Науката зад зомбињата: Дали навистина можеме да ги „вратиме“ мртвите?

Науката зад зомбињата: Дали навистина можеме да ги „вратиме“ мртвите?

Малку нешта во животот се посигурни и потрајни од смртта. Сепак, тоа не нè спречува да размислуваме каков би бил животот доколку смртта беше само привремена.

Науката зад зомбињата: Дали навистина можеме да ги „вратиме“ мртвите?

Веќе знаеме дека зомбињата не постојат, но реанимираните трупови не се само плод на нашата фантазија. Научниците се обидуваат да го вратат животот кај мртвите веќе стотици години.

Во 1800-тите, физичарот Џовани Алдини станал познат поради неговата спектакуларна демонстрација на „реанимирање“ човечки и животински трупови, стимулирајќи ги со моќни електрични шокови. Џовани поврзувал батерија на трупот кој поради струјата се движел како да е жив. Публиката, се разбира, била воодушевена, иако суштеството не се вратило во живот. Џовани знаел дека не ги оживува мртвите, но не се откажал од оваа можност, ниту пак научниците кои ги следеле неговите чекори.

Зомби животни

До 1930-тите, обидите да се воскреснат мртвите со струја веќе не биле интересни, но восхитот од реанимацијата бил далеку од мртов. Еден од најпознатите научници во областа на реанимацијата е Роберт Е. Корниш, американски биолог. Наводно, Корниш оживел две кучиња нишајќи ги напред-назад за да ја движи крвта во нивните тела, додека ги инјектирал труповите со мешавина од антикоагуланти и стероиди. Кога Корниш изјавил дека е подготвен да го изведе експериментот на луѓе, затвореник осуден на смртна казна, Ромас Мекмонигл, волонтирал. Сепак, државата го забранила ова барање.

Неодамна, тим истражувачи од Јејл експериментирале со реанимација на мозоци од свињи. Научниците ја вратиле мозочната активност и мал дел од клеточната активност кај свињите, неколку часа по нивната смрт. Иако некои мозочни клетки почнале повторно да функционираат, тоа не било доволно за свињите да си ја повратат свеста. Други научници кои не учествувале во истражувањето изјавиле дека ова го поставува прашањето што значи да се биде жив наспроти жив, но со мртов мозок.

Зомби луѓе

Зомбињата дефинитивно се непостоечки, но неколку неверојатни случаи укажуваат на можноста за некој вид спонтано воскреснување.

Во 2011-та година, 46-годишната Кели Двајер паднала во замрзнато езеро додека планинарела сама. Нејзиното срце престанало да работи пред да стигне брзата помош, а нејзината телесна температура се спуштила на 15 степени Целзиусови. Кели била мртва 5 часа кога лекарите ја исклучиле нејзината животна поддршка. Веднаш потоа, нејзиното срце спонтано почнало да работи. После две недели во болница, Кели се вратила дома жива и без оштетување на мозокот. Таа, се разбира, не е зомби, но на некој начин се вратила од мртвите.

Толку многу луѓе се имаат вратено во живот неколку минути после прекинување на срцето, што оваа појава има и свое име – феноменот Лазар. Не сите луѓе кои го искусуваат овој феномен си ја враќаат целосната нервна функција и не сите остануваат живи уште долго. Според еден извештај од 2007-ма година, 35% од луѓето кои го доживеале феноменот му се враќаат на нормалниот живот.

Дури и после стотици години неуспешно експериментирање, некои научници сè уште се обидуваат рачно да ги реанимираат човечките трупови. Изминативе три години, компанијата Bioquark, Inc. се обидува да собере 20 клинички мртви пациенти за експеримент за оживување на мозокот. Истражувањето се очекува да започне во јули оваа година, но веќе има добиено остри критики од научната заедница. Наводно, според многу научници, „истражувањето се граничи со лудило“ и „смртта значи смрт“.

Прочитајте ги и овие факти за смртта од модерната наука.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар