Прекрасна руска легенда за китењето на елката: Што симболизира ѕвездата на врвот од дрвото?

Прекрасна руска легенда за китењето на елката: Што симболизира ѕвездата на врвот од дрвото?

Шарената новогодишна елка стана симбол на овој празник насекаде ширум светот. Сигурно и вие редовно ја китите елката овој период, но дали сте знаеле дека украсувањето на зимзеленото дрво е обичај кој потекнува уште од времето на Стар Рим?

Прекрасна руска легенда за китењето на елката: Што симболизира ѕвездата на врвот од дрвото?

Постојат неколку теории за тоа како дошло до популаризација на китењето на елката. Во етнолошките записи, овој обичај се смета за пагански, а зимзеленото дрво служело како потсетник дека зимата ќе помине и повторно ќе настапи пролетта. Се верува дека Германците им ја претставиле елката на Американците и Канаѓаните уште во 19 век. Меѓутоа, Русите имаат една легенда во која се крие главната причина за китењето на елката во руската традиција.

Кога Исус Христос се родил во пештера во Витлеем, небото се отворило, а целиот свет замолкнал за да го дочека раѓањето на Спасителот. Една единствена сјајна ѕвезда на небото ги водела тројцата мудреци од Истокот до Богородица и нејзиниот син кој требал да го спаси човештвото. Мудреците му се поклониле на идниот Спасител и ги донеле нивните дарови. Потоа, стигнале и пастирите, па и тие се поклониле принесувајќи ги своите подароци.

Над пештерата растеле 3 дрвја: бор, кедар и елка. Знаејќи колку е важен моментот на кој присуствуваат, дрвјата посакале и тие да му подарат нешто на новородениот Исус и да се придружат на славењето во кое учествувало целиот свет.

Тогаш, кедарот ги протресол своите гранки и пред пештерата паднале неговите иглички исполнувајќи го целото место со прекрасен мирис. Борот ги протресол своите гранки и на земјата паднале најубавите шишарки со кои можело да се запали оган и да се загрее местото за малиот Исус и неговата мајка.

Кутрата елка горко заплакала. Таа немала да подари ниту миризливи иглички, ниту топли шишарки. Таа немала ништо вредно за подарување и многу била тажна поради тоа. Сјајната ѕвезда на небото ги видела солзите на елката. Таа била длабоко трогната од искрената тага на ова скромно дрво кое немало што да му подари на малиот Исус, па испратила една мала ѕвезда да се спушти на самиот врв на елката. Тогаш елката заблескала со ѕвездената светлина, осветлувајќи го целиот крај и поклонувајќи се, ја спуштила ѕвездичката пред пештерата за да може целиот свет да види дека тука лежи идниот спасител на човештвото.

Во чест на оваа руска легенда, во руските цркви и ден денес се кити елката пред Божиќ. Според верувањата, ѕвездата што традиционално се поставува на врвот од елката ја претставува Витлеемската ѕвезда која ги одвела трите мудреци до шталата во која се родил Исус Христос. Подароците што се ставаат под елката исто така потсетуваат на Христовото раѓање, бидејќи тоа е најголемиот дар што им е даден на луѓето.

Сега откако ја дознавте оваа прекрасна легенда, прочитајте што можат новогодишната елка и стилот на украсување да откријат за вас.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар