниците што земале по 100 милиграма аспирин дневно имале речиси исто ниво на попречености и деменција како и плацебо групата. Стапката на смртност кај групата што земала аспирин била дури и малку повисока – во текот на истражувањето умреле 5,9% од луѓето што земале аспирин, во споредба со 5,2% од оние во плацебо групата.

Истражувачите исто така откриле дека ризикот од хеморагија бил повисок кај испитаниците кои секој ден земале аспирин. Сериозно крварење кое барало и хоспитализација, вклучувајќи и крварење во мозокот и хеморагија се случило кај 3,8% од испитаниците кои земале аспирин, за разлика од 2,7% од луѓето во плацебо групата.

Некои претходни истражувања покажале дека оние кои имаат поголем ризик од инфаркт или мозочен удар би имале придобивки од аспиринот. Сепак, секогаш би требало да се консултирате со вашиот лекар кога станува збор за земање аспирин како превентивен лек. Резултатите од ова истражување покажуваат дека аспиринот е непотребен за здрави луѓе кои имаат над 70 години.

Дали знаете дека во некои ситуации обичниот аспирин може да ве спаси?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар