9 нешта кои ги научив откако ослабев 54 килограми

Денес, многу млади луѓе се соочуваат со проблемот на прекумерна тежина. Како што поминува времето, намалувањето на килограмите е сѐ потешко и потешко, а тоа и те како влијае на нивното психичко и физичко здравје. Незадоволството со тоа како изгледаат и, уште повеќе, како се чувствуваат, расте секојдневно, а тоа знае да направи навистина голема штета и да остави неизлечливи лузни. За среќа, многу луѓе решаваат да направат промена и да започнат со водење здрав живот, правилно да се исхрануваат и со вежбање да го одржат телото во форма. Приказната на Кет Елиот, млада девојка која долги години водела борба со килограмите, е навистина за инспирација, а нештата кои таа ги научила се животни лекции наменети за секого.

(1)-9-neshta-koi-gi-nauchiv-otkako-oslabev-54-kilogrami-kafepauza.mk

„Не бев секогаш среќна, здрава и самоуверена личност. Всушност, порано бев дебела и депресивна, личност зависна од брза храна и алкохол која постојано одеше по забави. Сѐ уште има денови кога не се чувствувам најсигурно, но сѐ се сведува на тоа да не дозволиш тие малубројни денови да станат редовна појава во твојот секојдневен живот.

Премногу често ги бараме нашите недостатоци и постојано ги минимизираме сопствените доблести. Со години се омаловажував себеси физички и психички во врска со мојот изглед, си кажував дека не сум доволно добра или достојна за што било. Дозволував туѓото мислење и осуда да влијаат на тоа како јас размислувам за себе. Во потрага по среќа, се хранев лошо со цел да се чувствувам подобро, а наместо тоа станав 109 килограми несреќна.

Одев во насока на прерана смрт сѐ додека еден ден не се освестив и не помислив Што по ѓаволите правиш? Свесно решив да си го променам животот. За две години изгубив 54 килограми и го исчистив животот од брза храна и негативни луѓе. Не беше лесно и имав и подеми и падови, но новиот начин на живот со тек на време ми стана навика.

Но годините на самоомраза и негативно зборување кон самата себе исто така влијаеја многу на мене. Тоа што го научив и кое треба да го запомнам засекогаш се следниве девет работи:

1. Во ред е да се сакаш себеси

Од некоја причина, од мали мислиме дека тоа што се сакаме себеси и сме самоуверени значи дека сме умислени и егоисти. Но отсега, па натаму, сакам да застанете пред огледало и да си кажете колку сте прекрасни и супер. Кажете го тоа гласно и горди на себе сѐ додека не почнете да верувате во тоа. На почетокот ќе ви биде тешко, но кога ден по ден се бориш за нешто значи дека кога конечно ќе го постигнеш тоа, навистина си го заслужил и треба да го цениш.

2. Осврнете се кон своето минато

Многу луѓе велат дека минатото треба да си остане минато, но нема ништо лошо во погледнување наназад и согледување на сите работи кои сте ги постигнале. Ако сѐ уште имате негативна енергија во себе, простете му кому што треба и продолжете напред со оптимизам.

3. Почнете да пишувате дневник

Пишувајте за нештата кои сте ги постигнале, за вашите стравови и соништа и искористете го за да ги зацврстите вашите ставови и да ги средите вашите мисли. На првата страна напишете си писмо до себе во кое ќе си се извините за негативниот начин на кој сте се однесувале кон самите себе и ветете си дека никогаш повторно нема да го направите тоа. Исто така, направете два списоци: првиот со нешта кои ќе ги направите бидејќи се сакате и цените себеси доволно, а вториот со работи поради кои се сакате себеси. Секој ден додавајте по една работа на тој список. За многу кратко време ќе почнете да размислувате попозитивно и ќе ги согледате сите работи поради кои вреди да се сакате себеси.

4. Правете работи кои ве прават среќни

Наполнете ја кадата, одете на масажа, прочитајте книга, напијте се чаша вино, медитирајте, опуштете се и слушајте музика. Направете нешто само за себе без да чувствувате каква било вина поради тоа. Ова е основно за вашата среќа и не значи дека сте себични. Не само што ќе се чувствувате подобро, туку и вашата позитивност ќе влијае на луѓето околу вас. Одвојте време секој ден за да се освежите, да погледнете кон себе и да уживате. Ова е ваш живот.

5. Започнете го секој ден со љубов и намера

Разбудете се секое утро свежи. Исклучете го алармот и дајте си неколку минути да се освестите, длабоко земете воздух и потсетете се колку сте среќни што сте живи, спомнете си поради што сте благодарни, што ќе направите тој ден и што сакате во врска со себе.

6. Престанете да се извинувате

Сите се имаме навикнато да се извинуваме и за најмалите и наједноставни грешки, што дури и се извинуваме без навистина да го мислиме тоа. Со тоа му ја намалуваме вредноста на зборот, што е мал проблем во поглед на тоа дека си ставаме во глава дека постојано грешиме.

7. Негувајте го своето тело

Негувајте го своето тело со здрава храна и одвојте време за вежбање. Така си давате до знаење дека здравјето ви е приоритет и ќе се чувствувате подобро.

8. Побарајте помош кога ви е потребна

Супер чувство е кога ќе сфатите дека не сте суперхерои и дека не се очекува од вас со сѐ да се справите сосема сами. Не плашете се да поразговарате со пријател, член на семејството, вашиот партнер или, пак, психолог и едноставно да побарате помош.

9. Очекувајте подеми и падови

Никој не е совршен и сите прават грешки. Ако застраните од навиките, изедете нешто што вообичаено не би изеле, направете нешто што не е типично за вас, едноставно соочете се со тоа што се случило, научете од тоа и продолжете понатаму со позитивно размислување, достоинство и високо крената глава.

Бидете добри со себе и со другите. Вие сте достојни на вашата љубов.“

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар