Креативните луѓе навистина го гледаат светот поразлично

Креативните луѓе навистина го гледаат светот поразлично

Што е тоа во креативните дела, како некоја слика или песна, што нè воодушевува? Дали возбудата е поради тоа што гледаме нешто ново, нешто различно, нешто што го видел само уметникот?

Креативните луѓе навистина го гледаат светот поразлично

Идејата дека некои луѓе гледаат повеќе можности од други е основата на концептот за креативност. Психолозите често ја мерат креативноста користејќи задачи кои бараат различно размислување. Овие задачи бараат од вас да искористите што е можно повеќе секојдневни предмети, како на пример тула. Луѓето кои можат да најдат повеќе примени на тулата се сметаат за покреативни за разлика од луѓето кои можат да се сетат само на нејзината вообичаена примена.

Аспектот од нашиот карактер којшто е одговорен за нашата креативност е наречен отвореност кон искуства, или само отвореност. Помеѓу петте главни карактерни особини, отвореноста најдобро го предвидува перформансот на задачите со различно размислување. Отвореноста исто така може да ги предвиди креативните достигнувања во реалниот свет.

Љубопитноста да се истражуваат нештата од сите страни може да им помогне на отворените луѓе да забележат повеќе нешта од просечната личност, односно да откријат комплексни можности во познато опкружување.

Креативна визија

Во едно истражување се открило дека отворените луѓе не само што им даваат нова перспектива на нештата, туку тие ги гледаат работите поразлично од просечниот човек.

Истражувачите сакале да откријат дали отвореноста е поврзана со феномен кај визуелната перцепција наречен бинокуларно ривалство. Ова се случува кога на секое око му се покажани две разни слики, како на пример зелена боја на едното и црвена боја на другото око (како на сликата).

Креативните луѓе навистина го гледаат светот поразлично

Наводно, испитаниците во овие истражувања одвреме-навреме гледале комбинација од двете слики (сликата во средина). Овие моменти кога и двете слики истовремено ѝ се достапни на свеста, речиси изгледаат како „креативно“ решение на проблем претставен од два некомпатибилни стимули.

Во три експерименти се открило дека отворените луѓе подолго ги гледале споените слики за разлика од просечниот човек. Покрај тоа доколку биле во добро расположение, сликата ја гледале уште подолго.

Овие резултати покажале дека креативноста на отворените луѓе се протега сè до основната визуелна перцепција. Отворените луѓе најверојатно имаат фундаментално разни визуелни искуства за разлика од обичните луѓе.

Гледање на нешта што другите не ги забележуваат

Друг познат феномен поврзан со перцепцијата е наречен ненамерно слепило. Луѓето го искусуваат ова кога се премногу фокусирани на едно нешто, па не ги гледаат работите што се пред нив.

Во едно истражување испитаниците биле замолени да изгледаат кратко видео од луѓе кои си подаваат топка и да избројат колку пати е фрлена топката од страна на луѓето со бела блуза. Можете да се обидете и самите. Изгледајте го видеото и избројте колку пати е фрлена топката од играчите со бела блуза.

Во текот на видеото сред сцената се појавува човек во костим на горила, неколку пати се удира во гради и потоа си заминува. Ако не сте го забележале, не сте единствени. Речиси половина од 192 испитаници во оригиналното истражување воопшто не го забележале човекот со костимот.

Но зошто некои луѓе искусиле ненамерно слепило, а некои не? Одговорот се открил во друго истражување кое покажало дека ненамерното слепило зависи од вашиот карактер – отворените луѓе имаат поголеми шанси да го забележат човекот во костимот. Уште еднаш се покажало дека отворените луѓе гледаат работи што другите ги игнорираат.

Отворање на нашиот ум: Дали повеќе е подобро?

Изгледа дека отворените луѓе навистина имаат дарба. Но дали некреативните луѓе можат да го прошират нивниот ограничен видик и дали тоа би било добро?

Постојат цврсти докази дека можно е да ја зголемите вашата креативност со когнитивно тренирање, а сличен ефект имал и псилоцибинот, психоактивната состојка во магичните печурки. Отвореноста се зголемила и кај студентите кои заминале да студираат во странство, со тоа потврдувајќи ја теоријата дека патувањето го проширува умот.

Но, оваа отвореност има и мрачна страна. Отвореноста била поврзана со неколку ментални нарушувања, како на пример, склоност кон халуцинации. Границата помеѓу тоа да гледате повеќе и да гледате работи што не се таму е навистина тенка.

Значи, од разни карактери доаѓаат разни искуства, но не значи дека нечија гледна точка е подобра од нечија туѓа.

Погледнете и кои навики ќе ја поттикнат вашата креативност.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар