Поучна приказна: Човекот кој постојано барал нешто

Поучна приказна: Човекот кој постојано барал нешто

Еден ден, еден човек кој постојано барал нешто, почувствувал силна потреба да тргне кон градот Камир. Така, тој одлучил да остави сѐ и да замине на пат. Одејќи два дена по калливи патишта, конечно во далечината го здогледал градот Камир. Малку пред да стигне до самата порта на градот, вниманието му го одвлекол еден рид од десната страна, кој бил покриен со чудни зелени површини и разновидни пролетни цвеќиња. Од сите страни ридот бил ограден со фарбана ограда, а бронзената врата на влезот го намамила да влезе.

Поучна приказна: Човекот кој постојано барал нешто

Одеднаш почувствувал дека дури и заборавил на градот и дека треба малку повеќе да се задржи на ова место. Човекот поминал преку бронзената врата и почнал полека да се движи низ белите, камења кои биле расфрлани по земјата. Таму тој разгледувал сè и го забележувал секој детаљ во тој рај. Бидејќи неговите очи биле навикнати постојано да бараат нешто, тој на еден бел камен открил натпис каде пишувало:

Абдул Тарег, живееше 8 години, 6 месеци, 2 недели и 3 дена.

Малку се вознемирил кога сфатил дека тој камен не е камен, туку надгробна плоча. Тој се растажил од помислата дека таму е погребано толку мало дете. Разгледувајќи околу себе забележал дека на соседниот камен исто така стои натпис. Му се приближил и прочитал:

Јамир Калиб, живееше 5 години, 8 месеци и 3 недели.

Тогаш човекот уште повеќе се вознемирил. Тоа прекрасно место биле всушност гробишта, а секој камен бил надгробна плоча. Една по една почнал да ги чита плочите и на секоја од нив стоел одреден натпис со име и животниот век на личноста. Најужасно за него било кога заклучил дека најстарото дете кое било погребано таму едвај имало нешто повеќе од 11 години. Обземен од неизмерна тага, седнал на тревата и заплакал. Стариот управник на гробиштата кој случајно поминувал од таму, го видел непознатиот човек и тргнал кон него. Одредено време го набљудувал како плаче, па го прашал дали тагува за некој близок.

„Не, не тагувам за некој мој ближен“, одговорил човекот. „Што е со овој град? Каков ужас се случува овде? Зошто има толку мртви деца погребани на ова место? Кое е тоа страшно проклетство што владее над овие луѓе, па ги натерало да направат детски гробишта?“

На ова, старецот му одговорил:

„Смирете се, нема никакво проклетство. Кај нас постои еден древен обичај. Дозволете ми да ви објаснам. Кога некое дете ќе наполни 15 години, родителите му подаруваат една мала тетратка, како оваа што ја носам околу вратот. Кога нешто многу ќе го израдува, детето треба да ја отвори таа тетратка и на левата страна да запише што е она што го израдувало, а на десната времето на траење на таа радост. На пример, се запознал со некоја девојка и се заљубил во неа: Колку траела таа неизмерна страст и радост? Една седмица? Две? Три и пол? Запишува. Возбуда при првиот бакнеж? Колку траело тоа? Минута и пол, колку и бакнежот? Два дена? Една седмица? Бремена жена и раѓање на првото дете? Венчавка на близок пријател? Исполнување на патувањето од соништата? Колку траела радоста на сите тие случувања? Неколку часа? Денови? Така ние во нашите мали тетратки го запишуваме секој момент на нашата радост. Баш секој. Кога некој умира, обичај е да му ја отвориме тетратката и да му го собереме сето време на неговата животна радост и да го запишеме на гробот. Затоа што веруваме дека тоа е вистински проживеаното време.“


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар