Кои се најотровните растенија во светот?

Кои се најотровните растенија во светот?

Флората и вегетацијата на нашата планета се доста распространети и до ден денес постојат растенија кои допрва треба да се откријат и именуваат. Покрај прекрасните цветови со опојни мириси, вкусните плодови и големите дрвја, постојат и неколку растенија кои се доста отровни и опасни, па дури и смртоносни. Според некои теории, растенијата развиле одредени токсини за самоодбрана. Некои од нив содржат комбинации од хемиски соединенија кои се ефикасни во борбата со инсектите, штетниците и другите микроорганизми, но дел од нив можат да им штетат и на луѓето. Во продолжение прочитајте кои се најопасните растенија во светот.

Лутиче

Кои се најотровните растенија во светот?

Градинарот кој го одгледувал ова цвеќе во 2014-тата година во Велика Британија починал под мистериозни околности откако му откажале сите органи. Иако причината за неговата смрт не била откриена, се претпоставува дека несреќниот градинар најверојатно починал откако имал контакт со растението по име лутиче (латинско име: Aconitum napellus), кое припаѓа на родот скриеносемени растенија. Најотровниот дел на растението е неговиот корен, но доволна количина на отров содржат и неговите листови. Невротоксините од растението може да се апсорбираат преку кожата, а некои од симптомите се мачнина, повраќање, вкочанетост и дијареја. Покрај овие симптоми, ова смртоносно растение ја забавува работата на срцето сѐ додека тоа целосно не запре да чука. Во 2010-тата година, една жена, Лаквир Синг, била осудена за убиството на нејзиниот љубовник откако му ставила лутиче во чајот.

Манчинелово дрво

Кои се најотровните растенија во светот?

Уште едно озогласено растение е манчинеловото дрво (латинско име: Hippomane mancinella), кое уште се нарекува и „дрвото на смртта“. Неговиот плод наликува на јаболко, па понекогаш се нарекува и „јаболкото на смртта“. Расте во јужните делови на Северна Америка и северните делови на Јужна Америка и толку е отровно што кога врне дожд, не се препорачува да се стои под него. Имено, органското соединение форбол, во комбинација со дождот може да предизвика тешки изгореници. Горењето на дрвото исто така не се препорачува, бидејќи чадот е токсичен и може да предизвика привремено слепило на личноста која се наоѓа во негова близина. Едно консумирање на плодот може да убие.

Рицинус

Кои се најотровните растенија во светот?

Покрај своите раскошни црвени плодови и неговата широка примена во народната и алтернативната медицина, рицинусот (латинско име: Ricinus communis) е многу отровно растение. Отровни се сите негови делови, но најголема концентрација на токсини содржи неговото семе. Симптомите на труење со рицинус се повраќање и дијареја кои можат да траат со недели додека не настапи смрт поради откажувањето на некои органи.

Раково око

Кои се најотровните растенија во светот?

Растението раково око (латинско име: Abrus precatorius) содржи една отровна супстанца наречена абрин која се наоѓа во изразено црвените семки кои пак се користат во изработката на накит. Само едно семе од растението кое расте во Индонезија може да биде фатално за човечкиот организам, но само доколку се изџвака.

Самоубиствено дрво

Кои се најотровните растенија во светот?

Доволно е да го слушнете неговото име и да знаете дека не треба да се приближувате до ова растение. Самоубиственото дрво (латинско име: Cerbera odollam) расте во Јужна Азија и Керала, провинција во Индија. Отровни се сите негови делови, почнувајќи од коренот па сѐ до самиот цвет. Според последните истражувања, во последните неколку години во Индија биле пријавени дури 500 смртни случаи поради труење со ова растение, од кои голем број се прогласени за самоубиство. Растението содржи тежок отров кој го напаѓа срцето и ја запира неговата работа по само неколку часа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар