Најубавите љубови од безвременските книжевни дела

Во бесмртните љубовни романи ние не се запознаваме само со личностите кои творат, туку и со личностите на нивната интима, имагинација. Ние зачудувачки се соживуваме со нив, се возбудуваме поради нивните страдања, се радуваме на нивните успеси. Самите мотиви во нив, типизацијата на ликовите, заплетите и кулминациите, нам ни изгледаат толку реални и вистинити. Толку природни и блиски до нас. Тоа е така, затоа што во нив ги наоѓаме нашите неостварени желби и соништа, со нив ја зацврстуваме нашата колебливост и несигурност, и ги поразуваме нашите сомнежи и стравови. Целокупната книжевност е жариште на многу љубови кои живеат низ страните на тие романи, а ние во продолжение ги издвојуваме најпознатите меѓу нив.

(2) najubavite-ljubovi-od-bezvremenskite-knizhevni-dela-www.kafepauza.mk

Парис и Елена

Прифаќајќи го ставот на грчката легенда за Парис и Елена, денес на овие историски легендарни имиња се гледа како совршена комбинација на целосна машкост и симбол на женска убавина. Убавината на Елена се смета за причина на почеток на децениската Тројанска војна, по нејзиното киднапирање од страна на Парис. Но, голем број уметници и поети на умешен начин ја заобиколуваат насилната отуѓеност на Елена од нејзиниот сопруг, па денес јасно е изразена меѓусебната љубов со Парис, сензуалноста, нејзината среќа да биде во рацете на лик со херојски димензии. Мудростите кои ги споделуваат овие љубовници, примерите, возвишените пораки, кои Хомер ни ги доближува во Илјадата, опстојуваат не само низ историјата толку долг период, туку со истите можеме да се поистоветуваме и во сегашноста, во нашиот помин.

Ромео и Јулија

Приказна за двајца млади кои со своите животи ја плаќаат цената на недозволената привлечност. Судбини кои денес потсетуваат на вистинска љубов, и смрт која е залог за мир помеѓу две закрвени семејства.

Шекспир ни претставува една слика на трагично самоубиство на младата Јулија над телото на нејзиниот веќе мртов љубовник – откако самиот тој се самоубива мислејќи дека неговата Јулија е мртва. И тоа се делови на спиралата на омразата, љубовта, смртта.

Но, со самото тоа што чувствуваат колку е бедна омразата во однос на љубовта, и ја чувствуваат величествената љубов родена од таа омраза, двајцата млади љубовници како спој претставуваат идеја на универзалноста, поим над поимите. Претставуваат универзални протагонисти на неуништливоста кои ги рушат и временските и општествените бариери.

Тристан и Изолда

Во делото кое има репутација на најубав љубовен роман што човештвото го добило, Тристан е трагичниот јунак чиј живот се одвива наспроти неговата волја. Тој е активна и моќна природа, па својата трагика ја пренесува на сите што ќе се најдат во негова близина. Таква е и судбината на Изолда – прекрасната и достоинствена благородничка која е принудена да им се потчинува на средновековните обичаи и правила. Бескрајната и чиста љубов на овие љубовници и понатаму постои како синоним за моќна и забранета, но вистинска љубов. И покрај ниската морална оправданост, покрај предавството што Тристан и Изолда го чинат кон кралот Марк. Тристан како негов пријател, близок роднина и штитеник, а Изолда како кралица, негова сопруга.

Интимата на главните ликови ги надминуваат рамките на споменот и остануваат да сведочат за трагична, исполнета со копнежи, и толку многу цврста љубов.

Скарлет О’Хара и Рет Батлер

Тие сведочат за тоа какви динамични, непослушни импулси може да сокрие совршената физичка надворешност. Скарлет, која е посакувана поради нејзината убавина и умешниот флерт, и често критикувана поради гордоста и неодлучноста во постапките. И Рет, чија брутална храброст за спротивставување на општеството му носат репутација на човек со валкано минато.

Но, моќна е нивната љубов. Се издига над сиот прав кој нивните темпераментни карактери сами го создаваат. Се издига над правот полн со заеднички спомени за да ги потсети што значи силата и љубовта возвратена од вистинскиот човек. Се издига за и денес да сведочи за мошне интересна судбина – необична, а сепак толку блиска до нас, до нашите чести постапки и избори.

Погледнете ги и овие 14 литературни класици кои докажуваат дека љубовта отсекогаш била мртва!

Автор: Марија Николовска


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар