Дали може да постои „Силата“ од филмот „Војна на ѕвездите“?

Дали може да постои „Силата“ од филмот „Војна на ѕвездите“?

Како што почнаа проекциите на најновото продолжение од добро познатите филмови „Војна на ѕвездите“ (Star Wars), повторно се поставуваат очигледните прашања: Дали има што било во науката, особено во квантната физика, што наликува на Силата? Дали предметите може да бидат контролирани од кое било растојание? Можеби модерната физика има некаков одговор.

dali-mozhe-da-postoi-silata-od-vojna-na-dzvezdite-kafepauza.mk

Во оригиналниот филм, Оби-Ван Кеноби му кажа на Лук дека Силата ги опкружува, влегува во нив и дека го држи универзумот заедно. Модерните физичари знаат дека постојат 4 фундаментални сили – две нуклеарни, електромагнетната сила и силата на гравитацијата. Сите овие имаат задача да ја држат материјата заедно, од најмалиот атом до најголемите планети.

Но, изгледа дека ова не се силите кои нам ни се потребни. Стариот Бен Кеноби, Јода, и евентуално Лук можат да комуницираат телепатски на големо растојание, како и да мрдаат предмети со нивните умови. Дали ова е нешто што би можело да биде возможно? Што кажуваат законите на физиката?

Ајнштајновата теорија за релативност постави некои граници за тоа колку брзо можеме да комуницираме – крајната граница на брзината е онаа на светлината. Па ако сакате да испратите порака до Алдеран за да ги предупредите жителите за нападот, секогаш ќе има одложување. Дури и да сакате, нема да можете да ги предупредите навреме бидејќи на светлината ѝ е потребно време за да ја пренесе пораката. Значи Бен Кеноби не би можел да почувствува вознемирување во Силата секунди по уништувањето на планетата. Или пак може?

Што вели квантната физика за пренесување информации на огромно растојание?

За жал не можеме да ја поминеме границата за брзина на Ајнштајн, па дури и да го имавме леталото на Хан Соло. Сепак, со трик од квантната механика можете да поврзете 2 честички на посебен начин, да ги одделите, а потоа да ги набљудувате ефектите кои ги имаат една на друга на големо растојание. Ова е познато како квантно поврзување – поставување на два предмета во истата квантна состојба.

Поврзувањето може да биде демонстрирано во лабораторија со честички светлина. Кога овие честички, или фотони, се наоѓаат на големо растојание една од друга, тие сепак се поврзани. Ако ја измерите едната честичка, веднаш ќе можете да ја одредите состојбата на другата без разлика на растојанието меѓу нив.

Всушност, кога Џорџ Лукас го пишувал оригиналното сценарио за „Војна на ѕвездите“, на ум ја имал квантната теорија. Во 1960-тите и раните 1970-ти, луѓето кои го следеле движењето „Њу Ејџ“ сметале дека квантната поврзаност е „сила“ која навистина нè држи заедно. Ова водело до идејата дека сите сме поврзани на некој начин и дека навистина постои врска помеѓу секое живо суштество и универзумот.

Но, има и недостатоци. Ефектите на квантното поврзување се премногу мали за секојдневни предмети. Ако Кајло Рен бил физичар, тој би можел да направи неколку фотони да бидат квантно поврзани, но речиси сигурно нема да може да сопре ласерски зрак.

Сепак, во светот на физиката на кондензирана материја, науката за цврсти тела, поврзаноста е почеста. Овие физичари ја проучуваат поврзаноста на милиони честички, и многу често завршуваат со неверојатни резултати, како на пример суперспроводливост. Овие нови феномени, како Мајснеровиот ефект каде што магнетите лебдат над суперпроводниците, се вид квантна поврзаност или „сила“ која делува на големо растојание. „Силата“ на квантната поврзаност навистина се буди во овие нови квантни материјали.

Па сепак има и некоја вистина зад Силата, барем од специфична гледна точка. Квантната поврзаност игра голема улога во модерната физика и ги поврзува материјата и енергија. Сепак, оваа поврзаност е навистина тешко да се демонстрира во поголем размер, а уште потешко е да се набљудува кај живи суштества.

Но што е со Силата како енергетско поле создадено од живите суштества? Физичарите само што почнуваат да ги истражуваат ефектите на квантната поврзаност во биологијата во релативно нова научна гранка наречена квантна биологија.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар